Убавината на средување и продавање стари работи, со Trash Goblin

Trash Goblin е релаксирачка симулација во која откривате најразлични предмети. Потоа, на истите им вдахнувате нов живот така што ги чистите со најразлични алатки. На крај, истите ги продавате на, обично, ексентрични муштерии. Засукајте ги ракавите и печалете пари за да можете да ја надградувате вашата продавница, да купувате нови алатки за подобро обновување на предметите, како и да го ширите вашиот бизнис низ градот. Нашиот впечаток од демото останува ист! Trash Goblin е интересна cozy игра со малку поразлични механики кои целосно се фокусираат на убавината која произлегува од средување и продавање стари предмети.

Љубов кон ѓубре

Ние најмалку имаме право да осудуваме. Така да, доколку сметате дека ѓубрето е вашата пасија, тогаш развојното студио Spilt Milk штотуку ја исфрли играта која ќе ви дозволи да ги реализирате вашите чудни прекрасни аспирации! Trash Goblin е замислена да биде релаксирачка симулација во која си имате продавница, и многу ѓубре. Преку користење најразлични алатки, потребно е да прочешлате низ ѓубрето што ви се секојдневно испорачува и да пробате да направите нешто од ништо.

Па така, прво што треба да направите е да ги исчистите непотребните нечистотии за да видите што се наоѓа во сржтта. Мора да признаеме, иако се работи за едноставна механика на кликнување се додека не се уништат околните коцки, забавно беше да чепкаме се повеќе и повеќе и да видиме каков предмет ќе откриеме. Бројните предмети знаат да влечат силна инспирација од фантазиските светови, дозволувајќи ви да си играте со черепи, магични предмети, играчки и оружја. Првично, предметите се доста валкани, но со внимателно чистење, брзо ќе се здобиете со импресивен примерок.

Интересно е и тоа што, доколку сакате, самите предмети ќе можете да ги надградувате, односно да им додавате дополнители елементи за да ги направите поинтересни и, со самото тоа, да спечалите некој златник повеќе. Ова е еден од нашите најзабавни делови каде целосно можевме да ја негуваме нашата креативна страна и да пробаме да изнајдеме најразлични начини за дополнително разубавување на предметите!

Откако сево ова ќе го направите, на ред е да пробате истите работи да ги продадете. Тука доаѓа вториот интересен дел. Вашите муштерии се исклучително интересни. Се работи за внимателно осмислени карактери и паметно напишани дијалози. Некои од разговорите ќе ве насмејат, а некои замислат. Некои се тука само колку да им помине времето и да раскажат приказна-две, а некои се озбилни и пробирливи купувачи кои точно знаат што сакаат. Едноставно не знаевме во кој дел повеќе да уживаме, дали во самостојната релаксирачка работа на реставрирањето, или пак во откачените разговори со ликовите.

Златото што ќе си го печалите можете да го користите за проширување на вашиот арсенал од алатки, како и проширување на вашиот работен простор. Имено, имате на располагање 8 алатки и 50 предмети и додатоци. Овие алатки ќе ви дозволат да работите со стотици комбинации и креативно да ги разрешите 15-те квестови кои ви стојат на располагање. На крајот од денот, време е и да одморите во вашето мало аголче и да си го декорирате онака како што сакате. Ветуваме, никој нема да ве осудува за тоа. Тоа е и, патем, една од предностите да се биде гоблин.

Сите овие гејмплеј механики се вешто вклопени во преубави цртежи и со суптилни анимации. Особено ни се допадна инспиративната и релаксирачка музичка подлога која мајстроски ја доловува магичната атмосфера и гради преубав фантазиски свет. Топла препорака, ако ништо друго, барем пружете шанса на одличното демо!

Повеќе детали за играта

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Inline Feedbacks
View all comments