Инфлуенсерката Хејли Велш, или подобро позната како „Hawk Tuah“-девојката, неодамна ја искористи својата популарност за да промовира меме токен. Проектот и Велш ветуваа проект кој има поддршка од заедницата и кој ќе им помогне на аматерите во крипто светот да влезат во „Web3“. Иако ветувањето беше за откривање на нов и возбудлив проект, на крај инвеститорите останаа измамени и со празни џебови. На нивна сметка инсајдерите се збогатија за милиони.
Проектот е пример за тоа како комбинација на хипер-промоција, лоша економија на токени и непреземање на одговорност може да претвори било каков проект во финансиска катастрофа.
Меме крипто-токенот за подобра препознатливост го доби името $HAWK. Набрзо по неговото лансирање имаше краток но голем скок во вредноста, но само за неколку часа неговата вредност падна за 10 пати. Пазарната капитализација на $HAWК падна од 490 милиони американски долари, на 41,7 милиони американски долари. Очекувано, падот донесе огромни финансиски загуби за инвеститорите.
По настанот Велш и нејзините партнери се обвинети за инсајдерско тргување и организирање на „pump-and-dump“ шема. Хејли го отфрли овие обвинувања додавајќи дека токените не биле на продажба за време на лансирањето. Ниту таа ниту некој од тимот продал токени, ова го направиле да ги одвратат „снајперите“ преку високи почетни давачки.
Проект со куп проблеми
Критичарите на проектот зборуваа за проблемите на економијата на токените на проектот и распределбата на средствата. Популарниот јутубер Coffeezilla кој истражува финансиски крипто измами зборуваше со Велш и тимот зад $HAWK. Тој го критикуваше проектот, констатирајќи дека луѓето со инсајдерски информации профитирале на сметка на инвеститорите. На крајот ги обвини за лошо управување со проектот и недостиг на транспарентност.
Адвокатот на Велш изјави дека на инфлуенсерката однапред ѝ биле исплатени 125 000 американски долари и дека и биле ветени 50% од нето приходите по порамнување на трошоците. Адвокатот нагласи дека Велш немала намера да ги доведе во заблуда нејзините фанови и имала за цел да создаде токен управуван од заедницата. Со оглед на овие случувања, можеби Велш и не била свесна за опасностите од злоупотреба во проектот. Нејзината улога секако започнува и завршува со промоцијата и можеби и не била целосно информирана за техничките и финансиските комплексности што може да доведат до злоупотреба. Секако, како заштитно лице на проектот, и таа носи одредена одговорност за загубите што ги доживуваат нејзините следбеници.
Иако Велш можеби намерно не организирала измама, нејзината поврзаност со проектот и недостатокот на внимание придонеле за ситуација во која луѓето кои и поверувале претрпеле финансиски загуби. Инцидентот ја нагласува важноста од тоа инфлуенсерите и самите да ги проверат инвестициите што ги промовираат и поддржуваат. Ова е супер важно кога станува збор за сектор како меме-валутите кои и натаму се исклучително нестабилни.
Лансирањето и привлечноста за лаиците
Меме токенот HAWK требаше да биде дизајниран да ги воведе новите инвеститори во светот на крипто валутите и децентрализираните финансии. Препознатливиот лик на Велш и нејзиното присуство на друштвените мрежи, заедно со растот на Bitcoin помогнаа да бидат привлечени нови лица кои немаа искуство со крипто-валутите. Ова и беше намерата на целиот проект – да привлече луѓе надвор од крипто светот. За жал ,се чини дека причината за ова е иницијаторите на проектот да не мора да одговараат на непријатни прашања.
$HAWK didn’t disappoint
— Bubblemaps (@bubblemaps) December 4, 2024
96% of the supply in one cluster
nice 🤡 https://t.co/AP645QzkfI pic.twitter.com/ERHTG7v5oa
Во претпродажба проектот од првите инвеститори собра 3,3 милиони долари. Инвеститорите очекуваа дека ќе заработат и повеќе. Обожавателите на Велш го поддржаа проектот, но не знаеја дека тие ќе бидат жртви на измама.
Проблемите на $HAWK
Зад ветувањата за креирање на заедница, проектот имаше вградени фатални грешки. Најголем дел од токените, дури 96 отсто беа во раце на тимот. Овие токени беа распределени во различни паричници. Инсајдерите веднаш по лансирањето на токенот ги продале сите коини. Поради оваа „ликвидација“, вредноста на токенот веднаш почнала да паѓа.
На инвеститорите во претпродажба им беа доделени токени во вредност од 16,69 милиони американски долари. Веднаш по лансирањето, многумина ги ликвидираа своите средства, профитирајќи на сметка на новите купувачи. За луѓето кои купуваат во јавна продажба, ова значеше непосредни загуби бидејќи вредноста на токенот драстично падна.
