Летот на Икарус
Најпознатата платформа за дигитална дистрибуција, Steam, низ годините имаше огромен и профитабилен успех преку Steam Greenlight – проект каде се гласа за инди игри од страна на Steam корисниците и доколку интересот за некоја игра е доволно голем, Steam го дава зеленото светло да се објави играта на дигиталниот фронт. Ова излезе дека е меч со две острици. Од една страна, бројни игри ја добија уникатната можност за светски пласман и заработка која не би била возможна на некој друг начин. Според Steam, над стотици игри кои произлегле од овој програм имаат спечалено по најмалку еден милион долари (зборуваме за секоја игра посебно). Од друга страна, поради првин бесплатното аплицирање, а потоа аплицирање со еднократна уплата од 100 долари, многу „развивачи“ почнаа да го злоупотребуваат системот и да го преплавуваат со лажни игри, или пак игри кои користат туѓи ресурси.
Да бидат работите полоши, одредени развивачи ветуваа и, меѓу другото, бесплатни клучеви само за да се гласа за нивната игра. Ваквата нефер политика резултира со презаситеност од целиот систем и ги разочара не само развивачите туку и самите посетители кои сè повеќе и повеќе почнаа да креваат раце од разгледувањето на проектите. Кога вака ќе се постават работите, повеќе е од јасно дека работите мора да се сменат, не затоа што, според зборовите на Гејб Њуел, Greenlight не е корисен, туку затоа што тие како компанија еволуираат.

Пролетна револуција
Steam Direct се стреми да го олесни издавањето игри, без да се поминува низ процесот на гласање. Она што Valve ќе бара од издавачите е пополнување дигитални документи, лични и за компанијата на развивачот. Податоците од компанијата, заедно со тие за данокот, ќе бидат верифицирани и третирани како кога се поднесува барање за заем во банка. По завршување на процесот, останува можеби најтешкиот дел: плаќање за можноста да аплицирате со играта. Оваа еднократна цена може да изнесува од 100 до неверојатни 5000 долари.
Интересно е тоа што одредени новинари сметаат дека сумата која Steam би требало да ја наметне е 2000 долари, затоа што, според американските стандарди не е премногу висока и може да се спечали за брзо време, со што ние никако не се согласуваме и сметаме дека е крајно нефер и се коси со самата дефиниција за тоа што значи да се биде инди развивач и да се работи на, најверојатно, спореден проект во кој се вложува и последниот денар, особено доколку сте во земји каде просечната плата изнесува 250 евра. Без намера дополнително да се оддалечуваме од темата, не можеме, а да не ја споменеме ситуацијата каде на слична ваква забелешка, новинар од ММОs.com врати дека ако луѓе од Африка можат да соберат по 10 000 долари за да бидат шверцувани во Европа, тогаш 2000 долари воопшто не би биле проблем. За чудење до која крајност се оди…
Инаку, Valve ја немаат дефинирано цената затоа што, со оглед на бројните предности и недостатоци, сакаат да добијат повеќе повратни информации пред да ја донесат финалната одлука. Она што признаа од компанијата е дека сакаат да се осигурат дека Steam ќе биде пријатно место за сите развивачи кои се сериозни и не само што треба да ги третираат клиентите фер, туку и да допринесуваат со квалитетни гејминг искуства. Таквото нешто, читајќи меѓу редови, излегува дека е можно преку (висока) финансиска такса.

Помош од неочекувани места
Од она што можевме да разбереме, вашата игра излегува на Steam штом се среди документацијата и се уплати бараната цена. Од тука, останува да се види колку е добра играта и колку ќе може да го привлече вниманието на посетителите. Откако играта ќе оствари забележителен профит, парите кои сте ги „вложиле“ за аплицирање ќе ви бидат вратени, што е супер доколку играта е успешна, но пропадната финансиска инвестиција доколку не се извршат доволен број продажби. Valve се нема изјаснето дали ќе ги враќа парите за игри со мал број продажби. Ако се вака поставени работите, останува да се види од каде да се најдат финансиските средства, a да тоа не е заем од банка или Kickstarter кампања од лесна категорија.
Издавачите Raw Fury скокнаа да понудат пионерска идеја каде тие би ја платиле таквата цена на оние инди развивачи кои не можат да си ја дозволат. Овој издавач, најдобро познат по игрите како Kingdom и Gonner, ветува дека ќе започне систем за донирање пари на најсиромашните развивачи. Со оглед на тоа дека не можат да ги финансираат сите, Raw Fury објаснува дека ќе се разгледуваат поднесените апликации и првин ќе се нуди помош на проекти за кои тие сметаат дека навистина можат да бидат нешто. Самите издавачи побрзаа да објаснат дека ако дадат пари тоа не значи дека тие се издавачи на играта и дека не бараат никакви права врз неа, туку само ветување дека развивачите ќе им ги вратат парите откако нивната игра ќе доживее успех на Steam, за да можат истите тие пари да ги дадат на некој друг развивач. Со оглед на тоа што сѐ уште не е позната бараната сума, развивачите би можеле да почекаат да се обелодени информацијата, а потоа да пробаат да ги контактираат Raw Fury преку нивниот мејл – [email protected]. Ваквото нешто значително ги истакна Raw Fury низ медиумите и не би се изненадиле кога и други издавачи би пробале слична метода во иднина.
Втора работа што би можеле да ја направат развивачите е да ја постават играта на пофлексибилна платформа, како продавницата itchi.io и откако ќе се направи некој профит тука, со тие пари да се поднесе пријавата и да се плати пристапот на Steam. Инаку, набргу по објавувањето на веста за Steam Direct, itch.io нападна со твит објаснувајќи дека и тие „воведуваат“ itch.io direct – 100% бесплатно, сега и засекогаш, со можности за директно поставување игра без било какви пријави и одобрувања.

Две страни на една иста паричка?
Во морето од непознати, чии главни двигатели се цената и реакцијата на развивачите, Valve смета дека Steam Direct е еволуција на Steam Greenlight, но, нам некако ни се чини како еднo исто нешто замаскирано во попрофитабилно пакување, особено доколку не се враќаат парите за сите игри кои нема да бидат успешни на Steam. Ова, за возврат, би можело да ги принуди развивачите трипати да размислат пред да го пласираат нивниот продукт и е до некаде некакво решение за несериозните развивачи чии игри се како чир низ платформата. Но, што е со развивачите кои имаат квалитетни игри, но не и пари за танцување со елитата? Нели сево ова се чини како очаен обид да се лечат симптомите, а не болеста, закрпа 1.2. наместо 2.0? Се вртат страни на една иста паричка, а процесот на таканаречената еволуција никако не ја загрозува заработката на Valve.







