Ако со нешто се одликуваше Star Wars Battlefront од 2015 година, тоа беше спектакл во највисока форма, но само на површината. Дали поради немање кампања за еден играч, дали поради агресивните проширувања кои ги сегрегираа гејмерите, играта едноставно немаше што да понуди под површината на таквиот спектакл и многумина разочарано се повлекоа од насловот.
EA не сака да ги направи истите грешки, па во изработката на Star Wars Battlefront 2 активира три студија – DICE (мултиплеер), Criterion (дизајн на возила) и Motive (приказна). Резултатот од таквата заедничка соработка произлезе со трејлер кој ги изненади и освои срцата на фановите.
Кампањата во Star Wars Battlefront 2 започнува со уништување на втората Death Star, на крајот од Return of the Jedi, но сите патешествија од таквите збиднувања се прикажуваат од перспектива на царството, а не на републиката. Целта на студиото Motive е да пробаат да ја извртат таквата победа во загуба. А, ако некој може мајсторски да го изведе тоа е Волт Вилијамс, главниот писател кој стоеше зад феноменот насловен како Spec Ops: The Line– игра која во 2014 година можеби не освои срца со борбениот гејмплеј, но ја шокираше гејмерската популација со неверојатна приказна и никого не остави рамнодушен.
Низ кампањата, во најголем дел играте со Ајден Версио, елитен војник кој ќе даде сè за да ја одржи лојалноста кон царот. Студиото Motive ја има одбрано токму Ајден и нејзината единица Inferno Squadron затоа што сакаат да обработат ликови кои инспирираат верба во империјата и чии достигнувања ги охрабруваат децата низ царството да се приклучат во академијата и верно да му служат на императорот.
Неколку нови идеи ќе бидат дел и од кампањата и од мултиплеерот. Па така, играчите ќе имаат роботи, најверојатно дронови, кои ќе ги дружат низ двата режими на игра, а претходно дефинираните класи ќе можете дополнително да ги уредувате со променлива опрема и способности за возила. Мрежниот дел ќе поддржува до 40 играчи и тоа низ мапи кои се поставени во најразлични временски периоди во Star Wars универзумот. Некои од мапите на кои ќе може да навлезете во епски пресметки ќе бидат Vardos, Yavin IV, Kamino, Endor, Starkiller Base, Mos Eisley и Hoth, придружени од единици кои се својствени за временскиот период и територија. Војниците, хероите и возилата ќе можат да се прилагодуваат. Па така, самите возила имаат модови, способности и опрема. Самите херои (од кои се потврдени Luke, Kylo Ren, Rey, Jango Fett, Darth Maul и Yoda), ќе се одликуваат со поверодостојно управување, но нема да се критични во битките затоа што доволно надграден војник може да стои рамо-до-рамо со Darth Maul.
Вселенските битки ќе бидат со надграден борбен систем, а осмислени од студиото кое стои зад Burnout серијалот. Criterion се има заземено да понуди повеќе и поразновидни вселенски летала.
Star Wars Battlefront 2 излегува на 17 ноември, а подетални информации се очекуваат на овогодишниот Е3 настан.