Уредот за виртуелна реалност од Sony, наречен Project Morpheus, изгледа одлично, вели Tech Insider, кој направи интервју со развојниот тим на PlayStation VR. „Најважната работа за виртуелната реалност е дека нема да знаете каква е додека не ја пробате, многу луѓе мислат: ова не е за мене, но не можете да бидете сигурни додека не пробате“, велат од лабораторијата на Sony.
Сепак, не сите вести поврзани со виртуелната реалност се добри вести. Бројот на компјутери кои се доволно добри за да овозможат целосна хардверска поддршка на виртуелната реалност е премал, пресметува Nvidia. Само 13 милиони компјутери, или еден процент од над 1,43 милијарди компјутери се доволно моќни за следниот чекор во виртуелната реалност. Ова можеби и не треба да биде никакво изненадување со оглед на тоа дека долг период продажбата на десктоп компјутери и компоненти е на рекордно ниско ниво, а дел од корисниците ги заменија компјутерите со паметни телефони или таблет компјутери. Ова, за жал, ќе го намали бројот на заинтересирани корисници за технологија која без сомневање е највозбудлива, барем во последниве неколку години.
Проценката е дека во 2016 година ќе бидат продадени 7 милиони уреди за виртуелна реалност, велат аналитичарите од IHS. Ова се и оптимистички прогнози со оглед на тоа дека CTA кои го организираат ИТ саемот CES прогнозираат околу 1,2 милиони уреди. За среќа, конзолите доаѓаат со униформиран хардвер и дополнителни компоненти како моќни графички картички, па во прво време токму конзолите би можеле да помогнат во првичното прифаќање на новата технологија. Но, можно е да помине деценија пред виртуелната реалност да биде прифатена.
Вообичаено први кои ќе ја прифатат технологијата ќе бидат гејмерите, тие веќе имаат компјутери кои можат да ја поддржат технологијата, но за нивно привлекување потребни се попривлечни наслови. Од Oculus велат дека имаат интересни игри, но барем засега не сме виделе ништо спектакуларно. Без сомневање и производителите на компјутери се надеваат дека технологијата ќе биде толку добра да ги убеди сите повторно да почнат да инвестираат во поскапи компјутери и нивна надградба.