Како и сите во денешното време, ви се има случено да ве фати блага паника кога помислите дека ви го нема телефонот. Често се случува и да скокате низ едни исти страни од страв да не пропуштите нешто. Згора на ова, би можеле и да се навраќате на социјалните профили на лицето кое ви се допаѓа за да видите да не сте пропуштиле некој пост или фотографија.
Нема ништо лошо во ова и ваквите активности се сосема нормални.

Но, што доколку границите помеѓу нормалното и абнормалното однесување станат едвај видливи и умереното практикување на овие активности премине во опсесивни навики кои го оставаат корисникот празен, дефокусиран и изгубен, притоа уништувајќи ги сите шанси за нормално функционирање во општеството?
Во такви ситуации добиваме термини како номофобија, фомо и сајбер следење – форми на е-болести кои се одликуваат со симптоми слични на симптомите кои се јавуваат кај корисниците на дрога. Неодамна, нашироко зборувавме за овие три форми на е-болести, а во оваа прилика ќе разгледаме уште една друга, се со цел да развиеме свест кај читателите дека технологијата, во одредени екстремни ситуации, знае да има и исклучително мрачна страна, особено кога се работи за млади умови кои се оставени сами на себе.

Селфитис – опсесивно – компулсивна потреба за правење селфи и константно споделување на социјалните мрежи
Според истражувачите, луѓето на кои им недостасува самодоверба и интимност или пак кај чистокрвните нарциси, се појавува неодолива потреба константно да си се сликаат и да ги споделуваат фотографиите на социјалните мрежи, собирајќи прегледи, лајкови и коментари, надевајќи се дека на тој начин ќе ги пополнат емоционалните празнини кои ги чувствуваат и конечно ќе бидат задоволни и среќни. Ова знае да биде десеткратно полошо за децата кои, охрабрени од коментарите и приватните пораки, не знаат до каде е границата и лесно можат да бидат изманипулирани.
Трите видови на Selfitis:
- Граничен селфитис – Правење најмалку три селфи на ден, но не и нивно објавување на социјалните мрежи
- Акутен селфитис – Сликање и поставување најмалку 3 селфи на ден
- Хроничен селфитис – Прикачување по најмалку 6 селфи на ден
Според едно истражување, кај 65% од испитаниците се регистрирал граничен селфтис, а запрепастувачки 32% покажувале симптоми на акутен селфитис, додека 3% страдале од најпроблематичната форма, односно хроничен селфитис.

Се претпоставува дека селфитисот кај женскиот пол доаѓа до израз поради недостаток на самодоверба, а кај машкиот пол поради егоистички предиспозиции. Токму од таа причина, се користат бројни апликации за манипулирање на сликите и нивно „разубавување“ при што се шири низ социјалните слики нереална слика и недостижни стандарди за убавина. Како резултат на ова, самодовербата кај младите достигнува ново дно и ваквиот маѓепсан круг се етикетира како немилосрдна perpetum mobile машина.

Црна дупка
Како делови од мозаик, стотици и стотици селфи се спојуваат едно со друго и стануваат дел од извитоперена слика за емоционално изгладнетиот корисник. Недостатокот на каква било емпатија се заменува со потребата да се биде константно восхитуван и препознаен како подобра и посупериорна верзија од сите останати. Ако проба да стави крај на ова, корисникот се доведува во константна состојба на иритација и немир. Расположениото станува променливо, а самодовербата и самовреднувањето се дави во депресивни чувства на осаменост и изолација.
Нема ништо лошо во тоа да сакате да имате ласкави слики и да привлечете внимание со нив, но доколку губите часови во самокритично местење, позирање и уредување на сликите со дополнителни апликации, доколку дозволувате среќата да биде диктирана од бројот на интеракции преку социјалните мрежи, тогаш многу е тешко да се ужива во секојдневните искуства кои можат вистински да ве направат среќни.

Помош од најблиските
Поради тоа, една од препораките е да се оди со таканареченото етапно намалување. Доколку корисникот е во стадиум на хроничен селфитис првин да проба да се доведе во состојба на акутен, па потоа да се спушти на граничен селфитис. Со напори и поддршка од околината, зависникот треба да се извлече од пауковата мрежа и да најде задоволство во пронаоѓање здрави и корисни навики.
На сличен начин, во ситуации на деца, потребни се долги разговори првин со родителите, а потоа, доколку ефектот е минимален, и со професионални лица. Покрај тоа што е потребно да им се насочи вниманието на препознавање и уживање во вистинските вредности, потребно е да се надгледува нивниот телефон, особено кога стапуваат во интеракција со непознати лица на социјалните мрежи. Имено, големи се шансите оние деца кои константно споделуваат селфи да бидат контактирани од луѓе со сомнителни и предаторски цели. Дури и самите деца меѓусебно знаат како да го изманипулираат ранливото лице за да извлечат несоодветно селфи.

од Vanessa Loring, pexels.com
Во умерeни дози се е во ред. Правење селфи знае да биде релаксирачка, забавна и здрава активност. Но, кога умереното ќе биде заменето со опсесивното, потребно е навремено реагирање.