Главна вест од минатата недела и во хардвер светот беа повисоките царини кои ги донесе администрацијата на претседателот Трамп. Речиси да нема сектор кој нема да биде погоден од царините, па ова веројатно е нормално. Сепак, од најинтересните вести го издвојуваме Nintendo Switch 2, камерата Piranha Plant, Project Kuiper и потенцијални нови уреди кои Apple ќе ги претстави оваа година.
Nintendo Switch 2
Минатата недела дознавме повеќе податоци за новата конзола на Nintendo: Nintendo Switch 2. Покрај ова, можевме да ги видиме и првите искуства на луѓето кои можеа да ја тестираат конзолата. Она што може да го заклучиме веднаш е дека Nintendo Switch 2 e поголем и подобар!
Хардвер
Ако ви се допаѓаше изгледот на конзолата досега не треба да се грижите. Иако е поголема конзолата го задржува досегашниот препознатлив изглед. Подобрување е новиот 7,9-инчен 1080p LCD дисплеј со динамичен рефреш, и поддршка до 120Hz и HDR. Иако Nintendo се откажа од OLED екран, дисплејот е посветол од неговиот претходник.
Со зголемувањето на конзолата се отвори простор и за некои новитети кај контролерите кои до сега не беа присутни. Контролерите иако поголеми се ергономски подобрени, па полесно ќе „лежат“ во рака. За конзолата се поврзуваат магнетски. Најголемиот новитет кај нив е што ќе може да се користат и како стандардно компјутерско глувче.
Друга добредојдена вест е дека дискот на конзолата сега е многу поголем. Nintendo Switch 2 доаѓа со 256 GB диск и поддршка за microSD Express картичка за дополнително проширување. За гејмерите кои сакат новата конзола да ја поврзат со телевизорот, новиот док доаѓа со 4К излез.
За остатокот на хардверските спецификации за жал ќе мора да почекаме.
Сепак главниот дел од претставувањето на конзолата беше социјалниот дел. Switch 2 доаѓа со функции како Game Chat и споделување на екранот. Камерата овозможува споделување на лице во реално време за време на играње. Функционалноста GameShare овозможува играчите да споделуваат игри локално со три други Switch 2 конзоли.
Цена и игри
Иако Switch 2 е значителна надградба на актуелната конзола, сѐ не е позитивно. Конзолата е поскапа од претходникот и во САД ќе се продава за 449 долари. Оваа цена може да биде и повисока, откако САД воведоа повисоки царини. Цената на Switch 2 Pro контролерот е 80 американски долари.
Она што веројатно најмногу ќе ги погоди гејмерите е цената на видеоигрите. Цената на новите игри за Switch 2 се очекува да биде од 80 долари за дигитално, до 90 долари за физичко издание. Дури и демо играта од Nintendo „Welcome tour“, која ги покажува можностите на конзолата не е бесплатна!
По објавувањето на Switch 2, администрацијата на претседателот Трамп објави нови царини на стоки од Јапонија, Кина и Виетнам, каде Nintendo го произведува својот хардвер. Како одговор, Nintendo ги одложи пред-нарачките во САД. Претпродажбата требаше да започне на 9 април. За да го процени потенцијалното влијание на овие царини и условите на пазарот, Nintendo барем засега ќе почека со најавата за САД.
Во остатокот од светот Nintendo Switch 2 ќе биде достапен во продажба од 5 јуни 2025 година. Оваа дата моментално останува непроменета.
Piranha Plant го украде шоуто на Switch
Секако најголем дел од ентузијастите беа заинтересирани за Nintendo Switch 2 и сѐ поврзано со новата конзола. Сепак, камерата Piranha Plant од Hori барем накратко го украде шоуто на конзолата.
Nintendo веќе има камера која ќе ја продава со Switch 2. Официјалната Switch 2 не е лоша, но не е ништо посебно. За среќа Nintendo дозволува и на други производители да прават свои веб-камери.
Еден ваков уред е камерата Piranha Plant за Switch 2 од Hori. Камерата како што може да заклучите од името, има форма на Piranha Plant, a саксијата во која е поставена камерата може да се користи и како USB приклучок.
Освен што изгледа одлично, камерата е и 20 евра поевтина од камерата на Nintendo.