Високи трошоци за трансакција за ништо
Дополнителен проблем на проектот се и исклучително високите трошоци за трансакција. Објаснувањето за високата провизија е да се одвратат ботовите од трговија. Сепак, само во првите 24 часа самите надоместоци им генерирале 2 милиони долари на основачите. Еден „снајпер“ трговец успеал да заработи 1,3 милиони долари, а ова е значително помала заработка од средствата кои основачите на проектот ги заработиле од трансакциите.
На прашањето на Coffeezilla кое се однесувало на милиони заработени од трансакции, еден од претставниците одговорил „На кого му е гајле за што се користат трошоците за трансакција?“. Според нив проектот има 18 вработени и значителни оперативни трошоци.
Кои се жртвите
Најголем дел од жртвите на „проектот“ се таканаречени лесни цели. Тоа се купувачи кои за првпат се дел од крипто светот. Најголем дел од нив не знаат ништо за криптовалутите, но им се допаѓа Хејли Велш и го поддржале проектот поради неа. Поради недостатокот на знаење и искуство, не можеле да ги забележат проблемите на проектот и биле лесна мета.
Проектот не се ни обидувал да привлече искусни трговци и познавачи на крипто-светот. Наместо тоа се фокусирале на луѓе кои за првпат се во допир со крипто. Привлечени од инфлуенсерката, не ни размислувале за проблемите. Тоа што најголем дел од купувачите немале искуство со криптовалути не треба да биде изненадување. Концептот на проектот е да привлече луѓе надвор од крипто сферата. $HAWK е наменет за секојдневните интернет корисници да ги воведе во светот на Web3.

За жал, недостатокот на искуство значи и дека овие корисници не можеле да ги препознаат проблемите кои ги има меме-токенот. За голем дел од купувачите овој токен можеби е начин да се приклучат и да ја поддржат заедницата, а не да инвестираат во исклучително ризичен проект. Довербата на обожавателите на Велш беше изиграна веднаш, штом инсајдерите ги продадоа своите токени.
Жртвите, се лојални следбеници на Хејли Велш. Многумина поверуваа на нејзината поддршка без скептицизам. Кредибилитетот на Велш како личност со која може да се поистоветат создаде илузија на легитимност. Нејзините обожаватели не гледаа на ова како можност за финансиска добивка. Гледаа како шанса да поддржат креатор кој им се допаѓа и да учествуваат во нешто возбудливо. За овие „новодојденци“, емоционалната привлечност на проектот ги засени неговите технички недостатоци. Термините како „стратешка распределба“ и „претпродажба“ веројатно не им значеле ништо. Тие не беа свесни дека 96% од понудата на токени е под контрола на креаторите, ниту дека тоа е лошо. Ниту се сомневале дека инвеститорите во претпродажба практично ќе го срушат пазарот.
Со фокусирање на неискусна публика, креаторите на „HAWK“ обезбедија дека повеќето од нивните инвеститори не знаат дека влегуваат во стапица. Ова ја прави измамата исклучително подмолна – не финансиската штета, туку изневерувањето на довербата од група луѓе кои не ни знаеле дека треба да се заштитат.
Hawk Tuah не е осамена
Случајот со HAWK не е изолиран инцидент. Toj претставува тренд во крипто измамите чија цел се неинформираните инвеститори. Токените често се потпираат на возбуда и поддршка од инфлуенсери за да привлечат купувачи. Вообичаено оваа поддршка доаѓа без никаква одговорност, па тие брзо се претвораат во финансиски катастрофи. Сагата HAWK е предупредување за крипто-инвеститорите, инфлуенсерите и регулаторите, со тоа што ја нагласува важноста на вниманието, транспарентноста и одговорноста во простор кој не е многу регулиран и има простор за злоупотреба.

Тринаесетгодишен стример неодамна со манипулација на својот токен успеа да заработи 30 000 американски долари. Тринаесетгодишникот создал своја криптовалута, која ја нарекол $QUANT. Потоа, за време на видео стрим во живо направил „rug-pul“– практика во која се манипулира со вредноста на монетата. Вложил сопствени средства за да ја зголеми вредноста на токенот. Ова привлекло други инвеститори и вредноста рипнала. Откако цената се зголемила, момчето ги повлекло своите средства и заработило 30000 долари.
Сепак, крипто-заедницата одлучила да му покаже дека овие манипулации имаат последици. Тие масовно вложиле во $QUANT по неговото повлекување, што ја зголемило вредноста на монетата до огромни размери. Ако момчето почекало со повлекувањето, неговата заработка од 30000 долари ќе достигнела неверојатни 4 милиони долари, пишува Uniladtech.
Проектите како овој ја покажуваат и потребата од етичката одговорност на инфлуенсерите кои промовираат крипто проекти. Додека некои можеби наивно веруваат во проектите што ги поддржуваат, други може да бидат соучесници – или да не сакаат да ги дознаат потенцијалните злоупотреби. Останува прашањето: Кој ќе ги заштити неискусните инвеститори од следниот ваков проект? И дали инфлуенсерите конечно ќе понесат дел од одговорноста за финансиската штета што ја предизвикува нивната поддршка?
— cleofis (@thiscleofis) December 4, 2024







