{mosimage} Во интересна колумна во весникот „Дневник“, Срѓан Керим пишува за „новиот светски поредок на медиумите“ и за тоа дека традиционалните медиуми треба да се прилагодат на новото дигитално време. „Работата е во тоа што медиумската индустрија е на крајот на транзицискиот период и навлегува во Новата Ера. Кога велам медиумска индустрија ги имам на ум „старите медиуми“, како што не’ етикетира интернетот, а можеби и како што се чувствуваме. Дали навистина ја изгубивме моќта? Фала Богу, не ја изгубивме. “
Г-дин. Керим е директорот на „Медиа принт Македонија“ кои се преставници на WAC групацијата во чија сопственост се македонските весници „Дневник“, „Утрински“ и „Вест“. Земајќи го ова во обзир, како и темата на неговата колумна, дали треба да очекуваме овие весници, па и сите весници/медиуми во Македонија повеќе да навлезат во дигиталната ера?
„Часовникот одбројува! Мора да ги поврземе во линк-економијата, интернетот, познавачите на интернетот, поврзаноста, отворените платформи врз затворените системи, дистрибуцијата, вредноста на омрежувањето, слободните содржини, содржините што ги произведуваат корисниците, мобилното, дигиталното, мултиплатформското, електронските читачи итн.“ пишува г-дин. Керим во својата колумна „Добре дојдовте во трафиката на иднината“.
Неговото прашање е – како традиционалните медиуми да се позиционираат во еден ваков „медиумски пејсаж?“. Ова прашање е едно од главните теми низ светот во врска со медиумите.
Пример, американскиот медиумски могул Руперт Мурдок, кој е сопственик на голем број влијателни весници, најави дека ќе ги тргне тие весници од Google News. Но од друга страна, Wall Street Journal, во сопственост на г-дин. Мурдок е затворен весник, се плаќа за негова содржина, а сепак ако го пребарувате Google ќе добиете пристап до истата таа содржина. Тоа не е грешка, туку намерен потег на WSJ да привлече интернет сообраќај на својот сајт. Друг пример е Associated Press кои најавија дека ќе наплаќаат по збор.
Контра на AP, Reuters рече дека луѓето слободно можат да линкаат до нивната содржина.
Загатката на медиумите е како да се одржи публиката, како да се заработува од содржината за која медиумите плаќаат новинари и други ресурси, а да не се изгуби публиката од бесплатните вести.
{mosimage}
Интересно Г-дин. Керим го цитира Џеф Џарвис, познат новинар кој ја брани слободата на информацијата, наспроти затварањето на вестите зад ѕид со претплати.
„Така сакам новинските организации да гледаат на нас, како на луѓе кои ќе создаваат вести додека новинските организации додаваат вредност со испитување, коригирање, организирање, обучување, промовирање, продажба. Новинските организации и нивните новинари тогаш стануваат многу поефикасни бидејќи работат во соработка со јавноста. Така, повторно стануваат одржливи и профитабилни. А постои и нова контрола на дистрибуцијата. Интернетот сите не’ прави дистрибутери.“
Г-дин. Керим во својот текст пишува и за друштвените мрежи Facebook и Twitter, земајќи го американскиот „New York Times“ како пример на весник кој има бројни профили на друштвените мрежи.
„Не можеме само да седиме и да ги гледаме резултатите од напорите на американските медиуми кои се насочени кон последиците на Новиот светски медиумски поредок. Ги имаме истите неодговорени прашања, истата нестабилна економска средина, голем пад на приходите од рекламирање и тираж, ги намалуваме трошоците, отпуштаме од работа итн. И најмногу од се’, ја имаме истата волја да се обидуваме и да експериментираме. Што треба да сториме? “
Одговорот според г-дин. Керим е „агресивна содржинска стратегија и прифаќање на секоја платформа“.
„Треба да изградиме една ангажирана сервисна интернет-страница врз основа на теми каде што имаме кредибилен авторитет и да го прошириме нашиот апел зад границите… треба на компаниите да им го олесниме поврзувањето со клиентите на дигитален начин – онлајн и офлајн, зашто луѓето во маркетинг и реклама секогаш го следат крајниот корисник…Треба да ги истражиме сите можности во комуникација со потрошувачите и во полза на клиентите …“
Знаејќи ја позицијата на г-дин. Керим како директор на „Медиа Принт Македонија“, треба да се прашаме – дали да очекуваме (р)еволуција на македонските весници? И каква ќе биде таа (р)еволуција: претплати, слободна содржина, агресивни кампањи на друштвени мрежи…?
Доколку го пропуштивте погоре, еве го линкот до целата колумна.