Што е eSIM технологијата, наследникот на SIM картичката?

Мобилните телефони, како и други слични преносни уреди, со години функционираат со помош на SIM картички. Овие картички се навистина мали и компактни, и всушност се интегрирано коло кое го зачувува вашиот идентитет кај мобилните оператори. Но, слично како што производителите на мобилни телефони исфрлаат функционалности како microSD картички и 3.5mm порт за слушалки, прашање на време беше кога ќе се најде замена и за физичката SIM картичка.

Решението е едноставно – технологија позната под името eSIM, која од неодамна е достапна и кај нас, доколку ги користите пост пејд услугите на Македонски Телеком.

Што е eSIM, и како е различно од SIM картичка?

За разлика од SIM картичка, која има физичко коло кое корисникот може да го префрли од еден уред на друг, кај eSIM, истото коло е интегрирано во самиот уред. Ако нема потреба да се менува SIM картичката, ваквата технологија овозможува зголемена стабилност и безбедност, и во исто време го намалува физичкиот простор кој картичката го зафаќа.

eSIM технологијата не е воопшто нова, но првичната примена ја наоѓа кај уреди кои физички се ограничени со просторот кој го имаат на располагање, како на пример паметни часовници или IoT уреди. Истата технологија со години се користи и во автомобили со напредна функционалност како на пример можност за Wi-Fi hotspot.

Иако за првпат технологијата се спомнува во 2010, и нејзината замислена намена е кај индустриски уреди, од Apple уште тогаш изјавија дека нема причина зошто ваквата технологија не би била применлива и кај нормалните корисници. Првиот уред со можност за eSIM е паметниот часовник на Samsung, Gear S2, во 2015 година.

Имплементација на eSIM технологијата

Уште во 2012 година, Европската Комисија ја избира токму оваа технологија за сервис во автомобилите кој во итен случај, ќе ги исконтактира потребните служби. Системот е наречен eCall, а слична имплементација има и Русија, која во соработка со GLONASS, го креираат системот ERA-GLONASS.

Покрај ова, веројатно најголемиот играч кој ја користи оваа технологија е Apple. Поддршка за eSIM има во сите Apple Watch модели од Series 3 навака, како и во iPad моделите пуштени во продажба по iPad Pro моделот од 2018 година. Кога станува збор за телефони, сите iPhone модели од XS па наваму имаат поддршка за eSIM.

Google исто така имаат поддршка во некои уреди, а прв беше Pixel 2, уред кој имаше eSIM поддршка за сопствената мрежа на Google, позната како Google Fi. Но, од Pixel 3 и Pixel 3 XL, eSIM поддршката може да се користи и со други оператори.

За крај, и Microsoft овозможуваат користење на оваа технологија во последните неколку години, а првиот уред со поддршка за истата е Surface Pro LTE.  

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Inline Feedbacks
View all comments