Доколку сеуште не се заситивте од бројните Vampire Survivors клонови, тогаш имаме предлог за уште една одлична игра со забавни механики. Црпејќи инспирација од жанрови како roguelite, survival и bullet hell, Scarlet Tower нуди бројни часови адреналинска забава во еден мрачен фантазиски свет.
Во Scarlet Tower играте со десетина уникатни херои. Секој од хероите се одликува со разнолики оружја, способности и таленти чии статистички вредности привремено или трајно се надградуваат низ играта. За исполнување на оваа цел, имате на располагање 70 оружја и над 200 пасивни способности. Ова, потпомогнато од уникатниот систем за фузија на оружјата, ви дозволува да експериментирате со најразлични билдови, сѐ со цел да извлечете максимална адреналинска акција за време на рановите.
Scarlet Tower не чини ни 250 денари, а, доколку сакате вакви игри, ќе наидете на часови и часови содржини. Самите автори препорачуваат временска инвестиција од најмалку 20 часови, што е исклучително скромна проценка. Scarlet Tower крие слоеви од механики кои тактички ги открива во вистинското време. Ова го прават за да не бидат преплавени играчите со многу работи од еднаш. Од друга страна, се пружа одлична свежина за постојано откривање нови работи. Често ќе наидувате на најразлични миленичиња, руни, како и предизвикувачки босови.
Во Scarlet Tower, дено-ноќниот циклус влијае на одредени механики. Тензиите се значително повисоки кога ноќта ќе падне. Од една страна, излегуваат попредизвикувачки суштества, но, од друга, тогаш ви е шансата да наидете на корисни реликти и продавачи со поефикасна опрема. Кога на ова ќе додадете и различни временски услови, играта дополнително отвара визуелно-привлечна димензија која едноставно преколнува да биде истражена.
Повеќе детали за играта
- Произведува: Pyxeralia LLC
- Издава: Pyxeralia LLC
- Жанр: roguelite, bullet-hell
- Платформа: Microsoft Windows
- Излезе на: 25 март 2024