Winter Burrow: Повеќе од преживување
Winter Burrow е еден од оние наслови кои веднаш привлекуваат внимание со својот шарм. Оваа cozy шумска игра за преживување нè става во улога на мало глувче кое се враќа од големиот град во својот дом од детството, само за да открие дека тој е целосно во урнатини. Како работите да не се доволно комплицирани, неговата тетка, која требало да се грижи за дупката, е исчезната. На вас останува да го обновите домот, а и да ја истражите мистеријата во студената дивина.

Гејмплејот потсетува на игри како Don’t Starve, но со значително помалку притисок и повеќе релаксиран пристап. Главните механики вклучуваат истражување на замрзнатиот предел, собирање витални ресурси како дрва и храна, и секако, crafting. Ќе создавате алатки, ќе плетете топли џемпери за да се заштитите од студот, па дури и ќе печете пити. Иако постојат елементи за преживување како што се скали за топлина, глад и енергија, играта ви дозволува да напредувате со сопствено темпо, без строги рокови. Покрај борбата со инсектите во дивината, важен дел е и социјалниот аспект – ќе запознавате нови пријатели, ќе го проширувате вашиот прирачник за преживување и ќе ја прилагодувате и декорирате вашата дупка за да стане вистински дом.

Winter Burrow користи прекрасен, рачно цртан визуелен стил кој изгледа како илустрациите од омилената детска сликовница да оживеале. Изометриската перспектива нуди јасен преглед на светот, кој е полн со детали инспирирани од класици како The Wind in the Willows. Звучниот дизајн ја надополнува оваа атмосфера со суптилни амбиентални звуци – шушкањето на снегот, завивањето на ветерот и пријатното крцкање на огнот во вашата дупка. Сето ова е придружено со нежна и меланхолична музичка подлога која совршено го доловува чувството на истовремена опасност и сигурност.

Winter Burrow нуди привлечен спој на лежерно преживување, длабок систем на изработка и приказна обвиткана во мистерија. Насловот е наменет за играчи кои сакаат да се изгубат во шармантен свет, да градат и создаваат без постојан стрес, но сепак да чувствуваат дека имаат цел. Ако барате игра која го балансира студенилото на авантурата со топлината на домот, Winter Burrow дефинитивно вреди да се земе во предвид.

Devil Jam: Рокенрол во Пеколот
Devil Jam доаѓа од студиото Rogueside и храбро навлегува во сè попопуларниот survivors-like roguelite жанр. Приказната е, како што може да заклучите и од насловот, метал, поставувајќи ве како музичар во подем кој, по потпишувањето на проколнат договор со Ѓаволот, е одвлечен во длабочините на пеколот. Вашата задача станува изведување на епска свирка на задгробниот живот, борејќи се низ орди на демонски фанови и пеколни ривали, со крајна цел да ја победите самата смрт. Оваа пеколна турнеја ја спојува хаотичната акција со уникатен систем заснован на ритам.

Devil Jam ги следи веќе докажаните правила каде се движите низ мапата додека вашиот лик автоматски напаѓа, а вие избегнувате непријатели и собирате искуство од нивните паднати души. Уникатниот пресврт е што вашите напади, кои доаѓаат од опседнати инструменти, се автоматски врзани за ритамот на музиката. Во таквиот хаос, на располагање имате иновативен систем на инвентар со 12 слотови. Се работи за тактичка мрежа каде што позиционирањето на вашите вештини и засилувања е клучно за создавање на моќни синергии. Со секое ново ниво, избирате од понудените надградби.

Со рачно цртан уметнички стил кој потсетува на наслови како Hades, Devil Jam го претставува пеколот како стилска, неонска рок-опера. Анимациите се течни, а визуелните ефекти на вештините се живописни, создавајќи пријатен, иако на моменти пренатрупан, хаос на екранот. Саундтракот е полн со жестоки хеви метал рифови и моќни тапани кои совршено ја диктираат брзата акција.

Devil Jam дефинитивно има цврста и забавна основа. Системот на вештини и синергии нуди многу простор за експериментирање. Сепак, по неколку часа, играта почнува да ги покажува своите ограничувања. Најголемиот недостаток е поврзан со недостатокот на содржина. Играта во моментов нуди само една мапа, што брзо придонесува за чувство на репетитивност. Иако борбите со босовите се забавни, има само три, и тие не се менуваат. Понатаму, зголемувањето на тежината главно се сведува на зголемување на статистиките на непријателите, наместо на воведување нови предизвикувачки механики. Со додавање на повеќе мапи, музички нумери и карактери, Devil Jam има огромен потенцијал да стане вистински хит во својот жанр.

JDM: Made in USA – Американска инвазија во Јапонија
JDM: Japanese Drift Master ги освои фановите со фокусот на јапонската дрифт-култура и автентичните возила. Сепак, најновата експанзија, Made in USA, го менува тонот и носи сосема поинаков пристап на јапонските патеки. Ова DLC, кое беше силно барано од заедницата, воведува шест иконски (иако нелиценцирани) американски возила: Ironvale Thunderbolt T40, Ironvale Stallion ’69, Taipan, Delray Vanquisher TR, Delray Venom и Falcon HellFeather.

Наместо агилните јапонски дрифтери, Made in USА носи тешки автомобили кои се однесуваат сосема поинаку на патот. Чувството на возење е фокусирано на брутална сила и контрола на задниот дел при забрзување. Пакетот вклучува и 30 нови, уникатни делови за тјунирање, овозможувајќи ви да ги приспособите овие ѕверови или за целосна доминација на патеката или едноставно за привлекување погледи додека крстарите низ отворениот свет.

Визуелно, новите модели на автомобили изгледаат одлично и успешно го доловуваат агресивниот и робустен дизајн на американските класици. Деталите на каросеријата и новите делови за тјунинг овозможуваат длабока кастомизација. Сепак, таму каде што ова DLC навистина блеска е во аудио дизајнот. Звукот на овие возила е феноменален. Длабокиот, грмогласен татнеж на V8 моторите е нешто што очигледно недостасуваше во основната игра и додава сосема ново ниво на уживање додека возите.

JDM: Made in USA е одличен додаток за секој сопственик на основната игра. Иако е контраст на JDM темата, токму таа различност го прави пакетот вреден. Ако сте барале поголема разновидност во вашата гаража или едноставно сте љубител на американската автомобилска култура, оваа експанзија нуди доволно квалитетна содржина и ново возачко искуство што дефинитивно вреди да се проба.








