Trident’s Tale е акционо-авантуристичка игра која ве поканува да се впуштите во амбициозно поморско патување. Преземајќи ја контролата над Оушн, млада капетанка со храбар дух, ќе имате за цел да го пронајдете митски артефакт. Овој артефакт, според легендите, му дава моќ на носителот да управува со морињата. Но, за да успеете низ оваа цел, ќе мора да поминете низ огромен и непредвидлив океански свет, исполнет со многу предизвици, опасности, детска приказна и лоша глума.

Централен елемент на играта е управување со брод во динамични поморски судири. Сепак, мора да се потенцира дека се работи за крајно едноставна, но шаренолика верзија на она што можеби има во значително покомплексни поморски наслови. Тактичкото користење на топовите и умешното маневрирање се од клучно значење за успех во овие битки. Изведбата не е лоша и све сведува на нишанење со камерата кон непријателскиот брод и исфрлање проектили во одредени временски моменти. За полесно справување со предизвиците, имате можност да го подобрувате и приспособувате вашиот брод. Во поглед на пресметки, ќе можете да се соочувате со различни ривалски пирати и импозантни морски суштества.

Покрај поморските битки, играта вклучува и едноставен систем за битки на копно. Борбата се одвива преку употреба на меч, магија и огнено оружје, со по неколку специјални способности за делумно разбивање на монотонијата. Нема ништо посебно и во овој дел, особено за повозрасната публика која се надева на попредизвикувачки и позадоволителни пресметки. Горе-долу, работите се сведуваат на одење од една до друга точка низ релативно малите мапи, убивање на непријателите, собирање работа-две и одново враќање кон брановите. Океанот изобилува со различни острови, од кои секој крие свои тајни, вредни богатства и уникатни предизвици. Истражувањето вклучува откривање скриени подземни локации, решавање инвентивни загатки и пронаоѓање ретки предмети кои придонесуваат за зајакнување на екипажот.

Trident’s Tale претставува пиратска авантура која се обидува да комбинира поморски битки, истражување на голем свет и копнени борби. Додека управувањето со бродот и пресметките на море нудат визуелно пријатно искуство, нивната изведба е прилично директна, фокусирана на едноставно нишанење и темпирање, што можеби нема да ги задоволи оние кои бараат комплексни тактички поморски симулации.
Истото ниво на едноставност се забележува и во копнениот борбен систем, кој, и покрај присуството на специјални способности, може да стане монотон за играчи навикнати на подлабоки борбени механики. Истражувањето на бројните острови и решавањето загатки придонесуваат за разновидноста на содржината. Сепак, наративот и општата презентација делуваат насочени кон помлада публика, што може да рефлектира и во приказна и во квалитетот на глумата. Како резултат на тоа, Trident’s Tale може да биде привлечна за играчи кои бараат полесна, шаренолика пиратска авантура, додека хардкор фановите на жанрот можеби ќе најдат одредени аспекти премногу едноставни и неисполнителни.




Повеќе детали за играта
- Произведува: 3DClouds
- Издава: 3DClouds
- Жанр: авантура
- Платформа: Microsoft Windows, конзоли
- Излезена на: 22 мај 2025







