Sleep Awake: Кога сонот значи смрт

Sleep Awake e нов и амбициозен психоделичниот хорор зад кој стојат познати имиња како Кори Дејвис (Spec Ops: The Line) и музичарот Робин Финк ( Nine Inch Nails). Само овие две имиња се доволни за да ве привлечат да го проверите насловот. Но, што друго ќе пронајдете доколку се осмелите да загребете под површината на оваа хорор искуство?

Клучни карактеристики:

  • Психоделично визуелно искуство: Иновативен спој на рачно цртани елементи, манипулација со светлината и FMV технологија. Финалниот резултат е давење во една дезориентирачка хорор атмосфера.
  • Свет без сон: Уникатно апокалиптично опкружување каде заспивањето значи смрт. Ова го поплочува патот за крајно уникатен свет и движење низ општеството како низ бојно поле од догматски култови.
  • Аудитивна тензија: Ако некој знае како да го забрза пулсот и да ги нагласи халуциногените моменти во играта тоа е Робин Финк.
  • Опстанок преку интелект: Многу повеќе од Walking Simulator, играта се одликува со систем на играње кој ја отфрла директната борба во корист на тактичко прикрадување и решавање на просторни, едноставни загатки.

Пустошот на тишината

Дејството во Sleep Awake е сместено во последната преживеана човечка населба на Земјата, каде општеството се соочува со незамислив феномен. Секој поединец кој ќе заспие, едноставно исчезнува без трага.  Ваквиот настан преживеаните го нарекуваат „Тишината“. Немајќи друг избор, преостанатите луѓе прибегнуваат кон екстремни мерки и многу опасни, неконтролирани експерименти само за да останат будни. Ваквото нешто со текот на времето создрава застрашувачка, перманентна атмосфера на параноја и колективен очај. Но, зад постапокалиптичниот настан се кријат и други, многу поопипливи и крајно опасни непријатели. Дали ќе успеете да се спасите?

Мистериозното минато на дисторзиран свет

Дали? Ова е прашањето кој константно се врти во главата на младата Катја. Дали ќе заспијам? Дали ќе се спасам? Дали ќе ме најдат? Дали јас ќе најдам? Во свет каде што сонот е буквално еднаков на истребување, поставување прашања до излудување е единствениот луксуз кој го имате. Но, низа неочекувани ситуации ќе ја извлечат Катја од нејзината зона на комфор, а вас ќе ве принудат да ја водите низ урнатините на некогашната цивилизација, која сега е поделена меѓу различни фанатични култови и фракции. Екстремниве групи цврсто веруваат дека ги поседуваат единствените вистински методи за одржување на будноста, често практикувајќи морничави и неморални ритуали. Она што на крајот од 12-то поглавје добивате е успешно истражување на границите помеѓу реалноста, халуцинациите и просторот помеѓу животот и смртта. Студиото мајсторски раскажува феноменална приказна во еден ретко истражуван свет. 

Многумина брзаат да го етикетираат Sleep Awake како Walking Simulator. Ова апсолутно не е точно. Да, во голем дел од играта имате за задача да се движите од А кон Б, да ги слушате вашите внатрешни монолози и да стапувате во едноставна интеракција со одредени предмети. Но, тоа не е се. Насловот целосно се оддалечува од традиционалните акциони елементи и се фокусира на прикрадувањето и, во одредени, поретки прилики, интелектуалниот пристап. Снаоѓање со деформираните (натприродни) непријатели и нивните изопачени следбеници зависи исклучиво од вашата снаодливост, способност за незабележано движење и решавање на загатки интегрирани во самата околина. Благодарение на ова, се здобивате со континуирано чувство на ранливост и неизвесност. Во една ситуација треба да се криете од еден култ, во друга треба да бегате од „нешто“ (не кажуваме што), во трета треба да дишете внимателно за да пројдете низ одредени гасови, а во четврта треба да барате симболи за да подесите фрекенција која ќе отвори одреден сеф. Има многу интересни, иако кратки и едноставни, механики кои се трудат да го истакнат насловот како повеќе од Walking Simulator.

Психолошки немир

Играта, меѓутоа, највеќе сјае во поглед на визуелната и звучната презентација. Ова се клучни компоненти кои го дефинираат идентитетот на ова остварување и го издигнуваат нивото на имерзија за неколку скали погоре. Графичкиот дизајн комбинира детални, рачно изработени околини со невообичаена палета на бои и специфична, уникатна интеграција на видео секвенци со вистински актери. Ваквата визуелна насока, заедно со ефектите на прекршување на светлината, резултира со космичко хорор искуство кое намерно ги збунува сетилата на играчот. Звучното ремек дело на Финк дополнително ја засилува тензијата така што ве вовлекува во аудитивно патување кое варира од моменти на висок адреналин до надреални секвенци. Има одредени ситуации кои ги бомбардираат нашите сетила до тој степен цели се наеживме и скокнавме од креветот. Доколку издржите до седмото поглавје, тогаш точно знаете на што мислиме.  

Како интригантно дополнување на хорор жанрот, Sleep Awake нуди свеж и психолошко-тежок концепт за истражување. Отсуството на директна борба и потпирањето исклучиво на наративната тензија и скришното движење е одлично разработено, дозволувајќи играта да остави траен впечаток преку анализа на човечката психа која е доведена до апсолутните граници на нејзината издржливост.

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Inline Feedbacks
View all comments