3во1 преглед: незаборавна забава со Rally Arcade Classics, Mortal Rite и Confronted

Во пресрет на последната недела од месецот февруари, решивме да ископаме три помалку познати, но забавни игри кои ќе пробаат да ве освојат со адреналински трки, Dark Souls пресметки, или пак здрава доза од хорор и загатки.

Rally Arcade Classics: Ретро тркачка авантура

Rally Arcade Classics е наменета и за искусните ветерани кои копнеат по класичното аркадно тркање, но и за почетниците кои сакаат да ја искусат историјата на рели трките од малку пофлексибилен агол. Чедото на NETK2GAMES успешно ја доловува суштината на аркадните рели игри, нудејќи брзо темпо и разнолики содржини кои долго ќе ги паметите.

Експлозија од минатото

Rally Arcade Classics се гордее со импресивна листа од 44 култни автомобили кои доминирале низ четири децении, од 70-ти години на минатиот век па се до модерните 00-ти. Секој автомобил нуди поразлично, но уникатно искуство во управувањето, додавајќи освежителна длабочина во играта. Независно од тоа што сакате да возите, шансите се дека ќе го најдете идеалниот автомобил кој ќе ве одведе на адреналинско и носталгично патување. Импресивниот избор од автомобили ќе можете да го проверите на 48 разновидни стази.

Стазите се сместени на различни локации, од прашливи пустински патеки до воодушевувачки планински патишта, изложувајќи ве на постојан и динамичен прилив на нови предизвици. Играта ја нагласува брзината и вештото возење. Наградата ви се испорачува само доколку сте способни за прецизно дрифтање низ тесните свиоци и ефикасна навигација низ предизвикувачки терени. Сите овие работи се овозможени преку шест различни режими на игра, од турнеја, преку рали, па се до посебни настани.

Rally Arcade Classics е задолжителна лектира за сите љубители на ретро тркачки игри. Успешно го доловува духот на класичните аркадни рели тркачи, истовремено нудејќи доволно модерни карактеристики и содржина која би можела да се допадне на пошироката публика. Разновидните режими на игра, обемната листа на автомобили и стази, како и фокусот на брза акција допринесуваат до пријатно и зависно искуство. Иако не се работи за хардкор симулација, играта сепак испорачува возбудливо и носталгично патување во златнато доба на аркадните рели трки.


Mortal Rite: Хибрид од Soulslike и Roguelite

Mortal Rite смело се обидува да создаде малку поразличен хибрид кој позајмува механики и од предизвикувачките Souls-like наслови и од непредвидливата, повторлива природа на roguelite игрите.

Танц на прецизност и агресија!

Клучните механики во Mortal Rite се темелат на брзи битки кои се со силен фокус на лични пресметки со ладни оружја. Далеку никако нема да стигнете доколку навлезете во играта сметајќи дека се работи за едноставна hack-and-slash акциона-авантура. Напротив, во играта на Round Toast Studios е потребно да ги очите и да се прилагодувате на движењата и нападите на непријателите, особено кога ќе бидете опкружени од поголема бројка. На располагање имате разновидната низа на напади, вклучувајќи лесни, тешки удари, како флексибилни можности за избегнување и воздушни маневри.

Уште на самиот почеток, ќе ви се пружи можност да изберете да навлезете во еден од три шампиони. Секој шампион се одликува со уникатни движења, офанзивни и дефанзивни тактики, често барајќи до вас да екпериментирате со стиловите и да користите најразлични техники. Иако борбената изведба е солидна, може да се случи да има недостаток на визуелни повратни информации. Непријателските анимации може да бидат тешки за читање, што го отежнува предвидувањето на нападите, особено во хаотичните мултиплеер сесии. Кога сме кај тоа, не мора да навлезете во играта сами, туку може да повикате и неколку пријатели да ви помогнат во авантурите.

Mortal Rite претставува убедлив спој на Souls-like борба и roguelite повторливост. Основните борбени механики се солидни, а опциите за прилагодување на карактерите се обемни. Сепак, дизајнот на мапите нема никако да импресионира, успешно уништувајќи ја секоја желба за подетално истражување. Недостатокот на соодветна музичка подлога исто така не помага, како и недоволно паметната вештачка интелигенција. Mortal Rite, меѓутоа, и понатаму останува да е дел од раниот пристап на Steam, така да се надеваме дека голем дел од забелешките ќе бидат искоренети во иднина.


Confronted: Застрашувачко прежувување

А, за оние кои се расположени ем да се исплашат, ем да решават предизвикувачка загатка-две, чедото на Grumpy Rock Studios ќе знае како да ви излезе во пресрет.

Страв од загатки

Confronted се претставува како застрашувачка хорор игра со елементи за преживување. Како една од главните механики во играта е градење засолништа и криење од неописливите ужаси во замокот Раду. Низ мрачниот замок имате за задача да собирате ресурси кои ви помагаат за брзинско градење на одредени претходно дефинирани дизајни. Самиот замок е визуелно импресивна околина, со детална готска архитектура која значително придонесува за морбидна атмосфера во играта.

Аспектот на истражување е добро изведен, охрабрувајќи ги играчите внимателно да ја пребаруваат својата околина за ресурси и траги. Загатките кои се присутни во првото поглавје се генерално добро интегрирани во околината и нудат пристоен предизвик. Сепак, некои загатки делуваат како да се премногу едноставни. Други, пак, оставаат впечатко како да немаат никакви допирни точки со логиката.

Приказната се раскажува преку употребата на флешбекови и наративно раскажување преку околината. Морничава и вознемирувачка атмосфера, засилена од готското опкружување и ефикасната употреба на осветлување и звуци, создава забележливо чувство на страв. Но, овој став првенствено се потпира на психолошки хорор – на она што не е, а може да е, отколку на едноставни jump-scare-ови.

Основната концепција за градење засолништа е интригантна, а наративот ги има зачетоците на убедлива приказна. Играта дефинитивно покажува потенција, но треба понатамошен развој доколку студиото навистина сака да испорача незаборавно хорор искуство.

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Inline Feedbacks
View all comments