Со проектот на Kamai Media прошетајте низ Хераклеја од пред илјадници години

во Вести

На само 20 минути пеш од центарот на Битола се наоѓа Хераклеја Линкестис, неверојатен прозорец во минатото. Денес, благодарение на извонредниот потфат на Kamai Media, на ова место беспрекорно се спојуваат врвната технологија и античката историја.

Замислете дека шетате низ раздвижените улици на античкиот град, дека го слушате ехото на одамна изгубените цивилизации и дека сте сведоци на величественоста на светот одамна изгубен во времето. Благодарение на исклучителната работа на Kamai Media ова извонредно искуство повеќе не е ограничено само во фантазијата

Битолската компанија која јавноста ја запозна со видеоиграта Sonder креираше вистинска – жива реплика на театарот од Хераклеја во виртуелната реалност.

Хераклеја Линкестис во виртуелна реалност им е достапна на сите посетители на локалитетот. При посетата ќе можат да ги искористат виртуелните очила Oculus Quest 2 и да прошетаат низ реконструираниот римски театар.

„Ќе имате получасовно искуство и за тоа време ќе можете да отпатувате назад до далечната двестота година од новата ера, ќе можете слободно да се движите низ реконструкцијата како да сте навистина таму, ќе можете да го контролирате времето и просторот и по нешто да научите за историјата на оваа битолска знаменитост“, велат од Kamai Media.

Светот на историјата и археологијата може да има извонредни придобивки со новите технологии. Виртуелната и проширената реалност овозможуваат ре-откривање на локации стари илјадници години и нивно истражување како низ времеплов. Ова може да биде исклучително интересно и за луѓето кои не ги интересира историјата на традиционалниот начин на кој се најчесто таа се раскажува.

За креирањето на римски театар од Хераклеа Линкестис во виртуелна реалност разговаравме со Петар Котевски, основач на Kamai Media.

Што ве инспирира да се нафатите да работите на ваков проект?

Првиот проект што го изработивме во виртуелна реалност беше тренинг за безбедна работа на рудари во рудници за јаглен. Тој проект беше изработен во CryEngine во соработка со турска компанија, и беше поставен во турскиот рудник за јаглен во Сома, каде помогна за тренинг на над 6000 рудари.

Откако го завршивме тој проект, претежно работевме на нашите проекти за видео игри. Еден ден нѐ посети еден пријател од локална невладина организација кој бараше интересна содржина од областа на културата и музејската поставка. Ние му го покажавме проектот со рудникот, кој и до ден денешен изгледа доста реалистично – и така падна идеја да се направи нешто во VR за Хераклеја. Тогаш тоа беше само маглива идеја и на тоа остана работата.

Подоцна излезе поголем проект за Хераклеја како дел од програмата за погранична соработка на ЕУ, и се створија услови идејата да се оствари.

Хераклеја е интегрален дел од растењето на секое дете во Битола. Нешто што е толку старо а толку достапно и интересно. Ни беше чест и задоволство да се обидеме да го вратиме во живот локалитетот и со помош на технологијата да си ги исполниме детските соништа за прошетка низ градот како што бил некогаш пред многу години.

Си ја сфативме работата многу сериозно и потрошивме многу време и енергија за да го доловиме тогашниот сјај на градот на најреалистичен и на музејски издржан начин.

By Revizionist, CC BY-SA 3.0, https://commons.wikimedia.org/w/index.php?curid=7999068

Која технологија ја користевте за креирање на виртуелна Хераклеја?

Проектот е дизајниран да работи на Oculus Quest 2, најмногу бидејќи работи без контролери. Контролата во апликацијата е со поглед и со реалните, тракирани раце на корисникот. За изведба на проектот користевме Unity и посебен API за контрола и рендеринг преку Meta Oculus Quest. Моделите се направени во 3DStudio Max и во Blender, а текстурирани се во Substance Painter. Сѐ во апликацијата, почнувајќи од целокупниот арт, па преку програмирање, до аудио водичите се направени од локален талент во Битола.

Користевте ли хардвер за скенирање на просторот?

Како дел од проектот ја прикажуваме денешната ситуација во Хераклеја, и за тоа користевме софтвер за фотограмаметрија, со кој го скениравме театарот во неговата сегашна состојба. Целокупниот дизајн и изведба на реконструираниот театар, онака како што изгледал во 200-та година од новата ера е комплетно моделиран од нула, се разбира според останки кои можат да се пронајдат на локалитетот и денес.

By Vaurien – Own work, CC BY-SA 3.0 de, https://commons.wikimedia.org/w/index.php?curid=7928798

Колку време и колку луѓе работевте на проектот?

На проектот работевме малку повеќе од една година, со ротирачки тим кој никогаш не содржеше повеќе од 4 членови. Во еден период тоа беа повеќе моделари и артисти за текстура, па во друг повеќе програмери итн. На проектот имавме и ангажирано и реставратор кој ни помогна да доловиме најреално како да го реконструираме театарот.

За театарот не постои никакво дефинитивно сведоштво за тоа како изгледал кога бил во употреба. Користевме најнови археолошки, архитектонски и историски истражувања да екстраполираме како најверојатно изгледал театарот. Покрај материјалот што денес може да се види во урнатините, користевме споредби со позачувани театри од истиот период на други локации низ светот.

Може ли да очекуваме слични „реставрации“ од Kamai Media во иднина?

Многу сме задоволни од резултатот, и ваквите проекти ни прават огромно задоволство при изработката. Тука сме група на историски ентузијасти, и би сакале да продолжиме да истражуваме и да помогнеме да се возобноват други места и други периоди од историјата. Гледаме на целиов овој процес како начин на конзервација на историско богатство, но и како начин тоа да се донесе поблиску до новите генерации. Би сакале понатаму да бидеме и поамбициозни и да внесеме уште повеќе интеракција во музејските поставки низ светот.

Моментално сме во преговори со повеќе локации низ светот за да донесеме нешто слично и кај нив.

Морам да кажам дека ваквото ниво на реализам, визуелен квалитет и интерактивност е ретко видено во музејската сфера. Ние имаме предност затоа што вообичаено работиме на високоперформантен софтвер (игри), па многу од триковите што ги правиме ни се најдоа во изведбата тука.

На што друго работите?

Моментално работиме на многу различни работи: работиме на нашата игра Sonder, на играта The Strange Story Of Brian Fisher заедно со нашите пријатели во Intetic. Работиме на turn-based AAA RPG што се вика Angelic која многу скоро ќе може да се игра во мултиплеер, и на голем број други проекти, првенствено поврзани со индустријата за видеоигри.

Остануваме и понатаму посветено студио за изработка на видеоигри – тоа е нешто што ни причинува задоволство и што сакаме да го работиме. Имаме тука во Битола собрано еден тим од еклектични индивидуи кои заедно можат буквално било што да произведат, и се надеваме дека во следниов период ќе можеме да го презентираме сѐ она на што работиме.

Kamai има интересна замисла наскоро да направи презентација/мини саем на кој ќе ги претстави сите проекти на едно место. Овие настани веројатно не се подалеку од еден месец, а ако нема промени ќе се одржат на локации во Битола и Скопје.

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Inline Feedbacks
View all comments