Дигиталните часовници во Европа кои се синхронизираат преку фрекфвенцијата на напојувањето доцнат по неколку минути. Причина за доцнењето е спорот помеѓу Србија и Косово кој предизвикува фреквенцијата на електричната енергија да биде малку пониска од 50Hz, колку што е стандардот.
Поради ова доцнат диталните часовници во регионот помеѓу Шпанија до Турција и Холандија до Полска или речиси цел континентален дел со исклучок на Скандинавија и Балтичките држави. Причината за ова е што Косово не произведе доволно електрична енергија, објаснува SBS News.
Соопштението на Европската мрежа за транспорт на електрична енергија вели дека отстапувањата произлегуваат од реонот познат како SMM. Во овој регион се Србија, Македонија и Косово. Поради ова, дигиталните часовници на: будилниците, микро печките, шпоретот, термостатите и куп други уреди доцнат. Како што е вообичаена пракса во овој регион, причините се политички. Според косовскиот претставник, Србија го спречува увозот на електрична енергија од Албанија. Србија пак го обвинува Косово дека неовластено повлекува електрична енергија од европскиот систем. Без разлика кој е виновен, ENTSO-E вели дека ова мора да престане:
„Ова намалување на средната вредност на фреквенцијата досега не се случило во европската енергетска мрежа и мора да престане. Електричната енергија која недостасува во моментов е околу 113GWh. “
Поради падот на фреквенцијата часовниците доцнат 6 минути во периодот од средината на јануари до денес. Средната фреквенција во овој период била 49,996 Hz. Максимално дозволени граници на отстапување се 47.6 и 52.4 Hz. Сѐ што е над и под ова ќе предизвика автоматско исклучување на сите генератори и уреди, вели ENTSO-E.
Часовниците кои за синхронизирање користат кварцни кристали и понатаму си покажуваат точно време.
Синхрони часовници
Синхроните часовници користат фреквенција на електрична енергија за „отчукување“. Во зависност од мрежата часовникот брои 50 или 60 промени на електричната енергија за 1 секунда. При непроменливи товари одржување на оваа фреквенција константно не е проблем, но кога оптоварувањето е динамичко, а ова е општ случај, ова е малку потешко. Во општ случај правилото е дека во текот на 1 ден бројот на циклуси не отстапува воопшто. Секако ова не е случај овој пат, па часовниците доцнат.