По неколку одложувања, Broken Roads конечно излезе на 10 април. За играта на развојното студио Drop Bear Bytes се очекуваше многу, дури и се одеше до тој степен да се често етикетираше како австралиска верзија и тејк на Fallout серијалот. Но, одредени багови и лоши дизајнерски одлуки не успеаја да ја прикажат играта во позитивно светло, поставувајќи ја на Steam со само 44% позитивни рецензии.

Најновото надополнување за Broken Roads, кое излезе при крајот на месецот мај, од петни жили се труди да ги исправи бројните проблеми кои играчите ги имаат со играта. Според блог постот на официјалниот сајт, за бројните исправки и содржини кои доаѓаат со надополнувањето, тимот се има целосно водено од рецензиите на Steam и од повртатните информации на самите гејмери. Доколку почнете да скролате низ постот, ќе забележите колосални исправки и проширувања, со што се покажува дека тимот никако не седел со скрстени раце.

Закрпата 1.2 првенствено се посветува на почетокот на играта, односно на четирите приказни кои се посветени на потеклото на вашиот лик. Статичната и линеарна формула сега е целосно раздрмана и играчите може да ги истражуваат сите почетни области во играта. Паралелно со тоа, сопатниците значително повеќе реагираат, па дури и почесто се појавуваат во одредени области или ситуации.

Од техничка гледна точка, покрај исправка на бројни багови, Drop Bear Bytes се имаат погрижено да имате побрз режим за истражување, како и таргетирање непријатели така што кликнувате на нивната слика. Доколку повторно навлезете во играта, ќе наидете на подинамично и попријатно искуство во скоро сите можни аспекти. Доколку сакате, ќе можете и да погалите бројни миленичиња, како мачки, кучиња и коали.

За оние кои никогаш не ја играле играта, Broken Roads е пост-апокалиптична cRPG игра која се игра од изометрична перспектива. Низ триесет часовната кампања ќе истражувате огромни напуштени територии, ќе донесувате значајни одлуки при интеракција со бројни ликови и ќе водите адреналински битки со сите оние кои пркосат на вашето размислување.

Уште на самиот почеток, може да се забележи дека играта е длабоко инспирирана од Pillars of Eternity, Disco Elysium, Fallout, Wasteland, Tyranny, Pathfinder, и, секако Baldur’s Gate, така да, доколку сте фанови на тие игри и сакате овојпат повеќе од истото, но на австралиска територија, тогаш сега се чини како добро време да ја проверите играта.

Повеќе детали за играта
- Произведува: Drop Bear Bytes
- Издава: Versus Evil, tinyBuild
- Жанр: cRPG
- Платформа: Microsoft Windows, конзоли
- Излезе на: 10 април 2024







