Ова е гостински текст од агенцијата за маркетинг и адвертајзинг squareONE, кој е дел од IT.mk серијалот тeкстови на тема маркетинг и дигитални медиуми.
Секој бизнис сопственик е во потрага за креирање на најдобриот можен бренд идентитет. Причината лежи во моќта на креирањето на брза препознатливост меѓу потрошувачите.
Да, навистина е предизвик да се измери вистинската важност на логотипот и неговото влијание врз бизнисот.
За големите брендови кои што меѓусебно се конкуренти на националните и глобалните пазари изборот на логотипот отсекогаш бил важен. И навистина доколку ги замислите црвениот бик, сината птица или жолтата М буква, веднаш ќе знаете за кој бренд станува збор.
Со текот на времето потрошувачите започнуваат да ги гледаат ваквите брендови како социјални ентитети со историја, карактер и систем на вредности.
На крајот потрошувачите купувањето на производите го гледаат како рефлексија на тоа какви се самите тие.
Купувањето на еден производ наспроти друг, честопати е резултат на довербата која го поврзува потрошувачот со брендот кој го сака. Но, прашањето тука е, зошто е важен изборот на логотип и каква улога одигрува истиот во овозможување на оваа конекција?
Можеби ќе помислите дека развојот на логотипот е современа пракса на компаниите, но напротив визуелните знаци потекнуваат од историјата на човековата интеракција со сликите. Уште во времето на античката месопотамска цивилизација биле употребувани пиктограмите како средство за изразување на идеите и препознавање на плодовите од агрикултурата кои биле значајни за живот.
Важноста на сликите се гледа токму во нивната моќ да бидат запомнети во меморијата на човекот и неговите емоционални рецептори. Тие поттикнуваат одново и одново да се повикуваат специфични емоции, активности или искуства.
Така, кога луѓето распознаваат што означува симболот, тие лесно ја разбираат пораката која треба да ја пренесе истиот. Оттука, изборот на логотипот е важен, бидејќи секогаш ќе ја поддржува визуелната комуникација. Логотипот не мора да биде буквална слика на вашиот бренд, туку тој треба да ја доловува суштината на компанијата. Добриот дизајн може да биде носител на духот и карактерот на вашиот бизнис модел, охрабрувајќи ги потрошувачите да научат повеќе за вас.
Лицето на брендот е токму логотипот и затоа истиот е клучен показател на професионалноста и конзистентноста на компанијата. Тој е алатка за позиционирање на бизнисот во потрошувачкиот свет, кој сè повеќе се заситува со визуелни симболи. Но, треба да се има во предвид дека голем број на пазарни лидери немаат лесно препознатливи логоа или визуелен идентитет. Нивниот успех лежи во довербата кај потрошувачите која во голем број случаи е подеднакво важна како и самото лого. Затоа, наш предлог е секогаш да се фокусирате на двете стратегии истовремено, односно да изградите доверба преку нудење на добра услуга, а истото да го збогатите со избор на карактеристично лого, кое ќе ги потсети потрошувачите кој сте вие и кои се вашите вредности. На овој начин моќта на логото ќе ги зајакне вредностите на брендот и неговата предност.
Доколку пак, имате веќе воспоставен бизнис модел можеби се прашувате дали е важно да го зајакнете веќе постоечкиот логотип. Со други зборови дали вашиот визуелен идентитет е клучен, кога веќе имате воспоставена силна врска со потрошувачите?
Ребрендингот со сигурност претставува голем предизвик, па оттука не заборавајте дека честото повторување на визуелните симболи е допир до нова публика, бидејќи тоа е едноставен процес како луѓето учат и врежуваат информации во меморијата.
Креирањето на лого не е задолжително и можеби нема да ги изгубите постојните потрошувачи, но постои голема шанса да ги пропуштите моментите кога сте можеле да го привлечете вниманието на нов потрошувач.
Прашањето кое ние би сакале да го поставиме е тоа дали вие би сакале лицето на вашиот бизнис да биде празен квадрат?