Овојпат, решивме да разгледаме две неодамна излезени игри и една инди игра која допрва треба да излезе, надевајќи се дека ќе ве заинтригираме со предностите и недостатоците и самите ќе одлучите дали игрите го заслужуваат вашето внимание или не.
Вреди ли дружењето со Neptunia Riders VS Dogoos, Girlfriend from Hell и Tempest Tower?



Neptunia Riders VS Dogoos
Зошто да ја играте?
- Фанови сте на Neprunia серијалот
- Слатки неодоливи суштества ви се слаба точка
- Имате желба да возите и уредувате велосипед
Neptunia е серијал кои изобилува со најразлични, обично квалитетни игри. Но, нешто мора да се промашило во формулата затоа што Neptunia Riders VS Dogoos се чини како набрзинка скопена и неинспиративна игра која изгледа добро, но се игра лошо. Приказната обработува огромна инвазија од dogoo, слатки кутриња кои се закануваат на целата планета. Ваша задача е да ја решите оваа закана еднаш засекогаш така што собирате најразлични суштества низ 15 стази. Суштествата се одликуваат со најразлични однесувања и серија од позитивни и негативни ефекти.
Стампедо од слати суштества
Во Neptunia Riders VS Dogoos имате на располагање шест игриви ликови. Како и со кутрињата, така и со овие ликови, ќе откриете дека сте добри во едни аспекти, а лоши во други. Покрај системот со суштествата, ќе можете и да го уредувате изгледот и функционалноста на вашиот велосипед, влијаејќи на брзината, одбраната и управувањето.

Би можеле да помислите дека со ваква приказна, стратешко собирање суштества, разноликост на ликови и прилагодување на велосипедот, Neptunia Riders VS Dogoos нуди изненадувачки привлечно искуство. Работите не се баш така. Приказната е невпечатлива, предизвикот е непостоечки, а мапите се неинспиративни. На крајот на денот, тешко ни беше да не гледаме на целата „игра“ како еден мини додаток за некоја од претходните игри. Најсветлата и, можеби, единствената точка се актерските способности кои веродостојно ги позајмуваат гласовите на ликовите.

Повеќе детали за играта
- Произведува: Idea Factory International Inc.
- Издава: Idea Factory International Inc.
- Жанр: авантура
- Платформа: конзоли
- Излезе на: 28 јануари 2025
Girlfriend from Hell: Пеколната девојка нападна и на конзолите
Зошто да ја играте?
- Фанови сте на игри од типот Neighbors from Hell
- Огорчено се чувствувате пред Денот на вљубените
- Сакате да се насмеете преку инвентивни начини за казнување
Girlfriend From Hell нуди освежителна алтернатива на класичната Neighbors from Hell, вдахнувајќи нов живот во овој класичен дводимензионален жанр со загатки. Иако е приказната едноставна, сепак крие доста непредвидливи и хумористични заплети. Имено, Херуто е лош дечко кој ја одбил брачната понуда на Мија. Подразбирливо, Мија, односно вие, никако нема да сакате да се помирите со ова и, по секоја цена, ќе ја исполните вашата потреба за комична одмазда. Клучната механика во играте е да шеткате низ куќата, да наоѓате секојдневни предмети и креативно да ги комбинирате за да создадете елаборирани замки.

Комична одмазда
Играта е доста флексибилна и поттикнува игрив пристап кон решавање проблеми, наградувајќи ги играчите за нивната генијалност така што сервира комични исходи од креативно комбинирање секојдневни предмети. Ако уживате во лесни puzzle игри со злонамерна жичка, Girlfriend From Hell дефинитивно вреди да се провери. Само не пробувајте ги овие шеги во вашиот дом!

Повеќе детали за играта
- Произведува: That Guy’s Games
- Издава: That Guy’s Games
- Жанр:загатки
- Платформа: Microsoft Windows, конзоли
- Излезе на: 26 мај 2024
Tempest Tower: Кули и скокање
Зошто да ја играте?
- Фанови сте на Tower Defense игри
- Сакате да се борите и да поставувате кули во исто време
- Интересен дизајн на мапи, кули и непријатели
Tempest Tower е игра која ветува свеж и револуционерен пристап кој комбинира стратешко поставување кули и директни битки управувани од играчот. Со задача да го браните вашето парче рај од противничките орди, ќе имате за задача да поставувате најразлични кули, но и да скокате на главите на непријателите, да активирате замки, како и да ја користите околината на креативни начини.

Помош од природата
Во преубавиот и внимателно дизајниран свет ќе можете да ги користите предностите на флората за да создавате еден вид биолошки оружја, како бомби од бобинки, замки од листови и слично. Паралелно со ова, играта се одликува со напреден системи за надградби и комбинации од напади, само за да можете да го создадете вашиот идеален билд. Се очекува играта да понуди значителен предизвик кој константно ќе бара од вас да комбинирате поставување кули и избезумено скокање од една кон друга глава. Дефинитивно невообичаено и интересно. Едвај чекаме подетално да ја провериме играта.

Повеќе детали за играта
- Произведува: Half Past Yellow
- Издава: Half Past Yellow
- Жанр: акција, одбрана со кули
- Платформа: Microsoft Windows







