Европските и американските законодавци ја прифатија законската рамка за законот кој треба да го замени Safe Harbor, кој беше договор за пренос на податоци меѓу двата континенти. Новиот закон, како и претходникот, го регулира префрлањето на податоци на Европјаните на серверите во САД каде се најголемите технолошки компании, и доаѓа под ново име Privacy Shield.
Законодавците на предлогот работат од февруари со цел да ја затворат секоја потенцијална „дупка“ поради која новиот закон би можел да биде оспорен пред Европскиот суд на правдата. За префрлање податоци на европските граѓани во САД, компаниите ќе треба да се согласат со Privacy Shield, а веќе од август и ќе можат да го потпишат законот. „Privacy Shield ќе ја зајакне транс-атланската економија и ќе ги потврди вредностите кои ги споделуваме. Нашето внимание сега мора да биде насочено кон стартување на Privacy Shield“, вели Европскиот комесар за правда, Вера Јурова.
Иако законодавците не се сомневаат во законот, неколку национални агенции за заштита на лични податоци најавија дека доколку законот е нејасен, ќе поднесат претставка до судовите. Француската агенција за заштита на лични податоци најави дека до 25 јули ќе го разгледаат законот по што ќе го кажат својот став.
Новиот закон предвидува нов јавен правобранител задолжен за истрага на државјани на Европа кои имаат забелешки како се чуваат нивните податоци. Овој правобранител ќе дејствува независно и ќе одговара пред Државниот секретар на САД, јави Wall Street Journal.







