4 предлог игри за незаборавна забава

Како за почеток на 2026-та година одбравме четири игри кои припаѓаат на различни жанрови, но делат заедничка цел: да ве забават на впечатливи начини и да ви овозможат релаксирачки старт на неделата.

Cloudheim: Шарен хаос и креативно занаетчиство

Cloudheim е акционен RPG наслов од студиото Noodle Cat Games. Сместена во шарен свет по Рагнарок, играта е дизајнирана како кооперативно искуство за 1 до 4 играчи. Наместо длабока нарација, меѓутоа, фокусот е ставен на гејмплејот, нудејќи брза акција, собирање ресурси и надградба на вашата база. Играта неодамна излезе во Early Access, и, иако е далеку од комплетирана, веќе нуди јасна структура и дефиниран уметнички правец. Благодарение на ова, играта веќе има над 80% позитивни рецензии.

Борбениот систем во Cloudheim се базира на физика, дозволувајќи ви непријателите да ги третирате како објекти кои можете да ги лансирате, врзувате и, по потреба, жонглирате. Ваквиот детален систем создава динамични и често смешни ситуации, особено доколку решите да навлезете во кооперативниот режим со пријател-два. Надвор од борбата, Cloudheim се одликува со интуитивен систем на изработка и трговија директно од комфорот на вашата база, која, коинцидентно, е на грбот на летечката желка Odin Shell.

Од визуелна гледна точка, Cloudheim може само да ве импресионира со својот стилизиран, цртан изглед и живи бои кои го прават светот исклучително привлечен за истражување. Звучните ефекти при ударите се задоволителни, а истото можеме да го кажеме и за динамичната звучна подлога. Доколку не ви е битна приказната и сакате само да се опуштите преку, првенствено, впечатливи битки, тогаш играта знае да понуди забавно и крајно уникатно искуство.

Во моментов, Cloudheim е амбициозен наслов со цврста основа од пет острови и четири класи. На играта дополнително ќе се работи во наредните 9 до 12 месеци. Ако сакате хаотична забава, сами или со пријатели (подобро со пријатели) тогаш, вреди да се проба чедото на Noodle Cat Games. Со садржајни ажурирања и балансирање на економијата, тимот има шанса да го претвори овој наслов во вистински хит.

Dungeon Rampage

Dungeon Rampage е освежителен наслов за сите љубители на hack-n-slash игри, особено доколку носталгично се присетувате на оние игри од минатото каде фокусот беше на едноставна и директната акција без непотребни компликации или микротрансакции.

Како директно оживување на популарен наслов од 2012 година, Dungeon Rampage сега е редизајниран од Gamebreaking Studios за да се вклопи во барањето за поквалитетни стандардите кои се соодветни за модерната публика. Dungeon Rampage е кооперативен brawler наменет за до четири играчи.

За брза и откачена забава избирате херои со уникатни способности и се пробивате низ процедурално генерирани нивоа полни со непријатели. Системот на оружја е длабок и овозможува опремување на стотици различни алатки кои го менуваат пристапот кон борбата. Дополнителна помош во совладавање на предизвиците е овозможено благодарение на миленичиња како волци и змејови. Визуелниот стил успешно го задржува шармот на оригиналната флеш анимација но е со значително подобрена резолуција. Поради сите овие работи, Dungeon Rampage се истакнува како одличен избор за оние кои бараат чиста забава и носталгично искуство, особено сега за време на празничното расположение.

theHunter: Call of the Wild – Scotland Hunting Reserve

Најновата експанзија за theHunter Call of the Wild ве носи во резерватот Torr nan Sithean во шкотските висорамнини, локација која се издвојува од претходните мапи преку својата специфична топографија и атмосферски услови. Длабоките езера и острите планински врвови создаваат чувство на изолација, додека променливите временски услови и густата магла нудат интересни моменти каде сте принудени да се потпирате и на слухот. Во спротивно, нема леснo да навигирате низ проблематичниот терен. Отворените долини пак, овозможуваат детектирање на животните од далечина, но истовремено го отежнуваат прикрадувањето без соодветна стратегија.

За пофалба е присуството на осумнаесет различни животински видови. На располагање имате и ловечки кучиња кои стануваат непроценлив сојузник во следењето на пленот низ непристапните предели. Најновиот додаток за оваа релативно дамнешна, но квалитетна симулација нуди уникатен предизвик преку вертикалноста на мапата и претставува задолжително искуство за сите оние кои сакаат да ги тестираат вештините во сурови и реалистични услови.

DRINK HUMAN BEANS

DRINK HUMAN BEANS е психолошки наслов кој ве става во улога на апликант за работа. Искуството започнува како стандардна процедура за вработување преку симулација, но брзо еволуира во психолошки тест за вашите нерви, тест каде манипулацијата со реалноста стамива крајно нејасна и длабоко – вознемирувачка.

DRINK HUMAN BEANS е уште една од „оние„ хорор искуства кои ви дозволуваат иновативно да го користите паметниот телефон како централен инструмент за комуникација и преживување. Играта релативно добро го пренесува чувството на зависност од технологијата, нешто што е морничаво блиску до реалноста.

Иако постои можност за користење оружје, DHB не е класичен акционен наслов. Акционите сцени се ретки, но, кога ќе се појават, максимално го користат насилството за да се наметне поткачи адреналинот, но, надвор од таквите моменти, играта се труди да наметне психолошки притисок и да ве принуди да барате алтернативни решенија.

На крајот на денот, чедото на Last Dissent храбро ги истражува темите на идентитетот и дехуманизацијата во современото општество, нудејќи на внимателните гејмери сатирична критика на корпоративната култура и илузијата на контрола.

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Inline Feedbacks
View all comments