Што Apple ни покажа на WWDC

Нов оперативен систем за iPhone, iPad и Mac, нови функционалности, па дури и нов хардвер и процесор беа дел од презентациите на годинешниот WWDC 2022. Вообичаено овој настан е наменет за оперативните системи на Apple, па новиот хардвер e мало, но пријатно изненадувње.

iOS 16

Промената која најлесно се забележува на новиот оперативен систем е надградбата која Apple ја направи на екранот кога е мирување (Lockscreen). Новата функционалност овозможува менување позадини, фонт кој се користи, и додавање на различни корисни виџети. Виџетите можат да бидат на пример: календар, температура, активност, батерија… Со оглед на тоа дека девелоперите ќе можат да креираат виџети за своите апликации, во иднина ќе има уште повеќе кои ќе нудат куп различни функционалности.

Забележителна визуелна промена има и кај нотификациите. Наместо како досега, нотификациите со новиот оперативен систем ќе се појавуваат од долниот дел на екранот. Функционалноста тука останува непроменета и само прашање на време е кога корисниците ќе се привикнат на промената.

Корисни промени има кај iMessages. Корисникот ќе може да уреди порака откако ќе биде испратена, па дури и во целост да ги избрише испратените пораки. Новитет е можноста за одбележување на пораките како „непрочитани“ што на корисникот треба да му остане како потсетник да одговори кога ќе може повеќе да им се посвети на пораките.

Надградба има и кај диктирањето на содржина. Истовремено со диктирањето останува отворена и тастатурата. Ова овозможува корекции во живо, или селектирање на зборови и нивна корекција со глас.

 За корисниците кои го користат iCloud за чување на фотографии Apple најави функционалност која ќе им овозможи автоматско споделување со најмногу 5 корисници. Интересно „Shared Library“ покрај можноста за рачно додавање на слики ќе овозможи и автоматско поместување на фотографиите уште во процесот на фотографирање. Корисникот дури може да одбере автоматски да ги споделува сите слики со членовите на „Shared Library“.

MacBook Air

Apple оваа година на WWDC претстави и два нови уреди. Новиот модел на MacBook Air доаѓа со дебелина од 11.3 mm и тежи 1,22 kg. Оваа генерација доаѓа во 4 бои „silver“, „space gray“, „starlight“ и „midnight“. Уредот доаѓа со нешто поголем 13,6-инчен Liquid Retina екран со тенка рамка околу дисплејот. Во „заб“ на врвот на екранот е сместена 1080р FaceTime камера која е подобра од претхнодникот.

И овие уреди ќе се полнат преку MagSafe полначот што ќе ги остави останатите порти слободни за дополнителни приклучоци. За првпат на оваа генерација MacBook Air доаѓа и можноста за брзо полнење со кое батеријата на лаптопот се полни до 50% за 30 минути.

Цената за основниот модел на MacBook Air е 1200 долари.

Следна генерација М-процесори – M2

WWDC 2022 беше и одлична прилика за Apple да го претстави новиот M2-процесор. Надградбата на процесорот ќе биде достапна на новиот MacBook Air и MacBook Pro.

M2 процесорот е изработен со втора генерација 5nm технологија и доаѓа со над 20 милијарди транзистори. На чипот има простор за 24 GB унифицирана (unified) 128-битна LPDDR5 меморија.

Како и претходникот, доаѓа со 4 јадра со високи перформанси и 4 ефикасни јадра. На јадрата со високи перформанси има 192KB instruction cache; 128 KB data cache и 16MB кеш меморија. Ефикасните јадра доаѓаат со 128KB instruction cache; 64 KB data cache и 4MB заедничка кеш меморија.

Новиот графички процесор доаѓа со две јадра повеќе од претходниот, или 10 графички јадра. Надградба има и на „media engine“ кој овозможува истовремен стрим на повеќе 4К и 8К видеа.

Нов MacBook Pro

Најголем дел од надградбите на новиот модел на MacBook Pro лаптопот доаѓаат со новиот процесор. М2 доаѓа со 24 GB меморија и нов „media engine“ што трипати ги подобрува PreRes transcode перформансите. Освен М2-процесорот надградба има и кај ладењето што овозможува лаптопот да не се прегрева иако „работи повеќе“. Видео плејбек тестот на батеријата покажал дека капацитетот е доволен за 20 часа гледање видео содржина пред да оди на полнење.

Цената на основниот модел на MacBook Pro е 1300$.

macOS Ventura

Заедно со новите лаптопи Apple го претстави и новиот оперативен систем macOS Ventura. Една од новите функционалности е можноста за автоматско уредување на отворените прозорци со „stage manger“. Со оваа функционалност оперативниот систем остава отворен и фокусиран еден прозорец кој е активен, а останатите се минимизирани и поместени настрана.

Сепак најкул функционалноста на новата верзија на оперативниот систем доаѓа како комбинација на iPhone и MacBook. Mac автоматски ќе го препознава присутниот iPhone и ќе овозможи користење на камерата на телефонот. Телефонот ќе може да ја замени веб-камерата, а ова ќе овозможи барем една супер интересна функционалност. „Continuity Camera“ ја користи камерата на паметниот телефон за да го задржи говорникот во фокус дури и кога се поместува. Дополнително камерата ги користи сите функционалности кои ги има па може да ја замагли позадината, или да додаде виртуелно „студиско светло“.

Веројатно најинтересна функционалност доаѓа од широкоаголната камера на телефонот. „Desk View“ овозможува истовремено следење на говорникот и на бирото; како да има две камери од кои едната е над масата. Ова е овозможено благодарение на широкоаголната камера и многу постпроцесирање. Колку често ова ќе биде потребно е прашање, но интересно е да се види моќта на камерата на телефонот.

watchOS

Оперативниот систем за паметниот часовник на Apple watchOS и оваа верзија е фокусиран на фитнес. Минимални промени има и кај корисничкиот интерфејс, а главната надградба е кај корисниците кој го користат часовникот како фитнес центар.

 Добра вест за сите кои вежбаат, но не размислуваат на Apple Watch, а поседуваат iPhone е дека апликацијата ќе биде достапна и директно на телефонот.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Inline Feedbacks
View all comments
види ги сите огласи на kariera.it.mk