Интересни демо предлози од штотуку започнатиот Steam Next Fest настан!

Најновиот Steam Next Fest само што започна да пали и жари низ Steam платформата, нудејќи неброени интересни демо верзии за игри што допрва ќе излезат. Во оваа прилика, одлучивме да изделиме неколку и да напишеме збор-два зошто мислиме дека би можеле да го заслужуваат вашето внимание.

Steel Seed: Aкција која се прикрадува кон длабочините на научно-фантастичната темнина

Демото за Steel Seed ветува интригантна акциона авантура која се темели на прикрадување. Сместена во мрачен, научно-фантастичен подземен свет, демото нè запознава со Зое – осамена протагонистка која се бори за опстанок во место кое контролирно од вештачка интелигенција.

Паркор, придружба на дрон и стратешка стелт механика

Наративот во Steel Seed е амбициозен, ветувајќи длабока приказна и комплексен развој на ликот. На приказната работи искусниот сценарист Мартин Корда. Како добитник на БАФТА награда, влијанието на Мартин ветува “интригантна еволуција на главниот лик” и “убедливо и длабоко наративно искуство”. Овие две точки се истакнуваат како клучни елементи кои го издвојуваат Steel Seed од другите слични игри.

Играта се фокусира на комбинација од прикрадување и агилно движење. Паркор способностите на Зое се наменети да им обезбедат на играчите тактички предности додека се движат низ разноликите, секогаш опасни зони. Играта го нагласува постојаното присуство на опасност, истакнувајќи дека заканите можат да се појават од која било насока.

Коби, нејзиниот дрон и единствен придружник, игра клучна улога и во навигацијата и во борбата. Тој делува како водич на Зое и клучна алатка за надминување на пречките. Развивачите го нагласуваат симбиотскиот однос меѓу Зое и Коби, сугерирајќи дека нивните комбинирани способности ќе понудат уникатни механики за играње за време на средбите.

Steel Seed сугерира дека стратешкото движење (читај: прикрадување) може да им овозможи на играчите целосно да заобиколат одредени пресметки. Овој фокус на стелт механиката дава приоритет на стратешкото размислување и внимателното планирање пред директна борба.

Kaya’s Prophecy: Уникатно спојување на градење на село и стратегија со карти

Kaya’s Prophecy нуди уникатно искуство кое спојува елементи поврзани со градење село со стратешката длабочина на roguelite игри и собирање карти. Играчите ја преземаат улогата на водач на племе, со задача да го изградат и прошират општеството во свет исполнет со предизвици.

Победнички карти

За да успеете во целта, ќе управувате со ресурси и ќе стекнувате карти од најразлични вредности. Овие карти ја сочинуваат основата за вашиот шпил, кој потоа се користи за оптимизирање на собирањето ресурси и развојот на селото. Бидејќи добивате карти кои се засновани на случаен избор, се воведува уникатен и непредвидлив начин за стратешко планирање, принудувајќи ве да се прилагодувате на картите што ги добивате.

Комбинацијата на управување со ресурси, механики базирани на карти и божествено влијание создава динамично и предизвикувачко игрово искуство.

Дополнителна тензија се создава со односот кој го градите со богот. Имено, преку нудење најразлична храна, богот ќе ве наградува со услуги и надградби, но доколку ги занемарите потребите, ќе се соочите со најразлични природни катастрофи. Овој систем создава постојана тензија помеѓу алокацијата на ресурси за раст на селото и исполнување на барањата на божеството.

Истражувањето игра значајна улога во Kaya’s Prophecy. Играчите тргнуваат на експедиции за да откријат нови ресурси и да ја прошират својата територија. Експедициите не се без опасности и за брзо време ќе се соочите со непријателскиот див свет и другите племиња. Борбата се решава преку механики базирани на карти, барајќи од вас да изградите ефикасни шпилови со различни офанзивни и дефанзивни способности. И овде, пријатно се изненадивме од стратешката длабочина и донесување одлуки со различни последици.

Ако уживате во игри кои го предизвикуваат вашето стратешко размислување и ја наградуваат приспособливоста, Kaya’s Prophecy дефинитивно вреди да се провери.

Monster Mop Up: Чистење, собирање и прилагодување на домот

Monster Mop Up е симулација која, преку чистење, ви дозволѕва да собирате суштества и да го прилагодувате домот. Преземајќи ја улогата на чувар кој е назначен од мистериозно “Министерство”, имате за задача да ги спасите симпатичните суштества наречени Рагамафини од човечкиот свет.

