Викенд гејминг предлог: Lost Eidolons: Veil of the Witch


Ocean Drive Studio е развојно студио кое ја започнува нивната борба за сенка под сонцето во 2022. Нивната прва игра, Lost Eidolons привлекува солидно внимание со мрачната приказна и комплексните tun-based тактики. Се чини дека првиот наслов за студиото има посебна вредност. По roguelite играта Section 13 и по откачената Dropkick Navvy: First Step, Ocean Drive повторно се враќа на корените. Иако сместена во ист универзум, Lost Eidolons: Veil of the Witch значително се разликува од помладиот брат, нудејќи релативно забавно искуство кое успешно балансира елементи на визуелен роман и тактички битки.

Приказна испреплетена со roguelite и стратешки елементи

Lost Eidolons: Veil of the Witch ве фрла во остров кој е полн со монструозни чудовишта. Ликот со кој играте не памети ништо пред несреќата која го има донесено на островот. Водени од едно писмо на кое има напишано само две имиња, ќе решите да не седите со скрстени раце и ќе пробате да откриете што е можно повеќе работи за вашето минато.

Во Lost Eidolons: Veil of the Witch подеднакво внимание се посветува и на приказната и на битките.

Преку текстуално сервирање дијалози, ќе навлезете во бројни разговори поврзани со моментната ситуација. Во процесот на наоѓање одговори поврзани за вашата моментна состојба, ќе успеете да соберете цела група сопатници. И, тука, е нашиот прв проблем со приказната. Од една страна, јасно е дека многу внимание и знаење е посветено на приказната. Ни се допаѓа начинот на кој се раскажува приказната, а поголемиот дел од дијалозите се квалитетно напишани, принудувајќи ве да сакате да читате повеќе, целосно инвестирајќи се во ликовите.

Но, од друга страна, многу ни е тешко да се помириме со одредени наративни пропусти, особено на почетокот на играта. Имено, вие доаѓате во град и инстантно, без никакви убедувања, добивате ушт два способни сопатника кои оставаат сѐ зад нив само за да ве придружуваат? А каде? Немате никаков план, само сакате да дознаете кој е Силвио. Тие викаат дека е самоубиство да се оди надвор, вие викате дека не ви е важно тоа, и на крај добро, ај сите одиме надвор, не ни се седи повеќе тука. И, да, вие, како мистериозно лице кое ништо не памети ќе биде лидерот, а не некој од останатите други лица кои имаат веќе-докажан статус во општеството.

Сметаме дека за вакви клучни ситуации, потребен е дијалог во кој се развива поголема позадина и подлабоко се анализираат личните мотивации. Во спротивно, приказната сигурно ќе биде загрозена. Со оглед на тоа дека играта штотуку излезе во раниот пристап на Steam, форматот на раскажување дозволува лесно надополнување и промени, така да веруваме дека студиото ќе ги исполира овие работи со текот на времето.

Како и да е, секојпат кога сте во градот, имате на располагање најразлични активности за социјализација. Можете да го посетувате пазарот, вашата соба, олтарот за отклучување способности од траен карактер, како и заедничка просторија. Овие моменти ги користите за разговарање со ликовите кои се од вашиот тим, и за нивно унапредување. Како напредувате низ приказната, така се отклучуваат повеќе области и активности.

Надвор од разговорите, ќе можете и да водите битки. Од градот излегувате со тим од петмина. Секој од првите пет воини се одликуваат со различни офанзивни и дефанзивни способности, пружајќи одлични можности за динамични битки. Некои од сопатниците првенствено се фокусираат на користење лековита или деструктивна магија, додека некои се целосно old-school и дозволуваат сечилото да биде пресудно за секоја интеракција. Ни се допаднаа тие почетни моменти кога учевме кој лик за што го бива и како да го користиме на бојното поле.

Патот до славата

А, што се однесува до бојното поле, секој пат кога ќе излезете од кампот, ќе мора да бирате еден од неколку понудени патишта. Секој пат се одликува со различни настани, битки и награди. Низ вашите авантури, ќе наидувате и на најразлични ликови со кои стапувате во најразлични интеракции. Како што кажавме, приказната игра огромна улога во Lost Eidolons: Veil of the Witch и бидете подготвени на читање помеѓу и за време на битките, како и донесување одлуки кои ќе имаат значајни последици. Ваквиот наративен фокус дава посебна димензија на битките и го прави секое искуство уникатно и неповторливо.

Битките знаат да бидат предизвикувачки. Засновани на turn-based системот, потребно е да задавате команди за ликот кој е на ред. Како што напоменавме, секој од ликовите има серија од оружја и способности, но, за нивно правилно користење, треба соодветна поставеност на бојното поле.

Во моменти кога започнува битката, релаксирачката музика станува поттисната од агресивни метал звуци, алудирајќи на визуелно исполнителни моменти и потреба за итност. Имено, во нашата прва битка, од едната страна имавме бројни непријатели, а од другата се наближуваа токсични гасови, принудувајќи нѐ да работиме на побрзо елиминирање, каконе би биле фатени помеѓу два огини.

Како и нашиот тим, така и непријателите имаат серија од уникатни напади. Згора на тоа, некои поголеми непријатели имаат и ранливи точки кои се активираат само доколку нападнете со одредено оружје. Во случај да активирате ранлива точка, штетата која ја нанесувате е значително поголема, со што автоматски се уништуваат сите шанси за непријателски контра напад. Во случај да озбилно утнете нешто, борбениот систем ви дозволува да се вратите во времето и да пробате со некоја друга тактика.

Низ вашите авантури помагаат и бројните реликти кои ги наоѓате. Овие реликти ви дозволуваат статистички да зголемувате одредени способности на ликовите, обично во поглед на издржливоста или нападите. Ќе наидете и на посебни драгоцени камења со кои ќе можете да надградувате опрема или пак да отклучувате целосно нови вештини. Паралелно со ова, секое зголемување на левелот на ликовите ви дозволува да одберете дополнителна способност, како повисоки шанси за критичко оштетување при користење лак и стрела, или пак суптилна регенерација по убивање непријател.

Сите способности кои се нудат се скроени за ликот кој се надградува, пружајќи дополнително проширување на специјализацијата која веќе ја има отклучено. Од време на време, ќе можете да навлезете во одредени кампови, да одморите или да надрадите некоја способност преку тренирање. Ако решите да истренирате некоја способности, нема да можете да одморите и да го регенерирате здравјето, и обратно.

Со оглед на тоа дека се работи за roguelite напредување, порано или подоцна мора да умрете. Процесот на умирањето е искористен од вторите за да се дополнително разработи приказната. Имено, секое ваше умирање отвора поглед кон минатото. Умрете доволно пати и ќе можете да дознаете каква личност сте биле пред островот.

Како за игра која е во раниот пристап на Steam, Lost Eidolons: Veil of the Witch навистина не е лоша. Топло препорачуваме да ја проверите доколку бевте фанови на првата игра на Ocean Drive Studio,. Сметаме дека не би требало да се разочарате доколку уживате во уникатни roguelite механики со длабок стратешки систем поврзани со turn-based битки.

Повеќе детали за играта

  • Произведува: Ocean Drive Studio
  • Издава: Ocean Drive Studio
  • Жанр: RPG стратегија
  • Платформа: Microsoft Windows
  • Излезена на: 5 ноември 2024

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Inline Feedbacks
View all comments