Иако сме големи фанови на животни симулации, имаме посебна љубов кон оние симулации кои се одликуваат со уникатна презентација и не се плашат дополнително да ја освежат формулата. Amber Isle е една таква симулација/ авантура каде сте сместени во праисториски период каде сите диносауруси имаат две клучни желби: да купуваат работи и да се дружат!

Релаксирачка слобода
На прв поглед, би можеле да помислите дека Amber Isle е игра првенствено таргетирана кон помладата публика. Шареноликата графика, разиграните анимации и ненасилните теми дефинитивно влијаат да се здобиете со таквиот впечаток. Но, под површината, Amber Isle крие пријатна длабочина со неколку интересни и забавни механики.

Paleofolk се викаат жителите во Amber Isle. Пред да навлезете во динамичниот свет, ќе биде потребно и вие да направите еден лик кој потсетува на диносаурус. Откако сте задоволни со поставените параметри за изглед ќе навлезете во светот и ќе ја добиете вашата прва мисија – продавач! Како најновиот жител во Amber Isle, ќе биде потребно да го истражувате светот, да собирате ресурси, да правите најразлични предмети, според потребите на граѓаните, и да ги продавате.

Овие механики се прилично едноставни и се засноваат на неколку кликови и листање низ менито за рецепти за да се одбере одреден предмет. Тоа што е едноставно, не значи и дека е здодевно. Напротив, има нешто магично во движењето низ преубавиот свет, собирањето различни ресурси и потоа нивното користење за правење предмети.

Најдобриот дел доаѓа откако ќе ги направите. Имено, вие сте газда, и вашата продавница ја уредувате онака како што мислите дека е најдобро, со менување на дизајнот на подот и ѕидовите, поставување различни подиуми на различни места и, на крај, поставување на предметите кои ги продавате. Штом сте отворени за бизнис, жителите ќе започнат со посетата, разговарајќи за нивните потреби и наговестувајќи што би можело да го разубави нивниот дом. Овде не се работи за едноставен купо-продажен процес. Потребно е да се ценкате, да нудите контра понуда или пак да земате нешто и под закуп.

Со профитите кои ќе ги заработите, ќе можете да работите на дополнително проширување и редизајнирање на продавницата, отклучувајќи и купувајќи дополнителни подови, ѕидови и декорации. Но, доколку сте расположени за несебични придонеси, ќе можете вашето влијание да го проширите и надвор од продавницата. Amber Isle е убаво место, но може да биде уште поубаво доколку решите парите од вашата заработка да ги искористите за дополнителни декорации на улиците. Ова, за возврат, ќе отклучи нови области од светот, давајќи ви можности за понатамошно истражување и дружење. Кога сме кај дружењето, жителите во Amber Isle се социјални животни. Секое од нив се одликува со различни карактери, потреби, дијалози и квестоци. За да го раздлабочите пријателството со некого, ќе можете да разговарате на различни теми, како и да пробате да им помогнете со нивните тековни проблеми. Мисите се едноставни, но дијалогот врши одлична работа во доловување пријатна атмосфера.

Ни се допаѓа Amber Isle. Со лесните дијалози, пријатните механики и релаксирачката музика, нашите сесии беа пријатно и релаксирачко искуство. Топла препорака доколку сакате да одморите од насилни ситуации и да се опуштите во бројни актиности за социјализација со слатки ликови.
Повеќе детали за играта
- Произведува: Ambertail Games
- Издава: Team17
- Жанр: авантура
- Платформа: Microsoft Windows
- Излезена на: 10 октомври 2024