Дружба со симпатични пријателчиња

Вашата задача е да истражувате различни локации, од мали живеалишта до големи објекти, и да ги чистите нередите оставени од Рагамафините. Притоа, користите различни алатки за бришење на дамки, отстранување отпад и дезинфицирање на околината. Играта ја нагласува темелноста, бидејќи од играчите се очекува да не остават трага од присуството на Рагамафините.

Значаен аспект на играта е собирањето на самите Рагамафини. Овие суштества се скриени низ нивоата, принудувајќи ве ем да внимателно пребарувате, ем да користите стратегии за да ги фатите. Секој Рагамафин е уникатен, со свои карактеристики и однесувања, и е каталогизиран во “Монстеропедија” која дава информации за нивните имиња, возрасти и интереси.

Вашите напори за чистење и спасување се наградени со валута во играта, која може да се користи за купување надградби за вашите алатки за чистење, но и за проширување и уредување на вашиот простор за живеење. Нема да лажеме, забавно е да се дизајнира и декорира просторот над 150 парчиња мебел и декоративни предмети. На овој начин, играта ве охрабрува да создавате персонализирано засолниште за себе и за спасените Рагамафин придружници.

Играта исто така има систем на напредок каде играчите можат да отклучат помоќни алатки за чистење и да откријат скриени предмети низ нивоата. Доколку сте посветен чувар, Министерството ќе ве награди со титули како “Чувар на месецот” или “Чувар на годината”.

Monster Mop Up нуди спој на лежерна игра со фокус на истражување, собирање и прилагодување. Играта обезбедува лесно и привлечно искуство за играчите кои уживаат во симулации на чистење, собирање на суштества и дизајн на домови.

Tempest Tower: вртлог од забава со поставување кули и замки

Tempest Tower се заснова на едноставен концепт со комплексни механики: бранење централна точка од непријателски бранови преку стратешко поставување кули, скокање на грбови и користење одредени моќи.

Кули, замки, скокање и метли!

Започнувате на мала мапа каде треба да поставувате кули. Кулите мора да се поставени во близина на електричен извор. Додека непријателите поминуваат низ претходно-зацртан правец на движење, вие управувате со човече кое може да скока на грбовите (за дополнително оштетување) или пак да користи метла (за тактичко пренасочување) – – метлата можете да ја користите и за создавање ветер кој помага за генерирање електрична енергија на места каде што тоа не е возможно. Штом завршите со првиот бран, мапата се проширува, дозволувајќи ви да поставите дополнителни кули на стратешките места.

Покрај кули, низ мапите ќе наидувате и на само-обновувачки извори на бомби кои можете да ги носите/ џиткате кон непријателите, собирајќи притоа и специјални суштества кои даваат одредени надградби доколку ги однесете во главната кула. Како што веќе заклучувате, не е доволно само да се поставуваат кулите и замките – потребно е и вие да трчате, скокате и напаѓате низ мапата, трудејќи се лично да допринесете до намалување на бројката. Демото врши одлична работа да ве заинтригира со навидум непресушните можности за импровизација.

Tiny Lands 2: Релаксирачко нурнување во фотореалистични минијатурни светови

Tiny Lands 2 го проширува концептот на својот претходник така што ви нуди мирно искуство фокусирано на пронаоѓање разлики во прецизно изработени 3D простори. Ова продолжение нагласува релаксирачки стил на игра. Наместо каков било притисок имате интересни функции за опуштени и едноставни механики засновани на барање разлики.

Најди ги разликите, по втор пат!

Tiny Lands 2 се врти околу истражување на фотореалистични минијатурни сцени од различни агли. Играчите мора да идентификуваат суптилни разлики помеѓу две речиси идентични верзии на секоја диорама. Визуелниот стил се потпира на рачно изработена естетика, комбинирајќи реалистични текстури и предмети во шармантен, минијатуризиран свет. Флексибилниот систем на камера овозможува поголема слобода на истражување, овозможувајќи им на играчите да ги испитаат диорамите од која било перспектива.

Нешто што највеќе ни се допаѓа во Tiny Lands 2 е нејзиниот фокус на релаксација. Играта намерно избегнува временски ограничувања или казни за неточни избори, дозволувајќи им на играчите да напредуваат со свое темпо. Оваа филозофија на дизајн поттикнува мирно и искуство на игра без стрес. Играта исто така обезбедува оригинална релаксирачка музика. Прекрасно демо и, со малку среќа, и прекрасна игра кога ќе излезе некогаш во 2025!

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Inline Feedbacks
View all comments