Барањето стан во Скопје често не е едноставно и може да го споредите со работа со полно работно време. Помеѓу бескрајното скролање по огласниците и стравот дека најдобрата понуда ќе ви „избега“ пред нос, процесот е исцрпувачки. Но, што ако огласите ве бараат вас, наместо вие нив?
Ратко Костов, е софтверски инженер во USBC, Inc со фокус на backend развој и инфраструктура. Тој е професионалец со богато искуство во дизајн и имплементација на стабилни системи и решавање комплексни технички предизвици. Ратко ужива во процесот на градење сопствени проекти и реализација на идеи од почеток до крај, што му помогна да создаде решение за еден од најчестите проблеми во Скопје, напорниот пазар на недвижности. Неговиот проект, Станче Бот, за само неколку дена стана вистински хит кај луѓето кои бараат стан во Скопје.
Станче е Telegram бот кој ги известува корисниците секогаш кога ќе се појави недвижност со посакуваните критериуми. Секако автоматизираното барање им заштедува време на корисниците и го олеснува пронаоѓањето на новиот дом. За креирањето на алатката зборувавме со Ратко.

Од каде дојде инспирацијата за „Станче“?
Се најдов во ситуација да барам стан и забележав неефикасност во целиот процес кој бара премногу присутност од корисникот – постојано скролање и проверување нови огласи, од кои голем дел воопшто не ги исполнуваат посакуваните критериуми.
Тоа ме поттикна да си поставам предизвик да смислам решение што ќе го поедностави и автоматизира процесот, така што корисникот ќе добива огласи според точно дефинирани критериуми.
Зошто токму Telegram? Кои се предностите на користење бот наместо класична мобилна апликација или веб-сајт?
Бидејќи за проблемот кој го решавам е потребен само канал за комуникација на системот и корисникот, фокусот ми беше ставен на избор на најсоодветната платформа. Како потенцијални опции ги разгледав Viber, WhatsApp, Matrix и Telegram.
Го одбрав Telegram бидејќи нуди широк опсег на функционалности за градење на бот и едноставна интеграција. Со овој пристап нема потреба од развој на дополнителна мобилна или веб апликација.
Од корисничка преспектива, се намалува фрикцијата – нема потреба од инсталирање на нова апликација и креирање профил.
Можеш ли накратко да ни објасниш како ботот ги собира податоците? Дали користиш скрипти за scraping на постоечките огласници или имаш поинаков пристап?
Ботот користи јавно достапни огласи од Реклама5 и Пазар3. За таа цел, креирав своја scraping скрипта која се активира на одреден временски период и автоматски ги собира последните објавени огласи од сите општини. Собраните податоци потоа се обработуваат и филтрираат согласно однапред дефинираните критериуми на корисниците.
Што беше најтешкиот дел при програмирањето на Станче?
Искрено, не наидов на потешкотии, ама ако морам да издвојам, тоа би било дизајнирање на алгоритамот за дистрибуција на постовите без да делува како СПАМ пораки.


Колку често ботот ги „поминува“ огласниците? Колку време поминува од моментот кога газдата ќе го објави огласот до моментот кога корисникот ќе добие нотификација?
Моментално Станче ги проверува и ги собира најновите огласи на секој еден час. Времето од објавување на огласот до испраќање на корисникот зависи од повеќе фактори, поврзани со начинот на функционирање на scraping скриптата и поставките за време кои корисникот ги има одбрано.
Во најлош случај, доколку огласот се објави за време на скенирање, ќе биде регистриран на следното скенирање, па би се испратил приближно после 1 час.
Какви се бројките досега? Дали луѓето веќе почнаа активно да го користат?
После 5 дена од јавното споделување на Станче, има 219 активни корисници, 7143 огласи и 26821 испратени огласи до корисниците. Сметам дека за 5 дена овие бројки се одлични!
Моментално ботот работи само за Скопје. Дали планираш проширување во други градови?
Започнав само за Скопје за полесно да ја валидирам идејата, но наскоро Станче ќе почне да ги следи огласите од сите градови и општини во Македонија.







