TikTok има уште една причина за загриженост. Друштвената мрежа го загуби својот прв судски спор против одлуката на Европската унија според која TikTok е доволно голем да може да се смета за компанија вратар (gatekeeper). Судиите на Основниот европски суд проценија дека платформата подлежи на новиот Закон за дигитални пазари (DMA). Оваа законска регулатива, го уредува ограничувањето за монополско однесување меѓу големите технолошки компании, a започна да се спроведува од 2 мај 2023 година.
Судска одлука
Европскиот основен суд заклучи дека компанијата ByteDance Ltd. во чија сопственост е TikTok, ги исполнува критериумите за вклучување под DMA. Судиите нагласија дека големината и влијанието на платформата налагаат регулаторска контрола.TikTok ќе може да ја обжали оваа одлука пред Европскиот суд на правдата. Сепак во овој случај судиите утврдија дека аргументите на ByteDance не се доволни за да се поништи додавањето на TikTok во компаниите чија работа е регулирана и со Уредбата за дигитални пазари.
Сервисот за споделување на видеа изрази разочараност од одлуката на Судот, додавајќи дека веќе преземале чекори за усогласување со DMA. Портпаролот на Европската комисија потврди дека ќе продолжат да работат со ByteDance за да обезбедат усогласеност со DMA.
Што уредува DMA
DMA ги таргетира технолошките гиганти со значителна пазарна моќ, воведувајќи строги мерки за да се спречи антиконкурентската практика. Клучните одредби вклучуваат:
- Со уредбата се опфатени сите компании кои имаат годишни приходи над 7,5 милијарди евра или пазарна капитализација од 75 милијарди евра, и 45 милиони месечно активни корисници во државите членки на Европската унија.
- Законот забранува платформите да ги фаворизираат своите услуги и сервиси, да ги користат податоците собрани од конкурентите за да понудат подобри понуди од нивните, или да ги ограничуваат корисниците во преземањето апликации од конкуренцијата. Дополнително компаниите не смеат без дозвола од корисниците да групираат податоци од повеќе различни сервиси.
Поголеми проблеми за TikTok надвор од Европа
TikTok се соочува со поголеми проблеми надвор од Европа. Властите во САД инсистираат Byte Dance да ја продаде видео платформата. Причина за обидите за регулирање на работата на TikTok е стравот поради кинеското потекло на компанијата. Доколку компанијата не ја промени сопственоста, не е исклучена забрана за работа во САД. Една добра вест за TikTok во САД е дека претседателскиот кандидат Доналд Трамп, најави дека не е за забрана на TikTok.
Покрај предизвиците со Уредбата за дигитален пазар, TikTok е под истрага од страна на европските законодавци поради креирање на функционалности кои може да бидат опасни за деца. Предвидените казни можат да достигнат и до 1% од нејзиниот годишен приход под Законот за дигитални услуги на ЕУ.
Одлуката на Европскиот основен суд е значајна за тековните напори на ЕУ за регулирање на големите технолошки компании и го истакнува предизвикот со кој TikTok се соочува додека се обидува да излезе од правните „лавиринти“. Европската унија веќе покажа дека е сериозна кога е во прашање спроведувањето на уредбата, а неколку американски компании веќе се под истрага за прекршување на обврските.







