Од неодамна, вљубеници во ретро игри имаат на располагање пет бесплатни игри и, од комфорот на нивниот телефон, можат да се втурнат во носталгично патување со Sonic The Hedgehog, Phantasy Star 2, Comix Zone, Kid Chameleon и Altered Beast. Сите пет игри се бесплатни со реклами, со можност на нивно елиминирање доколку се направи финансиска посвета од 2 евра. Звучи сосема прифатливо и повеќе од добредојдено, но не доколку фрејмовите при играњето полудуваат до таа мерка да не можете да уживате во нив како во добрите, стари времиња. Имено, овие нови портови, од една страна нудат модерни функции како зачувување на облак, leaderboard и поддршка за Bluetooth контролер, но од друга се катастрофално лошо оптимизирани и се одликуваат со полоши перформанси од нивните стари верзии, дури и на хардвер кој никако не го заслужува тоа.
Според неколку размислувања, проблемот е во енџинот кој е искористен и од Eurogamer сметаат дека игрите не се ништо повеќе од „несмасна емулација во Unity пакување“. Иако игрите се осмислени да оперираат во околина со 60 фрејмови во секунда, fps искуството ретко се крева над 45, а често има нагли опаѓања кои забележително го нарушуваат стабилното уживање, особено при одредени нотификации. Од дополнителни тестирања, се има дојдено до заклучок дека со подобра емулација, iPhone 3GS ги игра старите апликации во 60 фрејмови во секунда, но таквото нешто е невозможно со новите апликации покренати во iPhone 6S+.
За помалку главоболки при играњето, многумина сметаат дека емулаторот RetroArch би завршил подобра работа. Овој факт не се крие ни од челните лица на RetroArch кои побрзаа да ја искористат можноста да ја нападнат Sega и нивната „тврдоглава“ политика.

„Жал ни е за сите луѓе што доживуваат потпросечни перформанси со оваа Unity работа“, велат развивачите од RetroArch. „Тие (Sega) имаа можност да користат RetroArch само кога не би биле толку тврдоглави со нивното инсистирање да го релиценцираме нашиот цел програм во нешто што ќе не соголи од нашите права…“
Дополнителни појаснувања за целата драма помеѓу RetroArch и Sega го имате тука. Sega, од друга страна, се одлучиле да одат со Unity затоа што „околу 90% од игрите се во Unity“ и нивната желба е да ги овозможат овие содржини и на други платформи, нешто што од RetroArch велат дека е сосема можно и со нив.
Како и да е, игрите се излезени и со оглед за непостоечката цена за пристап, би можеле и самите да проверите како овие класици дишат на вашиот телефон.







