Легендарната франшиза NINJA GAIDEN се враќа на сцената со сосема нов и поразличен наслов. NINJA GAIDEN: Ragebound е игра која ветува дека ќе ги спои класичната 2D акција со длабочината на модерните 3D игри. Развиена од страна на студиото одговорно за визуелно впечатливата и исклучително предизвикувачка Blasphemous, оваа нова авантура има за цел да ја редефинира сагата за Рју Хајабуса, нудејќи спектакуларно, возбудливо и пред сè, предизвикувачко нинџа искуство. Поради тоа, играта не е само омаж на минатото, туку амбициозен обид да се создаде дефинитивната NINJA GAIDEN игра која ќе ги задоволи и ветераните и новите играчи.

Приказната започнува во еден критичен момент за кланот Хајабуса. Додека легендарниот нинџа Рју Хајабуса е на пат кон Америка за да ја испочитува волјата на својот татко, неговото село останува незаштитено. Во негово отсуство, бариерата помеѓу човечкиот и демонскиот свет се крши, ослободувајќи застрашувачка армија на демони која го напаѓа селото. Соочени со закана без преседан, одбраната паѓа на плеќите на Кенџи Мозу, млад и талентиран нинџа трениран лично од Рју.
Иако се бори храбро, Кенџи наскоро сфаќа дека силата на непријателот е преголема. Принуден да бара очајни решенија, тој носи тешка одлука: да ги остави настрана вековните непријателства и да склучи сојуз со злокобниот Black Spider клан. Убеден дека само со спојување на нивните души и вештини може да го спаси светот од канџите на господарот на демоните, Кенџи тргнува по пат полн со опасности и морални дилеми.
Иако се работи за комплексна приказната која се раскажува на уникатен и впечатлив начин, истражувањето и битките и понатаму се во силен преден план, пружајќи забавна форма на дигитална забава, особено доколку користите контролер.

NINJA GAIDEN: Ragebound се одликува со гејмплеј механики кои се лесни за учење, но се неверојатно тешки за усовршување. Играта го задржува класичното 2D странично движење, но го збогатува со модерни механики кои бараат прецизност и брзи рефлекси. Во ваква поставка истовремено ќе скокате помеѓу контролирање на двата главни лика: Кенџи Мозу и вештата атентаторка од кланот црн пајак, Кумори. Овој систем на двојни протагонисти овозможува динамично менување помеѓу двата лика во секое време, дури и во средина на комбо напад, со што се отвораат безброј стратешки можности.
Секој лик има уникатни способности и стил на борба, а нивната синергија е клучна за надминување на предизвиците. Централната механика, наречена Ninja Fusion, виовозможува да ги комбинираат нивните моќи за да изведувате уништувачки напади кои можат да го променат текот на најтешките битки против моќните шефови. Очекувајте исклучително висока тежина, карактеристична за серијалот, која ќе ги тестира вештините и на најискусните фанови.

Визуелно, играта е вистинско уметничко дело. Тимот зад Blasphemous уште еднаш ја докажува својата мајсторија во создавање на модерен пиксел-арт. Ragebound користи брутална и носталгична естетика која оддава почит на 8-битните класици, но истовремено ги поместува границите на она што е возможно со оваа технологија.
Секој лик, непријател и позадина се изработени со неверојатно ниво на детали, со флуидни анимации и атмосферски ефекти кои создаваат мрачен и живописен свет. Звучната подлога совршено ја надополнува атмосферата, комбинирајќи традиционални јапонски инструменти со модерни електронски и рок елементи, создавајќи напнатост и адреналин во секоја битка. Звучните ефекти се остри и впечатливи – од секој удар на катаната до крикот на поразениот непријател, сè е дизајнирано да го потопи играчот во бруталниот свет на нинџите.

Со својата совршена фузија на носталгична 2D акција и иновативни модерни механики, NINJA GAIDEN: Ragebound претставува триумфално враќање на легендарната франшиза. Предизвикувачкиот гејмплеј, кој бара беспрекорни рефлекси и стратегија, е збогатен со уникатниот систем на двојни протагонисти, нудејќи длабочина што ќе ги награди најупорните играчи. Графиката, изработена од мајсторите зад Blasphemous, заедно со динамичната звучна подлога, создаваат брутален, но незаборавен свет што ќе ве вовлече целосно во уникатната атмосфера. Поради сето ова, NINJA GAIDEN: Ragebound не е само уште една игра во серијалот, туку дефинитивно нинџа искуство кое со право заслужува висока препорака за сите гејмери гладни за вистински предизвик и врвна акција.








