Од 1 јануари стапува на сила нов Правилник за употреба на дронови

во ИТ.МК

Од 1 јануари 2025 година во Македонија ќе започне да се применува нов Правилник за употреба на дронови. Правилникот се заснова на европските закони ЕУ 2019/945 и 2019/947 и со нив Македонија целосно ќе ги имплементира овие регулативи. ЕУ 2019/945 и 2019/947 се однесуваат на системите на дронови и правилата за нивно оперирање.

 Во изминатиот период, Агенцијата за цивилно воздухопловство изврши пререгистрација на сите веќе регистрирани дронови. Агенцијата во овој период ги контактираше и сопствениците на дронови за кои беа потребни дополнителни информации.

Веројатно најпријатна вест за сите сопственици на дронови е најавата за отворање на веб апликација за најава на летови. Апликацијата треба да биде достапна во почетокот на 2025 година и значително ќе го олесни најавувањето на летовите. За разлика од досегашната процедура, во која требаше летот да се најави 24 часа порано, сега летот ќе може да се најави непосредно пред летањето. Корисниците кои веќе креирале профил ќе треба единствено да ја одберат локацијата на мапа.

За подетални информации за овие регулативи, можете да го посетите линкот: EASA Easy Access Rules.

Накратко за новата регулатива за дронови во Македонија

Новиот Правилник за воздухоплови без екипаж, е донесен на 30 мај 2024 година. Објавен е во Службен Весник на Република Северна Македонија број 115 од 2024 година. Со овој правилник, националната регулатива се хармонизира со европските регулативи за условите за безбедно користење, давање соодветни услуги и вршење летачки операции со дронови и воздухопловни модели. Покрај тоа, се утврдуваат условите за стручната оспособеност на лицата кои управуваат со овие воздухоплови, за стекнување соодветни исправи и постапките за нивно издавање.

На форумот на ИТ.МК може да пронајдете отворена тема за новиот правилник. Благодарение на Taurus, може да прочитате кои се најголемите промени во него.

Залив на коските (фотографија со дрон) – Photo by Polina Rytova on Unsplash

Преглед на главните промени

Според категоризацијата дроновите се поделени во 3 категории, формирани според опасноста (нивото на ризик) која ја претставува беспилотното летало.

  • Отворена – во оваа категорија се најголем дел од дроновите. За овие летала не е потребно овластување, а надзорот го обезбедува полицијата.
    • Дрон со тежина над 250 грама или во случај при удар да може да се пренесе кинетичка енергија над 80 џули.
    • Дрон кој е опремен со сензор (камера, микрофон) кој може да сними лични податоци;
  • Посебна – Неопходно е овластување од надлежен орган пред летовите. Надзорот го обезбедува АЦВ.
  • Сертифицирана – Неопходни се сертифицирани UASи, сертификат за пловидбеност, лиценцирани далечински пилоти, SMS, AOC.

Отворена категорија

Со оглед на тоа дека најинтересна категорија за најголем дел од корисниците е отворената еве ги најважните правила за неа.

  • Тежината на леталото мора да биде помала од 25 килограми
  • Се лета исклучиво во видно поле, до висина од 120 метри
  • Забранет е транспорт на опасни материи
  • Забрането е испуштање на материјали и течности
  • Автономните летала не се дозволени, ниту автономни операции
  • Пилот постар од 16 години, или надзор од повозрасен од 16 години

Летовите со леталата од отворена категорија се поделени на 3 поткатегории А1, А2 и А3. А1 е категорија во која спаѓаат дронови помали од 900 грама и летање над луѓе. Иако летањето над луѓе не е забрането, летањето над собири е забрането. Во категоријата А2 се сите дронови полесни од 4 килограми и летање во близина на луѓе. Во А3 се дронови полесни од 25 килограми и летање далеку од луѓе;

  • Забрани и услови:
    • Забрането е летање на дронови во затворени простории.
  • Регистрација:
    • Се регистрира операторот на дрон, а не самиот дрон. Еден профил може да вклучи повеќе дронови.
    • Физичките лица се регистрираат во државата на која се жители
    • Правните лица се регистрираат во државата во која е регистрирано деловното работење на компанијата.
  • Осигурување:
    • Осигурување е задолжително за дронови над 500 грама кај физички лица,
    • Воздухоплови без екипаж над 20 килограми мораат да се осигуруваат
    • За дронови кои се користат комерцијално, осигурувањето е задолжително
  • Обука:
    • За категорија A1, испитите ќе бидат достапни онлајн, и ќе бидат бесплатни.

Правилникот предвидува и категорија за дронови играчки. Ова се дронови играчки кои производителите ги намениле за деца помлади од 14 години.

Photo by Arun Prakash on Unsplash

10 најважни работи за корисниците на дронови

Агенцијата за цивилно воздухопловство на својата веб-страница објави и листа со 10 најважни работи кои треба да ги знаат корисниците на дронови.

•Секогаш треба да се консултирате со Агенцијата за цивилно воздухопловство (АЦВ) за упатствата и важечките прописи. До регулативите може да се пристапи на интернет страницата на АЦВ.
•Ако користите воздухоплов без екипаж во комерцијални цели или за сопствени потреби истиот треба да биде запишан во Регистарот на воздухоплови без екипаж кој го води АЦВ и да биде обележан со регистарска ознака, за што АЦВ издава Уверение за регистрација. Воздухопловот без екипаж од Класа 5 – која опфаќа воздухоплови без екипаж со MTOW поголема од 150 кг., се запишува во Регистарот за воздухоплови на АЦВ.
•Прочитајте го упатството за корисници темелно пред да ракувате со вашиот воздухоплов без екипаж.
•Проверете го вашиот воздухоплов без екипаж пред секој лет.
•Воздухоплов без екипаж не може дирекно да надлетува или да лета на растојание помало од 50 метри од луѓе на отворен или затворен простор.
•Воздухоплов без екипаж не може директно да надлетува или да лета на растојание помало од 100 метри од објектите од значење за безбедноста или објектите на државните органи.
•Во зона на спортските аеродроми и леталишта е дозволено летање на воздухоплови без екипаж на висина до 1000 ft (300 метри) над терен и во радиус од 1км околу аеродромот само со одобрение на операторот на аеродромот/леталиштето и претходна најава на Контролата на летање за активности на воздухоплови без екипаж.
•Во рамки на визуелна линија на видното поле, воздухоплов без екипаж може да оперира на максимално растојание од 500 метри хоризонтално и 100 метри вертикално од површината на земјата.
•Не летајте во близина на аеродром. Останете најмалку 8 км (5 милји) подалеку.
•Должни сте секогаш да го пријавувате летот на вашиот воздухоплов без екипаж на Апликацијата за летање со воздухоплов без екипаж. И запомнете дека сте далечински пилот и сте одговорни за безбедно летање и избегнување судири.

За повеќе детали посетете ја страницата на Цивилното воздухопловство.

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Inline Feedbacks
View all comments
види ги сите огласи на kariera.it.mk