Што ја убива твојата идеја?

Имаш идеја, знам дека имаш, имам и јас, добра идеја, да не речам одлична. Ја имаш во глава, на хартија, ја вртиш на сите страни. Ти текнува да направиш нешто, апликација, платформа, услуга нешто што „никој досега не го направил“. И за момент, буквално за момент, ти заблескале очите како на дете што гледа во излог со слатки.

А веќе утре… истата ќе биде убиена.

Не ти, не директно. Туку светот околу тебе, кој функционира како совршен систем за уништување на секоја идеја што ќе се осмели да се роди во нечија глава. Имаш чуство дека сѐ е против тебе и дека универзумот се сплотил да те уништи.

Убиец број еден: пријателот „реалист”

Го знаеш тој лик. Го имаме сите. Оној што кога ќе му кажеш „еј, размислувам да направам апликација за…“, не те дослушува ни до крајот на реченицата, а веќе ти вели: „Брат, тоа веќе постои.” Како да е Google самиот. Како да ги проверил сите 4.2 милиони апликации на Play Store додека ти зборуваше. Не, не ги проверил. Само му е полесно да ти каже дека нема смисла, отколку да те поддржи и да ризикува утре да му кажеш „видиш, успеав” додека тој сè уште седи на истата столица и работи нешто што го мрази, само механички пошто е ок платено има за кафе и ајфон на рати.
Тие „реалисти” се најопасни, затоа што доаѓаат маскирани во добронамерност. „Ти го кажувам ова како пријател.” Не ми го кажуваш како пријател, ми го кажуваш како човек на кого му е непријатно кога некој друг ќе се обиде да направи нешто што тој самиот никогаш немал храброст да го направи.

Убиец број два: ТИ
Да, и ти си виновен. Затоа што после разговорот со „реалистот”, наместо да го игнорираш, седнуваш дома и почнуваш да гуглаш. И секако, наоѓаш нешто слично. Можеби не исто, можеби дури ни приближно, ама мозокот веднаш ти вели: „Видиш? Постои. Готово.” И го затвораш лаптопот како да затвораш ковчег.
Никој не ти кажал дека половина од успешните бизниси на светот се буквално подобра верзија на нешто што веќе постоело. Ама ти одлучи дека твојата идеја мора да биде 100% оригинална, инаку нема смисла. Спојлер: ништо не е 100% оригинално.

Убиец број три: Семејството

Замислувам сцена, семеен ручек, недела, ти почнуваш моабет каде како гром од ведро небо кажуваш дека сакаш да напуштиш работа која ти носи просечна плати и нула мотивација за да можеш да се посветиш на идеата која ја имаш и им ја кажуваш. Настапува тишина и преседнува ручек, се мислат кој прв да ти ја убие идеата, и почнуваат… „А сигурност?“, „Тоа не ти е паметно, седи си кај што си имаш сигурна плата“, „Само тебе ти текнуваат вакви глупости, луѓе плачат да имаат работа како твојата, а ти сам ќе си работел“, „Со кредит во банка што правиме?”. Застануваш се покајуваш што си ја почнал темата стануваш си одиш со веќе убиена идеја од внатре. Тоа се врвни аргументи во секое балканско семејство. Неунуштливи. Вечни. Досадни до срж.

Убиец број четири: „немам пари за тоа
Класика. Како да живееме во време кога ти треба милион евра за да стартуваш нешто. Луѓе буквално креираат бизниси од спалната соба со телефон и WiFi, а ти ми зборуваш за капитал. Не ти требаат пари за идеја. Ти треба да ја тестираш идејата, а за тоа ти треба единствено време и малку нерви. Ама не, полесно е да се кријеш зад „немам буџет” отколку да признаеш дека те е страв од фејлање.

Убиец број пет: Истражувањето на пазарот кое никој не го разбира
Одиш малку подлабоко, почнуваш да читаш студии, статистики, анализи. Сознаваш дека 90% од стартапите пропаѓаат. Дека пазарот е заситен. Дека конкуренцијата е огромна. Дека трошоците се високи. Читаш доволно за да знаеш зошто не треба, но не доволно за да знаеш зошто можеби сепак треба. И застануваш токму таму, на најлошото можно место: доволно информиран за да се исплашиш, недоволно за да продолжиш.

