Децата од осумдесетите и деведесетите знаат дека денешните цртани филмови не се ни-пријди-ни-дојди на цртаните од минатото. Имаше посебна магија во Том и Џери, како и долгометражните класици како Луња и Маза. Иако секогаш ќе ги имаме таквите цртани за одново гледање, носталгично посакуваме да има повеќе нови содржини кои се дефинирани од таквиот визуелен стил. Играта на Valhalla Cats се труди да ве вовлече во едно такво носталгично доба. Но, за жал, завршува побрзо отколку што би сакале.


Дизни цртан (во форма на игра)
Stars in the Trash е наративен платформер кој комбинира истражување со решавање загатки. Тука и таму, ќе наидете и на неколку впечатливи акциони моменти, но, во сржтта на играта, имате слатка авантура во која играте со размазено маче кое сака по секоја цена да излезе од домот. Но, она што набргу ќе открие мачето е дека дворот на комшијата не е секогаш позелен и дека има скапа цена за плаќање кога се бара погача преку леб.

Суровите улични услови ја принудуваат мачката Мока да научи како да преживува и да посакува никогаш да не ни помислила за заминување од домот. Овие идеи, секако, се реализирани на слаток начин. Преку симпатични анимации и јасни, живописни цртежи, Мока (и вие) ќе навлезете во приказна за пронаоѓање другарство на неочекувано место, но и учење како да се цени она што се има.

Иако мачката и одредени ликови се целосно анимирани, позадините се, всушност, цртежи изработени со водени бои. Играта нема комплексни механики и повеќе остава впечаток на долгометражен цртан филм. А, толку и трае. Stars in the Trash ќе можете да ја завршите за два до три часа, што според нас, е единствениот минус во играта. Едноставно сакавме оваа носталгично и емоционално патување да траење повеќе. Но, како што и самата игра учи: потребно е да сме задоволни и да уживаме во она што го имаме. Ние апсолутно уживавме во Stars in the Trash и, со мали напори, ќе бидеме задоволни и со болно-кратката должина на играта.

Повеќе детали за играта
- Произведува: Valhalla Cats
- Издава: Valhalla Cats, IndieArk
- Жанр: авантура
- Платформа: PC
- Излезе на: 9 декември 2024