Kill It With Fire е наслов кој умешно ги спои интензивната акција и комичниот пристап, создавајќи исклучително забавно и смешно искуство. Развиена од Casey Donnellan Games LLC, играта директно ве соочува со универзалниот страв од пајаци, ставајќи ве во улога на посветен истребувач. Вашата мисија беше јасна: исчистете ги сите пајаци од навидум мирни секојдневни средини како куќи и гаражи. Алатките за извршување на оваа задача беа исто толку необични колку и премисата, движејќи се од едноставни предмети при рака до далеку поефикасни и честопати хаотични средства.
Со пристигнувањето на Kill It With Fire 2, играчите повторно се соочуваат со еден од најчестите човечки стравови, но овој пат на епска, мултидимензионална скала. Како директно продолжение, насловот ја ескалира првичната премиса: пајаковата инвазија повеќе не е ограничена само на планетата Земја, туку се проширила низ целиот мултиверзум. Во улога на истребувачи, ќе имате за задача да ставите крај на оваа инвазија, патувајќи низ различни димензии во потрага по целосно искоренување на арахнидната популација.

Комичен хорор со пајаци
Започнувате од комфорот на вашиот стан. Но, таквиот комфор не трае долго време затоа што полека, но сигурно започнувате со пронаоѓање пајаци, користејќи најразлични секојдневни предмети за да може да ги убиете. За да излезете од моментната соба и да се префрлите во другата, обично е потребно да убиете одреден број пајаци. Кампањата може да се игра самостојно, но играта силно го промовира и поддржува онлајн кооперативниот режим за до четири играчи. Овој режим им овозможува на пријателите здружено да се соочат со предизвиците и да ја искоренат пајаковата популација низ мултиверзумот, ветувајќи интензивна акција и тимска работа. На располагање имате најразлични предизвици, не е само убивање пајаци, туку ќе биде потребно и да кршите прозорци, да пронајдете нешто, да понаместите одреден предмет, и слично. Исполнување на ваквите цели ви дозволува да отворите одредени претходно недостапни места за да најдете нешто крајно корисно во нив. Не кажуваме што!

Концептот на мултиверзумот овозможува истражување на широк спектар на средини, од вестерн пејзажи до локации со поапстрактна тематика поврзана со потеклото на пајаците. Оваа разновидност придонесува за визуелниот и тематскиот идентитет на играта.
Арсеналот достапен за истребувачите ја рефлектира научно-фантастичната поставеност, нудејќи разновиден сет на алатки и оружја. Покрај конвенционалното оружје, играчите имаат пристап до специјализирана опрема дизајнирана за ефикасно справување со пајаковата популација, вклучувајќи фрлачи на пламен, ласерски оружја, експлозиви, далечински управувани возила и други средства. Акцентот се става на обезбедување ефективни и потенцијално спектакуларни начини за елиминирање на противниците.

Покрај кооперативното искуство, Kill It With Fire 2 вклучува и Spider Hunt. Се работи за PvP режим, кој нуди асиметрична мултиплеер поставеност. Во овој режим, играчите се делат на два тима: истребувачи и пајаци. Играчите во улога на пајаци имаат пристап до способности специфични за нивната форма, како што се исфрлање мрежи за контрола на движењето на противниците или користење на околината за прикривање и маневрирање. Тимот на истребувачи, пак, ги користи своите оружја и алатки, вклучувајќи системи за следење, за да ги лоцира и елиминира играчите кои се пајаци. Овој режим претставува варијација на основната формула и овозможува директна конкуренција меѓу играчите.

Со сиот овој хаос кој ве очекува, од кооперативно искоренување на пајаци низ различни димензии до адреналински PvP натпревари каде можете да бидете и пајак и ловец, Kill It With Fire 2 нуди уникатна мешавина од акција, комедија и мултиплеер забава. Ако сте подготвени да се соочите со еден од најголемите човечки стравови на најспектакуларни можни начини и да уживате во тоа со пријателите, тогаш ова е играта за вас.







