Конференциите на Bethesda и Ubisoft имаа една заедничка точка, а тоа е дека и двете, на нивен уникатен начин, произлегоа како најуспешни конференции и прикажаа многу интересни работи кои ги оставија повеќето гејмери исклучително задоволни од виденото.
Beyond Good & Evil 2 импресионира многумина со најновиот филмски трејлер, но ние и понатаму остануваме со мислењето дека ова не е продолжението на играта која ние научивме да ја сакаме низ годините. Beyond Good & Evil 2 е тектонско поместување на хитот од 2003 година и остава впечаток дека е оформен за целосно друга публика. Пејџ и Џејд се тука, но улогите кои ги преземаат во храбриот, нов свет би можеле да остават негативен впечаток кај одредени фанови.
Trials Rising ветува продолжување на откачената забава со колекција од нови терени и можности за исклучително болни порази во вашата мисија да стигнете до финишот. Но, токму во тоа лежи големата љубов во ваквите игри. По затворена бета, Trials Rising ќе излезе во февруари.2019 година и тоа за PS4, PC, Xbox One и Switch.
The Division 2 прикажа одличен трејлер и демо приказ кој на ефикасен начин им објасни на фановите што да очекуваат во продолжението. Играта ќе има рејдови со осум играчи, а во првата година по излегувањето на играта, бесплатно ќе понудат три додатоци во форма на епизоди. Секое DLC ќе се одликува со нови области, приказни и активности.
Skull & Bones ја нападнаа сцената со трејлер и демо каде акцентот беше на онлајн светот кој е отворен за сите играчи и како заинтересираните можат да се групираат и да се борат против други играчи. Лесно можеше да се повлечат паралели со Sea of Thieves и со механиките каде играчите крадат и бранат плен, а потоа ги напаѓаат нивните сопатници затоа што, знаете како викаат, целосен плен е многу подобар од поделен плен.
Transferrence е амбициозен проект во виртуелната реалност и беше презентиран од еден и единствениот – Елајжа Вуд. Играта излегува на есен, за PS4, Xbox One, Rift, Vive и PSVR. Би сакале да ви ја објасниме, но сметаме дека подобро е вие да го погледнете трејлерот и да извлечете сами впечаток. А, потоа, пробајте нам да ни ја објасните играта во коментарите или на социјалните мрежи. :)
For Honor ќе добие нов мод и огромна експанзија која се вика Marching Fire. Новиот мод се вика Breach, а во него, тимови од по четворица ќе ги тестираат способностите во средновековни замоци. Новата експанзија, пак, ќе се одликува со нова фракција, четири нови борци и приказна за еден играч. Мало потсетување дека основната, почетна едиција на For Honor e бесплатна, а со неа ја добивате целата кампања и неколку борци за да ја почнете авантурата во оваа предизвикувачка игра со ладни оружја.
Assassin’s Creed Odyssey ги импресионира фановите на серијалот со феноменалниот демо приказ каде се дозна дека можете да играте со маж или жена, а играта ќе пушта силни RPG корени и црпи инспирација од Bioware и CD Projekt Red игрите како Mass Effect или The Witcher. Имате слобода во начинот на кој се водат разговорите, можете да донесувате најразлични одлучи и да ја менувате приказната, како и да навлегувате во романтични врски. Assassin’s Creed Odyssey излегува на 5.октомври за PC, PS4 и Xbox One.