Како игра, Shooty Shooty Robot Invasion не се обидува да се вклопи во веќе постоечки урнеци, туку си создава свој сопствен жанр – хибрид помеѓу хаотична FPSи интерактивна фикција. Резултатот е едно апсурдно, смешно и визуелно впечатливо искуство кое ги предизвикува конвенциите и нуди нешто сосема свежо. Наместо да се фокусира на реализам или комплексна приказна, играта ве фрла во свет исполнет со бизарни роботи и уште побизарни луѓе, со цел да предизвикате што е можно повеќе врева и неред.

Главен столб на хумор и наративна структура
Со повеќе од 50 уникатни видови роботи кои ве напаѓаат, мора постојано да се движите, да ја менувате тактиката и да реагирате брзо. Секој тип на робот носи различен предизвик, принудувајќи ве да размислувате додека пукате. Оваа динамика е дополнително збогатена со десетици главни и скриени босови, сервирајќи ви вистински тест за вашите вештини. А, кога не уништувате метални противници, ќе се најдете во интеракција со над 200 NPC ликови и ќе се впуштате во крајно откачени разговори кои се намерно напишани да бидат чудни, нелогични и честопати урнебесни. Ваквата комбинација од битки, истражување и интеракции се одвива низ шест различни и детално изработени нивоа. Доколку пружите шанса на насловот, ве очекува незаборавно патување низ еден свет исполнет со ексцентрични ликови и неочекувани ситуации.

Целиот свет во Shooty Shooty Robot Invasion е претставен преку илјадници рачно нацртани елементи и флуидни анимации, што ѝ дава изглед на интерактивен цртан филм. Секој лик, робот и позадина зрачи со карактер и посветеност на уметничкиот тим. Овој стил совршено го надополнува апсурдниот тон на играта, а десетиците анимирани видео секвенци додаваат дополнителна доза на хумор и визуелна динамика.

Доколку барате сериозна, тактичка пукачка игра со длабока и емотивна приказна, Shooty Shooty Robot Invasion не е наслов за вас. Меѓутоа, ако сте уморни од генеричките блокбастери и копнеете по нешто што е оригинално, смело и полно со карактер, тогаш оваа игра е топла препорака. Чедото на Bubby Darkstar е наменета за играчи кои го ценат апсурдниот хумор, уживаат во уникатни визуелни стилови и сакаат гејмплеј што успешно комбинира два навидум неспоиви жанра.