Убиец број шест: AI
А да, новиот омилен изговор. „Што да правам кога AI ќе го направи тоа подобро од мене?” Прашање на кое одговорот е: AI нема да ти ја украде идејата, затоа што AI нема идеи. AI е алатка, не конкурент. Ама некако, наместо да го искористиш за да ја забрзаш работата и да го направиш тоа што ти е во глава побрзо и поефтино, ти одлучи дека е крај на светот и дека нема смисла ни да пробаш.
Иронијата е дебела: имаш пристап до технологија за која луѓе пред десет години ни на сон ја немале, и наместо да ја користиш, ја користиш како изговор зошто не правиш ништо. Браво.

Убиец број седум: Совршенството
Ова е тивкиот убиец. Оној што чека „совршен момент”. Кога ќе научам да програмирам. Кога ќе го завршам курсот. Кога ќе најдам ко-фаундер. Кога ќе биде подобра економска ситуација. Кога ќе ми се наредат ѕвездите.
Знаеш кога е совршениот момент? Никогаш. Совршениот момент не постои. Секој успешен фаундер ќе ти каже дека почнал во најнезгоден можен момент, со најмалку ресурси, и со идеја која на почетокот изгледала смешно. Ама тие почнале. А ти чекаш.

Сега доаѓаме до делот каде треба да бидам искрен.
Некои од овие луѓе те сакаат. Вистински. Семејството зборува од страв, не од злоба. Пријателот мисли дека те штити. AI нема намера воопшто. А сепак, резултатот е ист: идејата умира. И тоа е токму местото каде мора да се запрашаме дали ние самите сме доволно цврсти за да ја заштитиме сопствената возбуда.
Затоа што не постои идеја која може да преживее без еден основен предуслов: ти самиот да веруваш во неа повеќе отколку другите што не веруваат. Не е тоа наивност. Не е тоа слепило. Тоа е минималниот влез за да се игра играта воопшто.

Добронамерниот убиец на идеи е можеби и поопасен од злонамерниот, затоа што кај него немаш причина да се браниш. Кога некој те напаѓа, се заштитуваш. Кога некој те сожалува, попушташ. И токму во тоа попуштање, тивко и без драма, најчесто завршуваат најдобрите идеи.

И на крајот…
Знаеш што е најтажно? Идејата не умира со експлозија. Не доаѓа некој и ти вели „не смееш“. Таа умира тивко, полека, во мали дози. Еден коментар тука, едно „ма нема шанси” таму, едно скролање на LinkedIn каде гледаш како некој друг направил нешто слично и ти си мислиш „доцна е“.
Не е доцна. Никогаш не е доцна. Доцна е единствено кога ќе одлучиш дека е доцна.

Затоа следниот пат кога ќе ти дојде идеја, немој да ја споделуваш со „реалистот”. Немој да гуглаш дали постои. Немој да чекаш совршен момент. И за бога, немој да обвинуваш AI.
Седни и почни. Тоа е целата тајна. А ако не успееш? Барем ќе знаеш дека си пробал, наместо да седиш после десет години и да му кажуваш на некој во кафуле: „Еј, јас имав таква идеја пред сите.
Имаше. Ама ја уби.

Поентата не е дека критиката е лоша. Поентата е дека постои огромна разлика помеѓу некој кој те прашува “дали си размислил за ова?” и некој кој ти кажува “ова нема да функционира” пред да знае ама баш ништо.
Едниот те тера да размислуваш. Другиот само те тера да се сомневаш.
А сомнежот, за разлика од критиката, не те прави подобар. Само те прави потивок.
Верувај во идејата. Не затоа што е сигурно добра. Туку затоа што единствениот начин да дознаеш е да не дозволиш некој друг да одлучи наместо тебе, без да направил ниту еден ред код, ниту еден повик, ниту еден обид.
Светот веќе има доволно тивки луѓе со мртви идеи во фиоките.

Немојте да го зголемувате бројот!

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
1 Коментар
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Inline Feedbacks
View all comments
Stefan.Taz
Stefan.Taz
2 months ago

Одлично!

види ги сите огласи на kariera.it.mk