Повисоките царини го погодија Apple
Apple е еден најпогодениот производител на апарати од повисоката царина во САД. По објавата за повисоките царини акциите на Apple паднаа од 223,60 американски долари (2 април) на 188,38 американски долари (6 април). Причината за падот главно е поради 34 отсто повисоките царини на кинески стоки.

Дел од експертите сметаат дека повисоката царина нема да влијае на повисока цена на телефоните. Големата маргина на заработка му овозможува на Apple да ја задржи цената како што е сега со iPhone 16. Сепак, веќе со следниот модел може да се очекуваат значително повисоки цени на телефоните и на уредите од Apple во САД.
Една од целите на повисоките царини е враќање на производството назад во САД. Иако Apple има некакви производствени капацитети во САД недостатокот на инфраструктура и високите трошоци веројатно ќе влијаат негативно на отворањето на фабрики во САД. Во моментов е многу поверојатно дека Apple ќе продолжи да ги произведува телефоните во Азија, а ќе се обиде да пронајде начин да ги надмине загубите поради царините. Дополнително, по истекот на мандатот на Доналд Трамп новиот претседател можеби нема да води иста царинска политика.
„iPhone и неговата мрежа на специјализирани добавувачи на компоненти се поинаква приказна. Дури и ако Apple воспостави синџири на снабдување, работна сила и производствени капацитети за iPhone во САД, трошоците би биле премногу високи, веројатно повеќе од влијанието на тарифите. Овие тарифи се спроведуваат преку извршна наредба, а не преку Конгресот, така што новиот претседател може да ги промени за четири години.“, пишува Verge.
Amazon е подготвен да лансира конкурент на Starlink
Amazon се подготвува да влезе во конкуренција со Starlink на Елон Маск со лансирањето на Project Kuiper. Почетокот на проектот е веќе оваа недела со лансирање на првите 27 сателити. Компанијата веќе има дозволи за 80 лансирања. Секое од овие лансирања ќе „испорача“ десетици сателити во ниска орбита. Сѐ ќе започне со KA-01 и лансирањето на Atlas V од United Launch Alliance, закажано за 9 април.
Планот на компанијата е да создаде соѕвездија од сателити, слични како Starlink. По ова компанијата ќе започне со испорака на широкопојасен интернет. Лансирањето на услугата е закажано за оваа година. Amazon има партнерства со Arianespace, Blue Origin и SpaceX за лансирање на други сателити од Project Kuiper.
Како и Starlink и интернет сервисот на Amazon ќе биде достапен насекаде низ светот. На корисниците ќе им бидат потребни антени и ќе можат да се поврзат од секоја локација на земјата. Amazon ќе нуди различни големини на антени, вклучувајќи мала седуминчна антена која нуди брзини до 100Mbps. Процената е дека цената на терминалите ќе биде под 400 американски долари.
Прво сателитско соѕвездие на Amazon
Првата генерација на сателитскиот систем на Amazon ќе се состои од повеќе од 3,200 LEO сателити. Сателитите ќе летаат со брзина од 17,000 mph (27,359 km/h), на 630 km над Земјата, и ќе кружат околу планетата за околу 90 минути.
Сателитите на KA-01 се обложени со „диелектричен огледален филм уникатен за Kuiper“ кој ја расфрла рефлектираната сончева светлина, намалувајќи ја нивната видливост за астрономите.
Лансирањето ќе биде прв поголем тест за Project Kuiper. Amazon веќе имаше тест летови и повеќе тестови на земја, но некои работи можат да ги дознаат само во лет.
Apple оваа година ќе лансира iPad Pro и MacBook Pro со M5 чип
Apple би можел да лансира нови уреди со нивниот M5 чип уште оваа година. M5 iPad Pro е во напредна фаза на тестирање и се очекува да влезе во производство во втората половина од годината. Ако Apple го следи својот вообичаен распоред, Apple M5 MacBook Pro веројатно ќе го видиме наесен. Овие лансирања ќе донесат значителни подобрувања во перформансите и ефикасноста на уредите, благодарение на новиот M5 чип.
iPad Pro со M5 ќе донесе новини, но нема да биде првата генерација на iPad Pro со модем произведен од Apple. Според Гурман од Bloomberg, првиот уред со модемот на Apple ќе излезе во 2027 година со моделите M6, на кои Apple веќе работи. Веста доаѓа по лансирањето на првиот модем на Apple, C1, во iPhone 16e во февруари, кој досега се покажува како успешен.









