После фијаското со Path, откако се покажа дека крадат контакт информации од iPhone и iPad и ги складираат на свој сервер без да побараат дозвола или да го информирааткорисникот, се отвори прашањето за севкупната безбедност на контактните информации на iOS уредите.
Path се извини за пропустот, американскиот Конгрес испрати писмо до Apple да праша за што станува збор и дали корисничките податоци се безбедни, а Instagram и другите апликации кои го користат контакт листите, тивко објавија надоградби со кои сега се бара дозвола од корисникот.
Според Gizmodo, иронијата во целата работа се состои во тоа што самиот Стив Џобс во едно интервју има изјавено дека приватноста е многу важен фактор за Apple, и дека имаат развиено систем за заштита, во случајот специфично за GPS информациите со тоа што пред да се дозволи пристап до тие информации на локална апликација, прво се доставува барање до Apple од каде што ви стига предупредување и објаснување дека ќе дозволите пристап ако се согласите со тоа.
„Прашајте ги секој пат.” вели Стив Џобс околу приватноста и информирањето на корисниците за тоа што се случува со нивните информации.
Овој пат изгледа дека Apple направи пропуст со тоа што не ги постави истите стандарди присутни кога локалната апликација пристапува до GPS информациите преку медијатор (Apple во овој случај) и кај контакт информациите на нивните мобилни уреди.
Стив Џобс во ова интервју тврди дека веќе неколку пати одбиле апликации што не ги задоволувале стандардите на приватност кои ги барале Apple. Се чини дека во овој случај оградената градина на Apple iOS апликациите можеби не успеа потполно да ја заштити приватноста, но сигурно нуди подобра заштита од не модерирани мобилни оперативни системи каде вашата приватност може многу полесно да биде пробиена од страна на љубопитни апликации или хакери.







