Apple го одржа својот настан на кој традиционално претставува нови уреди. Со исклучок на лаптоп и Mac можевме да видиме од сè по малку, па нема причина за незадоволство, иако посакувавме да има некакво изненадување како очила за проширена реалност или сличен уред. Настанот како и досега се одржа во седиштето на Apple во Купертино, и веќе неколку години го отвора директорот на компанијата Тим Кук.
Оваа година за првпат Тим Кук ја отвори Apple презентацијата фокусирана на хардвер со телевизиската програма на Apple TV. Со оглед на тоа каков квалитет на серии и наслови нè очекува за само неколку недели, можеби ова не е никакво изненадување. Во краток колаж видовме дел од сериите кои доаѓаат оваа есен од „Morning Show“ и „Ted Lasso“, до „See“, „For All Mankind“ и „Foundation“.
iPad
За среќа љубителите на хардвер не мораа да чекаат многу пред да го видат првиот уред. Веднаш по најавата на телевизиските серии можевме да слушнеме за следната генерација на iPad. Новиот iPad 9 доаѓа со уште помоќен A13 Bionic чип. Чипот е 20 отсто побрз од претходникот, а надградби има насекаде, процесорот (CPU), графичкиот процесор и невралниот енџин се надградени со A13 Bionic. Надградба има и на предната камера која сега е 12MP.
Изгледот на таблет компјутерот и натаму е истиот и препознатлив. Доаѓа со 10,2-инчен дисплеј со True Tone поддршка, функционалност која ја прилагодува бојата на екранот во зависност од амбиенталното светло.
Новиот таблет компјутер доаѓа и со нов оперативен систем iPadOS 15, кој е веќе најавен, и заедно со iOS 15 ќе бидaт достапни од 20-ти септември.
Основниот модел на iPad сега доаѓа со 64GB диск и чини 330 долари. Претпродажбата започнува веднаш, а испораката започнува следната недела.
iPad Mini
Ако iPad Mini имал надградба во последниот период веројатно сме ја пропуштиле. Сепак овој пат iPad Mini го има главното место на iPad-презентацијата. Новиот Mini доаѓа со поголем 8,3-инчен Liquid Retina екран. Процесорот е помоќен од досегашниот. Перформансите на процесорот се 40% подобри од претходно, а графичките перформанси се дури 80% подобри.
Оваа верзија на iPad Mini е првата која доаѓа со поддршка за Apple Pencil. Ова го претвора Mini во графички таблет. Таблетот се отклучува со читач на отпечатоци (нема FaceID).
За првпат во оваа верзија на iPad Mini му е додадена USB-C порта која овозможува 10 пати побрз за трансфер на податоци. USB-C портата овозможува и поголем пристап до различни додатоци за iPad; од додатоци кои се користат на пример за фотографија, до додатоци кои се користат во медицина.
Новата верзија на iPad Mini доаѓа со 5G конекција што овозможува супер брз трансфер на податоци, до 3,5 гигабити во секунда.
Цената на уредот ќе биде 500 долари, во претпродажба е достапен веднаш, а испораката започнува од следна недела.
Apple Watch
За Apple Watch фокусот и натаму е на фитнес додаток. Оваа година на часовникот му е додадена и функционалност за следење на возење на велосипед. Ова секако ќе ги израдува сите велосипедисти, сопственици на Apple Watch.
Apple Watch Series 7 е новата верзија на часовникот. Доаѓа со Retina дисплеј кој е најголем во споредба со претходниците. Екранот на часовникот не е многу поголем, но благодарение на промените, намалувањето на рамката, на часовникот сега има 50% повеќе простор за текст. Series 7 има и „Swipe“-тастатура што со предвидување што корисникот сака да напише го олеснува пишувањето на малиот екран. Надградба има и во полнењето кое сега е побрзо од претходниците.
