Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) ги повика сите кои имаат некаква идеја за дигитална или поинаква алатка која на граѓаните ќе им го олесни животот во епидемијата на коронавирусот COVID-19 со којашто се соочуваме во моментот.

Креатон е онлајн натпревар на кој ќе се одбираат најкорисни решенија за подобрување на квалитетот на живот во новонастанатите привремени услови. Алатките треба да се за различни групи и категории на граѓани. Според ФИТР, предложените решенија треба да бидат целосно применливи и во нормални услови, односно по прекин на вонредната состојба и превентивните мерки поврзани со коронавирусот, со цел дадените средства да се сметаат како придонес кон забрзана дигитализација на општеството.
„Предложеното решение треба да содржи креативна алатка за онлајн и/или интерактивни активности/анимација. Може да бидат наменети за различни категории на граѓани од различни возрасни структури, без ограничување. Решенијата треба да ги мотивираат и поттикнат граѓаните полесно да се прилагодат на новите услови, а притоа да се задржи одреден степен на квалитет на живот“, велат организаторите.
Натпреварот е во неколку фази. Во првата накусо треба да се достави кусо образложение за идејата. Потоа ќе бидат одбрани најдобрите решенија и поддржаните проекти ќе продолжат во втора фаза во кој треба да се развие целосната платформа.
Вкупниот буџет за предизвикот изнесува 10 милиони денари, со максимален износ по апликација од 10.000 евра во денарска противвредност.
Како примери и предлог решенија кои се бараат се:
- Решенија за полесно следење и ажурирање на информации од властите поврзани со коронавирусот
- Решенија за справување/превенција на лажни вести
- Решенија за помош на лица со потреба (пр. систем за помош/достава на храна за постари лица)
- Решенија за справување со предизвици со прекин на воспитно-образовниот процес (дигитални платформи за учење, онлајн училници..)
- Решенија за следење на извршување на работни обврски на вработени од дома
- Решенија за квалитетно искористување на слободното време во домот (е-книжарници, игри, натпревари, учење странски јазици, квизови)
и сл..
Како да аплицирате?
- Првин треба да доставите предлог проект (концепт) кој нема да е подолг од 3 страни во соодветен Word образец (преземи .docx)
- Одбраните предлог проекти ќе продолжат во втора фаза, каде со стручна поддршка од ФИТР ќе се изработи план на активности и финансиски план по што ќе следи онлајн презентација на проектите пред финална комисија која ќе биде назначена за избор.
- Крајната фаза е потпишување на договор за реализација на проектот со правен субјект
Сите заинтересирани имаат до 23 март да ги пријават своите проекти. Критериуми за евалуација се иновативноста, рокот и механизмите за реализација, капацитетот на проектниот тим и влијанието. А жири комисијата ќе биде составена од претставници на ФИТР, МАСИТ, Амбасада на Швајцарија, УСАИД, УНДП, УНИЦЕФ и други партнери на ФИТР.
Естонија оддржа сличен хакатон
Сличен хакатон неодамна одржи и Естонија, глобалниот пионир во дигитализација. На натпреварот се пријавија над 1000 учесници од 20 држави кои ги споделија своите идеи. За само неколку часа настанот стана најголем онлајн хакатон во Естонија, вели SiliconRepublic.
„Ова е пример на иницијатива што ги тера луѓето да бараат решенија за предизвиците со кои се соочуваме. Ширењето на коронавирусот е закана за нашето здравје и за општествено и економско опкружување. Важно е да се здружат силите и да се работи на решенија“, вели претседателот на Естонија , Керсти Каљулаид.
На хакатонот беа креирани неколку решенија, од платформа за пронаоѓање и поврзување на луѓе со ризик со волонтери од телефонски центар; до машина за дишење која треба да го реши проблемот со недостаток на респиратори.