Денес вештачката интелигенција се повеќе се интегрира во секојдневниот живот на луѓето. Од напливот на вештачка интелигенција не се поштедени ниту креативните индустрии. Поради ова, кај дел од уметниците се појавува сериозна и веројатно оправдана загриженост за иднината.
Предлогот на британската влада да им се овозможи на компаниите за вештачка интелигенција да користат авторски заштитени дела за тренирање на нивните алгоритми без претходна дозвола, предизвика силен протест меѓу музичарите и другите креативци. Повеќе од 1000 уметници, меѓу кои се Кејт Буш, Дејмон Албарб и Ени Ленокс издадоа „тивок“ албум како симболичен протест против ваквите мерки.
Албумот, со симболичен наслов „Is This What We Want?“, содржи 12 песни (аудио снимки) од празни музички студија и музички сцени. Како коавтори на песните се потпишуваат Тори Амос, Били Оушн, The Clash, Ханс Зимер и уште многу други, пишува Guardian.
Секако идејата е на најдобар можен начин да се илустрира потенцијалната загуба на креативната енергија ако авторските права се заобиколат. Проектот треба да ја поттикне дискусијата за тоа како предлог-законот може да ги предаде животните дела на уметниците на корпорациите, оставајќи ги творците без можност за контрола над сопствените дела.
„Предлогот на владата ќе им ја предаде целокупната работа на музичарите во земјата, на компаниите за вештачка интелигенција, бесплатно, дозволувајќи им на тие компании да ја искористат работата на музичарите за да ги надминат.
Ова е план кој не само што е катастрофален за музичарите, туку е и тотално непотребен: Велика Британија може да биде лидер во вештачката интелигенција без да ја жртвува својата креативна индустрија.“, вели Ед Њутон-Рекс, композитор и поранешен заменик директор за аудио содржини во Stability AI.
За многу уметници и креативци, ваквите мерки претставуваат директна закана за нивната иднина и за иднината на целата индустрија. Гласовите на музички легенди како Пол Мекартни, Елтон Џон, Бјорн Улвеус од ABBA, повикаа на заштита на авторските права. Протестот е поддржан од медиумите и влијателни креативци. Заедно ја нагласуваат потребата од фер компензација и заштита на оригиналните креатори на музика.
Албумот e достапен на сите поголеми платформи за стрим помеѓу кои и Spotify. Средствата кои ќе ги заработат ќе бидат распределени во добротворни цели.
Поддршка на протестот на музичарите дојде од медиумите. Дел од нив на своите први страници излегоа со слоганот „Make it fair“. Повеќе јавни личности помеѓу кои Барбара Броколи, Стивен Фрај, Ендрју Лојд Вебер, Ед Ширан и Том Стопард ги поддржаа музичарите.
„Раст во градина не се поддржува со дозволување на сите штетници да се хранат со овошјето и цветовите, ниту се поддржува раст во економијата со дозволување на сите вештачки интелигенции да ги искористуваат плодовите на нашите креатори.“, вели актерот Стивен Фрај.







