Искрено се сомневаме дека има некој кој сеуште нема слушнато за Sonic the Hedgehog. Овој серијал постои уште од далечната 1991 година.
Првите игри стануваат до тој степен популарни да издавачкото студио SEGA целосно се посветува на градење силна медиумска франшиза, редовно исфрлувајќи не само книги и стрипови, туку и цртани, филмови, како и брендирана стока. Она што можеби не знаат сите е тоа дека има излезено точно 95 игри за Sonic the Hedgehog! Во оваа прилика, би сакале да разговараме за последната, 95 игра.
Sonic X Shadow Generations е неверојатно ремек дело кое нуди две прекрасни дигитални задоволства. Од една страна, ви дозволува уште еднаш да го искусите хитот од 2011-та година, но во поубаво графичко опкружување. Од друга страна, пак, ви дозволува целосно да се изгубите во нова авантура поврзана со Shadow Sonic. Останете со нас за да заеднички дознаеме зошто оваа игра има 97% позитивни рецензии на Steam!


Слобода на движење и платформско лудило
SONIC X SHADOW GENERATIONS е колекција од две игри. Секоја од игрите успева да понуди уникатно искуство, пружајќи впечатлива забава за носталгичните фанови.
Првата игра е верен римaстер на една од најдобрите Sonic игри. Доколку го игравте хитот од 2011-та година, тогаш првиот дел од оваа колекција ќе ви биде пријатно познат. Низ римастер верзијата на Sonic Generations поминувате со модерната или класичната верзија на Соник, движејќи се низ добро познатите мапи од основната верзија.

Mногу љубов и внимание е посветено на разубавување на креативните мапи, пружајќи задоволително чувство на брзина, независно од тоа дали се движите низ дводимензионалните или тродимензионалните мапи. Меѓутоа, флуидноста на движењето и факторот на забавата се за нијанса повисоки кога играте со модерниот Соник низ тродимензионалните мапи.
Класичниот Соник некако не успева на ист начин да ве импресионира со респонзивноста на контролите, особено доколку сте ги играле надалеку популарните Sonic Mania и Sonic Origins. Овие две игри се одликуваат со модернизирани механики кои пружаат пофлуидна интеракција во дводимензионалното опкружување. Поради тоа, можеби би ви требало мало привикнување на застарениот начин на управување. Ова е далеку од голем минус или значителен проблем, туку само една мала забелешка.
2Д мапите ги поминувате со класичниот Соник, а 3Д мапите ги поминувате со модерниот, по редослед кој вам ви одговара. Ваквиот скок од дводимензионална на тродимензионална мапа нуди огромна свежина, забавна можност да поминете низ истото, но од целосно нова перспектива.
Немаме апсолутна никаква забелешка за управување со модерниот соник – движењата се респонзивни, а мапите прекрасно дизајнирани, целосно спремни да ви дозволат да развивате запрепастувачка брзина, да собирате прстени и да уништувате непријатели. Новите контроли позајмуваат од модерни техники на Frontiers, играта од 2022 година. Ни се допадна опцијата за префрлување на старите, класични контроли, чисто за да видите како играта се управувала на времето.



Светлината на сенките
Завршување на Sonic Generations само го означува почеток на вашата авантура. Имено, втората игра која ќе ја најдете во оваа колекција е целосно новата Shadows Generations. Се работи за нова кампања каде имате за задача да го спречите смртниот непријател Black Doom да го освои светот.
Таквата ултимативна мисија, која и не е баш добро раскажана, ја реализирате низ мапи кои се сервираат во две форми. Имено, низ кампањата првин поминувате во тродимензионално опкружување, како што е и очекувано за Shadow Sonic. Но, по поминување на мисијата во 3Д, истата мапа е спремна за истражување во 2.5 форма.

Независно од формата, мапите се одлично дизајнирани, полни со невообичаени места, но и забавни механики за брзо движење и решавање креативни предизвици. Често ќе користите и ефикасни способности за уште побрзо трчање, скокање, или достигнување тешко-достапни места.
Во одредени ситуации, потребно е и да донесете избор во кој правец да се движите. Во други, потребно е да отклучите одредени достигнувања, како комплетирање на мисијата во одреден временски период. Поради ваквиот силен и уникатен дизајн, се охрабрува неколкукратно преигрување на стазите.

Дополнителна динамика помеѓу мисиите се воведува со хаб светот. Овој хаб свет го посетувате помеѓу мисиите за да да видите како се проширува и на какви се начини се наградува вашето макотрпно истражување.
За пофалба е огромната околина во која пркосно доминира белата боја, како и одличните можности за истражување, нешто што потсетува доста на Frontier играта. Управувањето и севкупниот изглед во Shadow Generations е забележително подобро од Sonic Generations.
Причината поради тоа е затоа што Sonic се заснова на првиот енџин, додека Shadow се заснова на Hedgehog 2 енџинот, истиот енџин кој беше користен за потребите на Frontier. Независно од користениот енџин, играта е одлично оптимизирана и во ниеден момент на наидовме на забележителни падови на FPS.

Незаборавна авантура
Ниту приказната ниту меѓу-секвенците нема да освојат никакви награди, но сѐ останато е само за пофалба. Одамна не паметиме кога последен пат сме си толку добро поминале буквално летајќи со екстра брзина низ преубаво дизајнирани светови.
Со шаренолика графика и прекрасни анимации, ќе имате креативни можности за максимално пркосење на физичките закони. Управувањето со Shadow Sonic е ново и крајно пријатно искуство, од користење проектили за зашеметување непријатели, преку паузирање на времето, па сѐ до лансирање на непријателите во воздух.
Згора на оваа, преубавиот хаб кој се проширува низ мисиите пружа одлична разонода помеѓу двете форми на мисиите. Би било исклучително нечесно да не ја споменеме и преубавата музичка подлога која одлично се вклопува во целата атмосфера, особено можноста вие да одбирате со која песна да лудувате низ мисиите.
Sonic Team имаат направено достоен римастер и прекрасна нова игра и навистина не ни е јасно зошто овој наслов толку лесно пролетува под радарот на многу играчи. Нам ни е посебно мило што поминавме низ играта и искрено се надеваме дека многу други играчи ќе и пружат подеднаква шанса!


Сите овие работи прават Sonic X Shadow Generations да биде игра која е вредна на вашето внимание, љубовно писмо до сите носталгични фанови. Дури и да не сте фанови на овој серијал, квалитетните механики пружаат забавна платформска игра која нема да ве остави рамнодушни, особено делот со Shadow!
Повеќе детали за играта
- Произведува: Sonic Team
- Издава: SEGA
- Жанр: акција
- Платформа: Microsoft Windows, конзоли
- Излезена на: 25 октомври 2024
Оценка
- Вкупна оценка: 9
- Приказна: 7
- Гејмплеј: 10
- Графика: 9
- Звук и музика: 10







