Вештачка интелигенција во образованието: Новиот дигитален фокус на Европа

Sora

Ова е гостински текст на Бојан Кордалов, виш експерт за комуникации, застапување и дигитална писменост. Тој има над 20 години искуство во областа на видливост, кампањи за односи со јавност и стратешко консултирање. Бојан Кордалов моментално е директор за креирање политики и комуникации во Европскиот Центар за Извонредност во Брисел.


Бојан Кордалов

Во Европа, почнувајќи од Брисел па понатаму, често се отвора едно клучно прашање: Kaко да ги искористиме можностите што ги нуди вештачката интелигенција (ВИ) во образованието, а притоа да ги заштитиме еднаквоста, етиката и довербата?

Ова не е теоретска дилема, туку веќе дел од секојдневната реалност. Низ училниците во ЕУ и пошироко, ученици и студенти користат алатки како ChatGPT, Gemini или Perplexity за да пишуваат есеи, решаваат задачи или совладуваат нови поими. Наставниците, пак, користат ВИ за планирање на часови, оценување на писмени задачи, како и за поддршка во реализирањето на наставните програми. Технологијата е веќе тука. Прашањето е: дали нашите јавни институции, образовни системи и вредности се подготвени за неа?

Работејќи повеќе од 20 години во стратешка комуникација, застапување и дигитална писменост (во директна соработка со институции на ЕУ, национални и образовни институции) осознав една едноставна вистина: луѓето не се плашат од самата технологија, туку од тоа да бидат исклучени поради технологијата. Вистинската нееднаквост и страв кај луѓето не произлегуваат од самата ВИ како алатка, туку од тоа колку (не) сме подготвени да ја користиме етички и ефикасно.

Затоа е крајно време да престанеме да се однесуваме како ВИ допрва треба да стапи на сцената. Таа веќе е длабоко вградена во процесите на учење, работа и живеење. Она што ни недостасува е искрен и инклузивен разговор (низ образовните институции, училниците, па дури и во институционалните коридори) за тоа како понатаму да ја регулираме и насочиме нејзината употреба во корист на децата, со особено внимание кон улогата на наставниците.

Опасно и контрапродуктивно е да се осудуваат наставниците, родителите или учениците само затоа што користат ВИ алатки во процесот на учење. Впрочем, вистинскиот ризик е во фактот што тоа мораат да го прават без поддршка за развивање на ВИ критичко размислување и вредности. Ваквото негирање создава култура на тајност и нееднаквост, односно води кон принципот да оние што имаат пристап и знаење напредуваат, а другите да останат збунети или казнети.

Наместо тоа, ВИ треба да се третира како и секоја претходна алатка што влегла во образованиот процес, на пример дигитрон, географски глобус, интерактивна табла, интернет или видео-содржини. Нивното влијание зависело од начинот на користење, а не од самото постоење. ВИ е многу понапредна, но принципите за нејзина интеграција во образованието не треба да се разликуваат со иновациите од претходните декади.

Ако образовните системи и натаму формално ја игнорираат масовната употреба на ВИ (а неформално сите се базираме на овие алатки), тогаш испраќаме контрадикторни пораки до учениците и студентите. ВИ може и треба да се користи за поттикнување на самостојното и критичко размислување, а не за негово потиснување.

Но, тоа бара промена на начинот на размислување. Како што често нагласувам на моите обуки и консултации со наставници и креатори на политики: проблемот воопшто не е што младите користат ВИ. Проблемот е кога ние не разбираме како функционира, а потоа и нив не ги учиме како да ги користат овие ВИ алатки одговорно и етички!

Институциите итно треба да развијат јасни и етички насоки за користење на ВИ во образованието. Но, правилата сами по себе не се доволни, ако не ги надополниме со инвестиции во обука, свест и дигитална педагогија. Ако не делуваме брзо, ќе се соочиме самите себе со прашањата: зошто младите се сè помалку ангажирани во образованието, односно зошто младите таленти си заминуваат кон пофлексибилни, дигитално прилагодени образовни системи.

Како што посочив и во неодамнешно интервју: вистинската опасност не е присуството на ВИ, туку нашето преправање дека ВИ не постои. Негирањето на реалноста води кон зависност. Транспарентноста, пак, носи поддршка и наше зајакнување!

Европската унија има уникатна можност да води на глобално ниво и тоа не само во регулацијата на Вештачката интелигенција, туку и во нејзино инклузивно управување. Тоа значи да се слушаат наставниците, младите и граѓанскиот сектор, а не само програмерите и министрите. Официјален Брисел веќе постави правни темели со Законот за ВИ и Дигиталниот акт за услуги (DSA). Сега, тие рамки мора да се оживеат и спроведат во пракса, односно на теренот: во училиштата, за време на обуките и во рамки на образовните системи низ целиот континент. И ова треба брзо да се спроведе.

Дигиталната трансформација не смее да се темели на страв. Таа треба да се базира на релевантност, пристапност и доверба. Ако институциите ја регулираат, а граѓаните ја користат ВИ транспарентно и етички, таа ќе остане алатка што ни служи нам. Но, ако негираме дека ВИ постои, а во исто време тајно се потпираме на неа, ризикуваме да станеме зависни на начин кој веќе нема да го разбираме ниту контролираме.

Тука не се работи само за технологијата, туку станува збор и за демократијата. За тоа да им понудиме на идните генерации не само пристап до дигитални и ВИ алатки, туку првенствено знаење и вредности како да ги користат правилно и позитивно. И токму тука започнува вистинското европско лидерство…

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Inline Feedbacks
View all comments