Иако имам малку застарен паметен телефон, кој веќе баш и не делува така паметно, но си ја работи работата за што е наменет, иако на моменти знае и да закочи во некоја операција. Факт е дека паметните телефони ги користиме секојдневно во нашите животи и никаде не тргнуваме без нив, но како и сите останати работи во животот, и тука има нешто што нè нервира.
Прво – цената. Можеби ова не би ме иритирало толку, доколку секоја недела не излегуваат нови модели, со подобри перформанси и секако – поголема цена. Денес го имаш телефонот, за недела-две веќе е на половина од својата вредност, а за неколку месеци може да останеш и без поддршка. „Снајди се, па живеј“ е после тоа.
Иако сум Android фанбој, ме иритира и тоа што има еден куп произведувачи на Android паметни телефони и сите тие работат под различен хардвер. Апликациите имаат различни побарувања, а некои може да се користат само на поскапите телефони. Од оваа гледана точка, тука повеќе ми се допаѓа iPhone. Ако не друго, барем ќе знам дека сè што ми треба е тука и функционално, сè работи на ист хардвер. Еве што мислат и другите корисници за ова фрагментација на Android, но и за iPhone:
@itcommk имам Samsung Galaxy S2 и уште нема update на ICS. Од Вип е. На другите оператори update-от е пуштен веќе.— Goran Mitev (@goranmitev) August 8, 2012
На претходото може да се надоврзe и софтверот кој излегува секоја година. Apple нуди 4 годишна поддршка, Microsoft велат дека ќе нудат поддршка од 18 месеци, но што од производителите на Android телефоните? Поддршка на најниско ниво, а можеби и ја нема.
Траење на батеријата можеби е најголем проблем на (скоро) секој сопственик на паметен телефон. Ретки се уредите кои имаат солидна батерија, а покрај огромните дисплeи и голема резолуција, не е ниту чудно што батериите ни се трошат за секунда. HTC, Apple, Motorola… може да им завидуваат на Samsung и LG кои се фокусираа на развивање на дисплеи кои ќе трошат помалку енергија.
Но, што е со вас? Што најмногу ве нервира? Мене проблемот ми е што паметните телефони имаат мали копчиња кои баш и не се копчиња. Имањето на тастатура е најдобро нешто што може да го има еден телефон, но овие се паметни телефони – осетливи се на допир. Од толку што се осетливи, за да напишеш порака на малиот екран, со уште помали копчиња ти требаат неколку минути. Правени се за 12-13 годишни деца? Бидејќи, брат ми кој е на таа возраст со неговите прсти одлично ги погодува буквите, но мене ретко ми се случува од прва да ја погодам таа буква што сакам.
Некои пак како Тоше Андонов го нервира што xda-dev програмерската заедница станува се помала, други корисници пак како @SUNLOUNG3R и Мишо Пандиловски ги нервира што се заглавени со телефони кои работат на Symbian, веќе заборавен ОС од Nokia, односно BlackBerry кој полека ја губи трката на пазарот. И двата ОС се одлични, но недоволно конкурентни со Andrоid и iPhone. Додека пак @cchevymk го нервира што телефонот не е водоотпорен и сега мора да купи нов.






Коментари
8 коментари
Коментарите се затворени.