Што ви е потребно за да направите видео игра без искуство?

Квалитетна видео игра обично бара поголема работна сила и зашеметувачки комбинации од дарби и знаења. Но, доколку отсекогаш сте сакале да направите одредена игра, ваквото општо мислење не би требало да ве обесхрабри. Како што е ситуацијата со сите работи, така и тука постојат исклучоци. Откако ќе замислите одредена идеја за тоа каква игра би сакале да направите потребен ви е сет од алатки за соодветна реализација. Оние кои немаат никакво искуство во операции како кодирање, анимирање и цртање би можеле да ги направат првите чекори со некој од следниве софтверски решенија.

Пред да почнете со било што, меѓутоа, би ви советувале првин да одите со бесплатните, односно пробните верзии за да добиете барем некаков увид во потребните процеси и правилно да се информирате преку соодветни видеа на YouTube. Многумина инстантно одат со некоја платежна верзија, па потоа заклучуваат дека таквите алатки или не им служат онака како што тие замислиле или пак им недостасува потребната дисциплина за понатамошна работа. Одредени сајтови, како Udemy, нудат бесплатни или евтини курсеви за работа со повеќето софтверски решенија, а Groupees често знае да понуди пакети од исклучително корисни онлајн курсеви.

RPG Maker MV

RPG Maker се бори за одредена доминација на пазарот скоро две децении, а најновата верзија на алатката е невообичаено моќна кога се работи за пружање огромни потенцијали на неискусните девелопери. RPG Maker MV чини 74 евра и се препорачува за почетниците кои сакаат првенствено да создаваат ретро инспирирани RPG игри. На располагање имате претходно изготвени визуелни елементи за едноставно пополнување на светот, како и систем со борбени механики. Оние кои бараат малку поевтини алтернативи, би може да одат со постарите и поедноставните верзии на RPG Maker. Дополнително, Visual Novel Maker се препорачува за визуелни новели, а IG Maker за платформери и за шутери. Поискусните корисници со малку поразлични потреби можеби би требало да го насочат вниманието на некое друго софтверско решение.

Twine

Оние кои сакаат нивната игра да заземе по интерактивна форма и да ја искористат моќта на hypertext и основите за структурно добра приказна, би требало да пружат шанса на оваа бесплатна алатка. Twine е повеќе од одлична за кажување фантастични приказни и со едноставните алатки можете да изградите нешто навистина незаборавно за играчите/ читателите. За побогато, а со тоа и поимерзивно искуство, покрај текстуални елементи, може да воведете и визуелни и аудио елементи. На продавницата Itchi.io можете да најдете еден куп игри направени во Twine. Повеќето од нив се исклучително интересни. Споделете ја и вашата!

Unity 2017.3

Cuphead и Monument Valley се само два одлични производи произлезени од Unity. Ова алатка е целосно бесплатна за користење, а месечна претплата може само дополнително да ви помогне за да ја објавите играта во моментот кога ќе бидете задоволни со финалниот резултат. За 12 долари месечно, можете и да започнете некој од професионалните курсеви за работа во Unity како би се подобро запознале со енџинот и помоќните алатки. Многу инди игри одат со овој енџин не само затоа што е исклучително моќен туку и затоа што има одлични можности за извлекување повеќе-платформски верзии од играта.

Construct 3

Третата верзија на Construct се препорачува за девелоперите кои се во движење и сакаат да развиваат игри од најразлични направи. Токму поради ова, во Construct се работи од прелистувач, а не се бара никакво претходно познавање во некој програмски јазик. Енџинот знае да биде неверојатно флексибилен и да понуди можности за правење платформери, загатки, авантури или пукачки игри. Се работи за еден од ретките ситуации каде јасно можете да видите како вашите вештини се надградуваат доколку инвестирате малку време за играње со понудените опции. Construct 3 чини 90 евра, но за Global Gamejam 2018 можете да се регистрирате и да ја користите целосната верзија бесплатно. На Steam имате бесплатна верзија за Construct 2, но дефинитивно одете со тројката.

ClickTeam Fusion 2.5

Како и со Unity, така и ClickTeam Fusion знае да понуди исклучително напредни и разнолики алатки за попребирливите девелопери. Ова е енџинот од кои произлегоа хитовите како The Escapist, Not a Hero или Five Nights at Freddy’s. Во моментот штом ги совладате основите за работа со асети и визуелни материјали, на располагање имате вграден енџин за физика, а за покомплексни операции можете да купите дополнителни алатки од продавницата, некои од нив ќе ви послужат и за лансирање на игрите на iOS или Android. Но, за разлика од повеќето претходно-споменати алатки,  ClickTeam Fusion 2.5 често одбива да ве држи за рака и бара поголема временска инвестиција за привикнување. Цена за основниот пристап е околу 70 евра.

Gamemaker Studio 2

Оваа софтверско решение нѝ се допаѓа поради малку поразличната изведба каде се користат основни логички формати при градењето на повеќето клучни механики. Имено, поголемиот дел од опциите кои сакате да ги имплементирате се засновани на принципот фати и пушти. Room Editor пружа одлична визуализација на креативниот процес во реално време, а Image Editor ви дозволува да создадете солидни асети и за брзо време да направите нешто исклучително корисно за моментните потреби. Во зависност од таквите потреби, програмот може да ве финансиски уназади од 40 па се до 400 долари.

Пријатно (не)кодирање и дефинитивно пишете нѝ ако успеете да ја направите вашата прва игра! :)

Добивај известувања
Извести ме за
guest
1 Коментар
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Inline Feedbacks
View all comments
Александар
Александар
4 years ago

Инересно би било и ако направите листа од програми за правење на андроид/иос апликации без искуство или програмски јазици. Има доста интересни драг анд дроп опции.