Apple Fitness+ и натаму е главниот сервис кога корисноста на часовникот е во прашање. Часовникот може да се користи за различни типови на вежби, и истовремено следи повеќе различни параметри (работа на срце, сатурација со кислород и слично). Сопствениците на часовникот може да го користат Fitness Plus за пилатес, медитација, зимски програми за фитнес подготовки за зимски спортови. Од оваа година Fitness Plus ќе го прошири пазарот и ќе биде достапен во повеќе држави. За да ги задржи корисниците мотивирани и ангажирани Apple Watch доаѓа и со групни вежби.
Со секој нов модел на часовник вообичаено има и намалување на цената на постарите модели, а тоа е случај и овој пат. Основниот модел Apple Watch Series 3 сега чини 200 долари, Watch SE чини 280 долари, а новиот Series 7 Apple Watch доаѓа за 400 долари.
iPhone 13 и iPhone 13 Mini
Следната генерација на iPhone очекувано е iPhone 13. Дизајнот е малку покоцкаст од новите модели, и помалку потсетува на постарите S-модели на телефонот. Генерацијата доаѓа со 2 модели, iPhone 13 и iPhone 13 Mini. Екранот на двата уреди е OLED, на поголемиот телефон е 6,1-инчи, а на помалиот 5,4-инчи.
Предната камера сега зафаќа помал простор што некако овозможува поголем екран. Секако разликата не е премногу голема и се чини помалку чудно што Apple одбра токму да зборува за поголем екран. Ова можеби и е точно, но 20% помал простор за камерата, не е нешто што лесно, ако и воопшто се забележува.
Најинтересен дел од најавата за телефонот е новиот A15 Bionic процесор. Процесорот е 5nm; со шест јадра, две брзи и четири економични; 15 милијарди транзистори; 50% побрз од најбрзиот процесор на конкуренцијата и 30% подобри графички перформанси од конкуренцијата. Веројатно една од причините што моќноста на процесорот не е главен фокус на презентациите е што подолг период процесорите се и доволно моќни за речиси секоја апликација. Единствен напредок е во делот на процесорот кој ја овозможува вештачката интелигенција и најимпресивни презентации во моментов се обработките на слики и видеа.
Телефоните во оваа серија доаѓаат со дуал камера. Едниот сензор е со 12MP и f/1,6; другиот е широко-објективен со f/2,4 и агол на сликање 120°. Батеријата на телефонот овој пат ќе трае подолго помеѓу полнењето. Ова се должи на поштедливиот хардвер, но и на вештачката интелигенција која ја оптимизира работата на уредот.
Цената на 128 GB моделот на iPad Mini e 700 долари, a на стандардниот модел 800 долари. Добра вест е дека со овој модел основната верзија на телефонот ќе доаѓа со 128 GB диск, а додадена е и верзија со 512 GB диск.
iPhone 13 Pro и iPhone 13 Pro Max
Последните неколку презентација љубителите на Apple можат да ги видат и Pro верзиите на телефоните, кои компанијата ги претставува како посебен уред. И оваа серија на уреди доаѓа со два одделни уреди iPhone 13 Pro и iPhone 13 Pro Max. Екраните се со големина од 6,1 и 6,7-инчи и со ова не се разликуваат од претходната итерација.
Иако уредот доаѓа со истиот A15 Bionic процесор, има мала разлика. Графичкиот процесор тука е 5-јадрен и претставува е најмоќен графички процесор за телефон. Дискот на телефоните започнува од 128GB, а iPhone 13 Pro Max има и модел со 1TB. Разликата со претходните модели е во Super Retina XDR дисплејот кој сега е со рефреш 120Hz.
Разлика има и во камерата. На Pro моделот, модулот за камера доаѓа со три леќи. И на овој уред главниот фокус на презентацијата беше кај камерата. Телефонот има систем со три камери. Сите камери доаѓаат со ноќно снимање и може да фотографираат предмети оддалечени само 2 сантиметри. Поинтересниот дел од презентацијата е користењето на камерите за снимање на видео. Благодарение на вештачката интелигенција и софтверот, iPhone може да сними видео со квалитет како најдобрите филмски камери.
Ова се едни од најскапите паметни телефони на пазарот, iPhone Pro чини 1000, а iPhone Pro Max 1100 долари. Нарачките започнуваат од петок, а испораките на уредите од 24-ти септември.