Instagram на настан во Њу Јорк ја најави Instagram Direct, алатка преку која може да се споделуваат приватни фотографии, видеа и да се четува со индивидуални корисници. Instagram вели дека 150-те милиони корисници, од кои половина ја користат апликацијата секој ден, ќе можат преку Direct да споделуваат интимни и приватни моменти „од фотографија на дневното кафе до зајдисонце од врв на планина“.
„Има моменти во нашите животи кои сакаме да ги споделиме, но се само релевантни за помала група на луѓе, шега помеѓу пријатели сликана во движење, до специјални фамилијарни моменти, па дури и една фотографија од вашето кутре. Instagram Direct ќе ви помогне да ги споделите тие моменти“, вели основачот Кевин Систром на официјалниот блог.
Покрај приватното споделувае, ново за Instagram ќе биде и можноста за четување кое се започнува со фотографија. Instagram Direct е додадена како посебен таб во апликацијата, преку кој наместо да споделите јавна фотографија со сите, како што го правевте тоа до сега, отварате ново мени во кој ги избирате пријателите со кои сакате да ја споделите приватната фотографија. Откако пријателите ќе ја видат фотографијата, на неа ќе се појави знак за штиклирано по што ќе може да започнете со приватен чет. Приватните фотографии и видеа ќе може да ги споделите со најмногу 15 пријатели.







