Зошто да ја играте?
- Сакате да ги мачите помладите гејмери со предизвикувачки, но задоволителни гејмплеј механики
- Одличен ко-оп систем за заедничко истражување на преубавите мапи, како и соочување со внимателно дизајнираните противници
- Сладок дизајн и симпатични аудио ефекти и музичка подлога

Во случај да сакате да одиграте одлична ко-оп игра, викендов имате и тоа како добар избор. Вашето внимание можете да го поделите или на експлозивната, ултра забавна Split Fiction, или пак со крајно симпатичната, неодоливо слатка souls like Slime Heroes. Во случај да се одлучивте за вториот избор – добредојдовте! Тука сме да ви кажеме дека зошто никако не треба да го заобиколите чедото на Pancake Games и Whitethorn Games!

Слатки маки
Во симпатичнoто опкружување на Slime Heroes, играте со преслатко слајм суштество кое може да се бори, но и да скока или да пролетува низ кратки дестинации. Иако нема никакви комплексни напади, сепак е доволно забавно да се управува овој невообичаен херој, да се истражуваат бројните околини и да се уништуваат предизвикувачките непријатели и босови.
На почетокот, можете да користите само меч за вршење лесни и тешки напади, но, како напредувате низ играта така отклучувате повеќе оружја и шапки, секако (кога веќе се бори, нема ништо лошо во борење со стил!). Шапките, исто така, статистички зголемуваат одредени вредности ( брзина, критични напади) или пак отклучуваат предности секој пат кога одредни услови ќе се остварат (лечење при критични удари).

Покрај оружјата, ќе можете да користите и ултимативни способности, како вртолози. За секоја ултимативна способности, но и да „прикачите“ дополнителна фактори кои до некаде ја менуваат структурата на ултимативната моќ. На пример, можете да наместите пламенот што го исфрлате да се разнесува по одредена линија или да се врти 360 степени, како вртлог. Паралелно со тоа, можете и да наместите сите непријатели кои ќе бидат „закачени“ од моќтта да испуштат регенеративно срце. Еднаш штом ја отклучите оваа способност, играта ја губи првичната souls-liite тежина и станува исклучително лесна, барем така беше за нас (братанчето и понатаму се мачеше како да ќе нема утре). Во таа ситуација или гледате на играта како забавна hack and slash, или пак значително ја зголемувате тежината за да перцепцијата на souls lite структурата остане непроменета.
Препорачуваме да ја играте Slime Heroes со контролер. Така, искуството е многу подобро! Играта е и одлично оптимизирана и за Steam Deck!
Сите аспекти, од графиката и анимациите, преку дизајнот на мапите и менијата, па се до самите звуци и музичка подлога, е замислено да понуди релаксирачка атмосфера. Но, немојте и вие, како нас, да бидете излажани од таквата маска. Slime Heroes е слатко, но каприциозно суштество, барајќи од вас да имате добри рефлекси, трпеливост и неуморност, особено за време на пресметките со попредизвикувачките суштества.

Доколку имате пријатели, искуството е значително позабавно преку ко-оп модот на играта, но и како соло искуство, Slime Heroes знае пријатно да изненади и да пружи интересни топло-ладни моменти, збунувајќи (на позитивен начин) со релаксирачката зен атмосфера и предизвикувачките борби. Пријатно се изненадивме и од одредени загатки кои бараа малку размислување, координација и експериментирање, како загатката со уништување на трњето кое ја држи платформата.
Што повеќе удирате со ладните оружја, тоа побрзо го полните изворот за магии
Од време на време, ќе наидувате на светлосни гејзери кои ви дозволуваат да си ги излечите раните, да се надградите, или да вежбате во арената. Секоја интеракција, меѓутоа, допринесува до одново појавување на сите претходно уништени противници. Во поглед на надградбите, можете да станувате побрзи и посилни, како и да имате повеќе енергија или магиска моќ. Посакувавме системот за надградби да има малку повеќе можности, но, и вака како што е, работите навистина не се лоши, дозволувајќи ви навистина да почувствувате промена со константното инвестирање во одредена област.
Одредени статуи ќе ви дозволат да ислушате кратка приказна поврзана со лорот во светот
Би можеле да помислите дека мапите не се премногу големи и не пружаат преголеми нелинеарни можности за истражување, сведувајќи се, обично, на движење од една до друга точка. Ова е само првично мислење кое за брзо време станува погрешно. Доколку внимавате, често ќе наидувате на подзаскриени патеки кои ве водат до вредни богатства, како шапки или нови ултимативни способности.

Лесно импресионирани бевме и интересниот шаренолик контраст во поглед на дизајнот. Имено, низ едни мапи нема да бидете изложени на пренатрупаност од бројни графички елементи, оставајќи впечаток на минимилистички вонземни простори пополенети со скромна флора и уште поскромна пријателска фауна. Во други простори пак, ќе се пробивате низ густо пополнети шуми, прерасната трева, и слично. Независно од ова, имате бројни можности за забавно трчање и борење, особено локациите кои доаѓаат во втората половина на играта.
Енџинот е одлично оптимизиран, пружајќи солидни фрејмови дури и за послабите конфигурации.
Многу елементи ни оставаат впечаток како авторите да сакале да направат разблажена Dark Souls, но за деца. Не, дека Slime Heroes е игра во која може да уживаат само децата, напротив. Играта е забавна за сите возрасти, но сепак често помислувавме како ова би можела да биде интересна предизвикувачка игра за нашите помладата публика. Како и да е, едно е сигурно: Slime Heroes е солидна и забавна игра. Ко-оп или соло, шансите се дека пријатно ќе бидете изненадени од бројните непријатели, внимателно дизајнираните мапи и релаксирачката музичка подлога.

Повеќе детали за играта
- Произведува: Pancake Games
- Издава: Whitethorn Games
- Жанр: Акција, авантура
- Платформа: Microsoft Windows, конзоли
- Излезена на: 6 март 2025







