Што се случува кога ќе пробате да комбинирате мрачен хумор со ренесансна уметност? Ако некој го знае одговорот тоа е исклучително талентираниот Џоу Ричардсон. Овој уметник/ девелопер ја има направено една од најоткачените и најсмешните point and click авантури, цементирајќи го местото на Steam со зашеметувачки 99% позитивни рецензии!

Од мрачно – помрачно! А, сепак, болно смешно!
Од механичка гледна точка, Death of the Reprobate e вашата стандардна point and click авантура. Имено, го водите ликот низ најразлични дводимензионални површини, разговарате со бројни ликови и стапувате во најразлична интеракција во околината преку едноставно кликнување со вашето глувче.

Она во што Death of the Reprobate се истакнува од сите други point and click авантури е презентацијата. И приказната! Џоу Ричардсон, авторот кој е најдобро познат по Four Last Things и The Procession to Calvary навистина се има надминато себеси во осмислување на што е можно пооткачена приказна. Дејството се одвива низ ренесансни слики и со музика која била препознатлива во тоа доба, допринесувајќи играчот да навлезе во автентична временска димензија. И тогаш стапува на сила приказната.

Бесмртниот Џон е далеку од бесмртен. На прагот на смртта, Џон не сака да ви го предаде царството во ваши раце. По кратко убедување, Џон се сложува да бидете следниот владетел, но само доколку направите неколку добри дела до крајот на денот. Ова звучи полесно во теорија отколку во пракса. Би сакале да ви кажеме повеќе, навистина, но, не би било фер да ризикуваме да го загрозиме вашето искуство со кажување нешто што не би требало. Она што можеме да кажеме е тоа ретко која игра не има насмејано. Death of the Reprobate, меѓутоа, често презвикуваше некотролирани наливи на смеење. Дури и сега, како го пишуваме овој текст, се присетуваме на некои работи низ кои поминавме и апсолутно не ни е јасно како на некого можат да му паднат на памет такви работи. Апсолутно генијално! Имајте во предвид дека сепак се работи за мрачен хумор и играта не се препорачува на лица под 18 години.

Иако не сме преголеми фанови на слики од ренесансниот период, никако не можевме да бидеме рамнодушни на чистите, детални цртежи кои одлично го прикажуваат дејството. Згора на ова, класичната музика на Едуардо Антонели динамично се менува и прилагодува како напредувате низ приказната, трудејќи се да го направи секое идно искуство што е можно по уникатно од претходното.

Како одредени слики, така и Death of the Reprobate ќе се смета за ремек дело – феноменална и крајно уникатна авантура која секогаш ќе е високо на листите на критичарите. Во случај да сакате да сведочите откачени ситуации и слатко да се изнасмеете, ова е авантура која не би требало да ја заобиколите.
Повеќе детали за играта
- Произведува: Joe Richardson
- Издава: Joe Richardson
- Жанр: авантура
- Платформа: Microsoft Windows
- Излезена на: 7 ноември 2024







