Earth vs Mars е интересен експеримент од Relic Labs, помала дивизија во рамките на познатото студио Relic Entertainment, насочена кон создавање на пофокусирани и поиновативни наслови кои се надвор од нивните вообичаени огромни продукции. ЕvM ве поставува во улога на команданти на земјините одбранбени сили кои се соочуваат со катастрофална инвазија од Марс. Ваквата идеја влече силна инспирација од класичните научно-фантастични филмови од Б-продукција од средината на 20-тиот век, поставувајќи темели за еден универзум каде стереотипните зелени вонземјани и летечки чинии се двигатели на дејството.

Приказната започнува по децении на суптилни киднапирања на луѓе и животни од страна на Марсовците, кои сега ескалираат во отворена војна за доминација над Земјата, принудувајќи го човештвото да прибегне кон очајни мерки за опстанок. Наративната позадина длабоко влијае на целокупниот тон на играта, балансирајќи помеѓу сериозна тактичка длабочина и намерно пренагласен, хумористичен дијалог. Финалниот резултат потсетува на култните класици, нудејќи освежувачки, па и бизарни погледи на апокалиптичното сценарио.
Earth vs Mars ви сервира серија на мисии кои постепено ја откриваат вистинската природа на марсовската закана, вклучувајќи ги и нивните гротескни експерименти и биолошки оружја, додека истовремено ве запознаваат со екипа на уникатни команданти, секој со свои уникатни карактерни црти и мотивации.

Earth vs Mars се истакнува од традиционалните потезни стратегии со таканаречениот Splice-O-Tron. Механиката ви овозможува да комбинирате војници со генетски материјал од различни животни за да создавате хибридни супер-војници. Системот игра клучна улога при стратешкото планирање бидејќи секоја хибридна единица носи специфични предности и слабости на бојното поле. Комбинирањето ви помага полесно да, пример, пробивате непријателските линии со брутална сила, да изведувате брзи напади од далечина или лесно да заобиколувате противнички утврдувања.

Тактичката длабочина се зголемува како што напредува кампањата, принудувајќи ве постојано да ја адаптирате вашата армија наспроти еволуирачките закани од Марс, кои, патем, варираат од технолошки напредни лебдечки тенкови до застрашувачки органски ентитети како. Секоја единица, и човечка и вонземска, поседува уникатни способности кои можат да го променат текот на битката, а присуството на различни команданти со нивни специфични моќи додава уште еден слој на комплексност, барајќи внимателно менаџирање со ресурсите и позиционирањето на мапата. Изведбата е одлично направена и, доколку сте фанови на механиките видени во наслови како XCOM или Advance Wars, дефинитино ќе уживате во насловот кој, овде, има уникатен биолошки пресврт.

Надвор од самата борба, Earth vs Mars нуди значителен пакет на содржини, ефикасно продолжувајќи го животниот век на играта по завршувањето на примарната кампања. Самата кампања е обемна, содржејќи над 30 рачно дизајнирани мисии кои нудат околу 20 часа игра. Дополнително, секоја мисија воведува нови предизвици и околини кои спречуваат искуството да стане репетитивно. Доколку, пак, барате натпреварувачки предизвик, ќе наидете на робустен мултиплеер режим каде што можете да ги одмерите силите еден против друг.

Map Lab, од друга страна, е целосно опремен уредувач на мапи кој им дава на креативните корисници алатки за дизајнирање на сопствени сценарија и боишта, кои потоа можат да се играат во VS Mode, односно против вештачката интелигенција. Сите мапи, подразбирливо, може без проблем да се споделат со заедницата. Овие режими, заедно со Challenge Mode-от кој е фокусиран на постигнување високи резултати, обезбедуваат долготрајна вредност и реиграбилност, дозволувајќи ви максимално да ги усовршите вашите тактики во контролирани или хаотични услови.
Од технички и естетски аспект, играта презентира живописен 3D свет кој успешно го доловува препознатливиот ретро-футуристички стил, давајќи ви експресивни дизајни на единиците кои јасно ги комуницираат нивните улоги и способности. Графиката, иако можеби не е на ниво на најскапите ААА продукции, е стилизирана и функционална, со јасни визуелни ефекти кои помагаат во читливоста на бојното поле. Звучниот дизајн заслужува посебно внимание, особено поради целосната гласовна глума која им дава живот на командантите и единиците, дополнително засилувајќи ја атмосферата преку драматични и честопати комични реплики за време на клучните моменти од приказната или битките. За пофлуидно искуство и почитување на временските ограничувања, Earth vs Mars се одликува и со опции за забрзување на непријателските потези и прескокнување на анимациите.

Earth vs Mars претставува солидно и шармантно остварување кое успева да го најде својот идентитет во жанрот на потезни стратегии. Иако можеби нема обем или буџет на главните наслови на Relic Entertainment, проектот на Relic Labs покажува што може да се постигне кога помал, страстен тим ќе добие креативна слобода да експериментира со воспоставените формули. Комбинацијата на носталгичен тон, иновативната механика за хибридизација на единиците и цврстите стратешки основи прават насловот да е привлечна опција за ветераните на жанрот кои бараат нешто поразлично, но сепак познато.








