Брејкинг.нет e нов сатиричен медиум кој објавува забавни вести од македонското секојдневие. Тука ќе прочитате дека „Тројца Хунзи се повредени во тепачка поради политичка криза во Македонија“, за како „Во Скопје е отворен Факултет за менаџмент менаџмент“ и како властите ќе обезбедат „Стипендија за последниот Македонец што не магистрирал“. Секако, сите наслови се пародии. Хунзите не ги интересира за Македонија, нема да има нов апсурден факултет, ниту пак ќе има стипендии за студентите. Ако последново ви звучи како да сте го прочитале од вистинските медиуми, тогаш ја сфаќате поентата на овие лажни вести. Нивната цел е да не насмејат, но и да ни покажат каде грешиме.
Интересно, тимот зад Брејкинг.нет вели дека проектот стартува со потешкотии наметнати од македонските медиуми. За нив предизвикот не е како да се напише и сподели хумористична вест, бидејќи теми и публика има многу, туку „како од вистинските вести да се направи сатира кога и тие самите се сатира?“. Еве што велат тие за својот сајт:
Зошто стартувате сајт за пара-вести кога има доволно хумор по македонските медиуми?
Токму така. Сметавме дека има потреба од место каде ќе има само хумор и сатира за да може да си ја работат останатите работата за која се создадени. Во последно време има голем број обиди да се вметнат „лажни вести” на класични (не мислиме традиционални) медиуми, практика која не секогаш има легитимни цели.
Работите со измислени вести, но сатирата и пародијата им дозволуваат на The Onion и Njuz.net, кои се ваша инспирација, да пренесуваат вести на свој начин кои медиумите ги игнорираат. Дали вие ќе ги истакнувате заборавените, но важни вести, или пак ќе се фокусирате на пародирање на актуелните вести кои се спинувани и политички мотивирани?
Рано е, постоиме само два дена, немаме само еден фокус, една цел. Сигурно ќе има вести со различнен тип. Она што го заклучивме првиве денови е дека е исклучително тешко да се излезе од медиумската рамка, мeдиумскиот наратив која не опкружува со години наназад. Се обидовме уште од самиот почеток да покриме повеќе различни теми баш за да посочиме дека нема политика да биде доминантна. За понатаму ќе видиме, секако треба да ја почекаме и реакцијата на публиката.
Хуморот е прифатен од сите, но, нели, не треба да се смета дека хумористичните и лажни вести го отсликуваат тоа што луѓето всушност го мислат пример за актуелна политичка тема. Прашањето е како ќе се поврзете со вистинското мислење на македонските граѓани, и како ќе го пренесете и спакувате во хумористична форма?
Сатирата е таа која е најголемиот преидизвик. Да се направи пародија да се отслика една реалност во огледало не е доволно само да се прикаже со доза на хумор. Тука доаѓа предизвикот. Ги гледаме примерите низ светот, но брзо сфативме дека едно е да читаш друго е да создадеш. Дополнителен предивик се и вистинските вести кои самите по себе се апсурдни, како на нив да направите сатира кога тие самите се сатира? Има време, не трчаме кратки патеки, дали сме успеале да постигнеме нешто ќе зборуваме за најмалку 1 година од сега. Медиум си е медиум, публика не се гради за 2 дена.
Имате идеја за сатирична вест? Слободно споделете ја со Брејкинг.нет тука.









