Во чест на пет годишнината, Bioware и Star Wars: The Old Republic тимовите ги наградуваат сите играчи со неодоливо симпатични и корисни подароци. Имено, сите оние кои ќе се вклучат во играта до 16 јануари, ќе можат да купат дом на Корусант или Дромунд Кас за само 5 кредити, наместо нормалната цена од 5.000 кредити. За уредување на домот, тимот ве наградува со 7 впечатливи слики кои можете да ги закачите на ѕидовите од вашата „тврдина“, со можност за бесплатно добивање по 50 парчиња од секоја слика.

Додатно, добивате симпатична џава која верно ќе ве следи и ќе ги разубави вашите движења со снегулки, а холостатуата на Сениа ви дозволува во кое било време и од која било дестинација да ги истренирате способностите по добивање одреден левел, што, ќе се сложите, е исклучително корисно нешто. Ветераните кои во последните пет години постојано биле претплатени на играта добиваат ексклузивна статуа на Галактичката Алијанса.
Зошто да ја играте Star Wars: The Old Republic?
Низ годините играта доживеа редовни и огромни надополнувања кои успешно вдахнуваат нов живот во играта. Star Wars: The Old Republic е бесплатна за играње и има фер политика која не ги (премногу) ограничува таквите играчи. Најновата експанзија е вистинско ремек дело кое нѝ дозволува уште еднаш да се увериме во огромната моќ на Bioware да раскажат приказна од епски пропорции. За да го играте додатокот Knights of the Eternal Throne, меѓутоа, потребно е да имате месечна претплата, но можете бесплатно да го проверите првото поглавје така што ќе го посетите нашиот линк за препорака. Згора на тоа, доколку се претплатите барем на еден месец, ќе добиете додатни 500 картел парички (дигиталната валута за купување од продавницата). Ваквата промоција трае до 3 јануари!







