За време на изборниот ден на претседателските избори во Романија, земјата била под „сајбер опсада“. Цели на нападите се Романскиот уставен суд, владиниот портал, сајтот на Министерството за надворешни работи и веб сајтовите на четири претседателски кандидати.
Одговорноста за сајбер нападите ја презема про-руската хакерска група која се идентификува како NoName057(16). Оваа група, е формирана на почетокот на руската инвазија на Украина во февруари 2022 година. Групата е проруска, но официјално не е поддржана од властите во Русија. Омилена алатка за напад и се DDoS (distributed denial-of-service) нападите. Нападите вклучуваат едноставни техники. Нивната ефикасност се потпира на координирана акција на голем број волонтери кои ги преплавуваат целите со огромен обем на непотребен интернет сообраќај, пишува The Record. Инцидентите се добра илустрација за ранливоста на критичната инфраструктура и политичките процеси на една држава во современиот свет.
DDoS нападите, функционираат со преоптоварување на целните веб-страници со огромен и непотребен интернет сообраќај. Овој интензивен прилив на податоци ги исцрпува ресурсите на серверите, што доведува до нивно забавување, нестабилност или целосен прекин во работата, со што корисниците не можат да пристапат до нив. Во случајот со Романија, цел на овие напади беа клучни државни институции и политички актери.
Ова е продолжение на над 85000 сајбер напади регистрирани од романските разузнавачки служби за време на изборите во ноември.
„NoName057(16) првпат станаa познати во март 2022 година, кога ја презедоа одговорноста за серија DDoS напади врз украински издавачи како што се Zaxid и Fakty UA. Овие акции имаа за цел да го блокираат пристапот до информации што групата ги сметаше за антируски, означувајќи го почетокот на континуирана кампања на дигитално нарушување во контекст на руската инвазија на Украина.“, вели Techrider.ro.
Основната мотивација на групата NoName057(16) е тесно поврзана со геополитичките тензии и конфликтот во Украина. Цели на групата се државите кои отворено ја поддржуваат Украина и се противат на руските напади. Некои држави кои биле цели на нивните напади се Полска, Чешка, Литванија и Италија. Акцијата во Романија може да се толкува како обид за дестабилизација на политичкиот процес и потенцијално влијание врз јавното мислење. Самата група го опиша својот напад како „DDoS изненадување“ за Романија на денот на повтореното гласање. Ова веројатно доволно зборува за нивната намера да го нарушат изборниот процес.
Групата NoName057(16) јавно ја презеде одговорноста за овие сајбер напади преку нивниот официјален канал на платформата Telegram. Со преземањето одговорност, не само што ја потврдија својата вмешаност, туку и јавно ја демонстрираа својата способност да извршуваат координирани напади врз значајни цели во земјите кои ги сметаат за противници во контекст на војната во Украина. Овие настани се сериозен предизвик за сајбер безбедноста на Романија и ја покажуваат потребата за постојано зајакнување на одбранбените механизми во сајбер просторот.